Советот на Европа и ОБСЕ изворно запознати со неправдите врз Македонците во Грција и во Бугарија

Претставници на македонското малцинство во Грција и во Бугарија ги изнесоа проблемите што ги имаат
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
НАНСИ - За време на есенската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, во Стразбур престојуваше заедничка делегација на претставниците на македонското малцинство во Грција и во Бугарија, Павле Васкопулус од Виножито и Стојко Георгиев од ОМО „Илинден“ – ПИРИН, двете членки на Европската слободна алијанса (европска политичка партија). Тие пред високите претставници на Советот на Европа го изнесоа прашањето за третманот на малцинствата во своите матични држави и проблемите со кои се соочуваат при остварувањето на основните човекови и малцински права. Васкопулус ги презентира сите докази на дискриминација на македонското малцинство во Грција, како што е попречување на работата на раководството на Виножито, за носењето судски одлуки против Македонците под директива на грчката државна политика, како, на пример, брифингот на главните уредници на грчките весници на кој им биле дадени директиви како да пишуваат за малцинските прашања. Васкопулос во Стразбур го постави и прашањето за непочитувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права за регистрација на Домот на македонската култура во Лерин. Имено, десет години по донесувањето на пресудата, регистрацијата на Домот е изгубена во лавиринтите на грчките судови. Георгиев, пак, пред европските парламентарци и претставниците на Одделот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права го изнесе проблемот со нерегистрацијата на партијата на Македонците во Бугарија, која бугарската држава веќе 17 години упорно одбива да ја регистрира. Партијата ОМО „Илинден“- ПИРИН се жалеше и на притисоците кои доаѓаат од највисоките државни и политички раководители, како и опасноста да не можат повторно да излезат на избори ако партијата не биде регистрирана. Од Советот на Европа се најавува посета и на експерти за правата на малцинствата во Бугарија и во Грција за да се запознаат за нивниот однос кон малцинствата, во рамки на редовните и вонредните мониторинзи и системи на контрола на почитување на обврските.
 Со поддршка на македонската парламентарна делегација при ПС на СЕ, поведена е иницијатива за отворање расправа пред ПС на СЕ за враќање на државјанствата и на имотите на Македонците од Грција
Претставниците на македонските партии во Бугарија, ОМО „Илинден“ - ПИРИН, и во Грција Виножито, пред да се најдат во Стразбур, претходно учествуваа на годишната средба на ОБСЕ во Варшава, посветена на човековите права. Тие таму рекоа дека се изложени на постојан притисок и малтретирање и оти не им се почитуваат основните права. Членовите на партија на Македонците во Бугарија, кои учествуваа на средбата, рекоа дека се изложени на невидена психолошка тортура. „По повторениот обид да ја регистрираме партијата, бугарските власти почнаа систематска кампања од навредување и заплашување на нашите членови. Сите 5.800 члена на нашата партија, повторувам, сите 5.800 члена беа официјално повикани да се јават во полиција!“, рече претставникот на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.Според партијата, намерата на полициската истрага била не да се најдат неправилности, туку да се обесхрабрат и заплашат граѓаните за да не се зачленат во ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
Како што ни рече во разговорот Стојан Георгиев, „од околу 300 политички партии во Бугарија, само кон нашата партија се применуваат вакви малтретирања“, додавајќи дека бугарската држава не ја почитува одлуката на Судот од Стразбур да ја регистрира нивната партија.
Македонците од Грција, претставени преку партијата Виножито, рекоа дека во линија на грчката националистичка идеологија грчките влади одбиваат да признаат постоење посебен македонски етнички идентитет и македонски јазик. Грција, рекоа тие, не ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства со оправдување дека конвенцијата била само „корисна алатка за растурање на Советскиот Сојуз и за соборување на режимот на Милошевиќ“. Виножито и во Варшава информира дека државата одбива да го регистрира Домот на македонската култура во Лерин, кој е непрофитна граѓанска асоцијација.
„Поминаа речиси две децении - од 1989 година. Берлинскиот ѕид беше урнат, но ѕидовите на предрасудите и неправдата кон македонското малцинство во Грција с? уште постојат“, вели Павле Васкопулос, претставникот на Виножито.
Тие пред околу илјада претставници на влади и на невладините организации- учесници на собирот во Варшава ја охрабрија Грција на пописот во 2011 година да ги потпише и Македонците.
Напорите на Македонците од Грција започнуваат да носат плодови. Како што дознаваме, со поддршка на македонската парламентарна делегација при ПС на СЕ, поведена е инцијатива за отворање расправа пред ПС на СЕ за враќање на државјанствата и на имотите на Македонците од Грција. Иницијативата била поддржана од највлијателните парламентарци, кои принципиелно се залагаат за почитување на човековите права, а некои од нив биле и многу критички настроени и кон Република Македонија во исполнувањето на нејзините обврски кон СЕ. Ако резолуцијата биде донесена, таа нема да биде обврзувачка ниту за Парламентарното собрание на Советот, ниту, пак, за Грција. Сепак, таа ќе придонесе да се засили притисокот врз Грција во поглед лошиот третман кон малцинствата, а можно е да се влијае и со зголемено набљудување од страна на меѓународната заедница. Инаку, пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур се пристигнати голем број предмети од Македонци- бегалци од Граѓанската војна во Грција кои сакаат преку највисокиот европски судски орган да си ги повратат изгубените права кои им ги гарантира Европската конвенција за човекови права. |