Македонците во Грција не го сакаат предлогот на Нимиц
БИТОЛА - Последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот со името, варијантите „Северна“ и „Горна Македонија“, е неприфатлив за македонското малцинство во Грција. Ова во Битола го изјави Атанас Паризис, член на раководството на партијата на Слободна европска алијанса Виножито од Лерин, Грција.
„Предлогот на Нимиц продолжува во ист контекст, во иста атмосфера. Македонија да се принуди да прифати некое друго име надвор од тоа што историски се самата држава и македонскиот народ. Тоа за нас е неприфатливо“, нагласи Паризис.
Вчера Здружението за промоција на Градиште Персеида од Битола, кое има задача да ги проучува настаните и личностите од античкиот период, им додели пет златни медали со ликот на Персеј на партијата Виножито.
Според Паризис, Европа мора да изнајде механизми, да ги притисне владите на Грција и на Бугарија за да се подобрат состојбите со македонското малцинство во овие држави.
„Досега од Брисел не сме почувствувале ништо топло. Се' што доаѓа од северот е ладно. Добри се сите пораки од Брисел како поддршка, но сето тоа останува само на збор. Ако Европа не се трансформира, ако од новиот Устав не се родат механизми што ќе ги притиснат владите кои не ги исполнуваат европските стандарди, не ги спроведуваат законите, одлуките и пресудите од Европскиот суд, од Грција ништо подобро не може да се очекува. Тоа е така и во Бугарија“, велат во Виножито.
Македонците во Бугарија се пожалија дека се под силен политички и полициски притисок да се откажат од намерата за регистрирање партија. Претставници на ОМО „Илинден“- ПИРИН велат дека дури и да се легализираат како партија, Бугарија нема да го признае македонското малцинство во оваа земја, иако се смета дека таму живеат околу два милиона Македонци. (А.Б.)
|