МЕРИДИЈАНИ
Предаденото кралство?
Маи Јамани
Иако Америка и монархиите од Заливот имаат заеднички страв од Иран, сега се спорни многу други работи
Старата изрека „Осаменоста е главата што ја носи круната“, буквално доби ново значење за кралот Абдулах на Саудиска Арабија. Не само што тој гледаше како се соборуваат блиските регионални сојузници, египетскиот претседател Хосни Мубарак и јеменскиот Али Абдулах Салех, туку и колегите крунисани шефови на држави во Бахраин, Мароко и Јордан, исто така, почувствуваа како им се нишаат троновите од јавни протести.
Сега долгогодишниот заштитник на кралството, САД, кои го оставија Абдулах на цедило со прифаќање (против нивна волја) на Арапската пролет, се подготвуваат да ги повлечат своите единици од соседен Ирак. Кој, се прашува Абдулах, ќе го задржи иранскиот волк пред вратата на кралството?
Иако Америка и монархиите од Заливот имаат заеднички страв од Иран, сега се спорни многу други работи во врска со Ирак и регионот. Саудиска Арабија се' уште се згрозува од идејата за демократски Ирак под власт на мнозинството шиити. Шиитите, кои се сметаат за отпадници од вахабистичкиот естаблишмент на кралството, се гледаат како закана за легитимноста и постоењето на суадиската држава, не само поради моќта на Иран туку, исто така, поради големото домородечко шиитско население во кралството, кое е концентрирано околу нафтените полиња во земјата.
Уште од паѓањето на Садам Хусеин, САД бараат Саудиска Арабија да инвестира политички и економски во Ирак. Наместо тоа, саудиските власти ги третираа ирачките лидери со потценување и ги затвораа очите пред вахабистичките фатви, кои поттикнуваа џихадистички доброволци да се борат против шиитските „отпадници“. Избегнувајќи го Ирак во кој доминираат шиити, Саудиска Арабија, во која мнозинство се сунитите, Јордан и земјите од Заливот практично немаат никакво влијание во Багдад и со тоа го оставаат теренот отворен за Иран.
Стравот на Саудиска Арабија околу Ирак е поттикнат од безбедносни причини. И покрај крвавата граѓанска војна што следеше по соборувањето на Садам Хусеин, Ирак се' уште верува дека има право на регионално лидерство. Сепак, монархиите во регионот го исклучија Ирак од Советот за соработка во Заливот. Саудиска Арабија, стравувајќи дека каква било улога за Ирак во одредување на регионалната безбедност би ја намалило саудиската политичка и воена доминација меѓу земјите од Заливот, се' уште не отворила амбасада во Багдад.
Така саудиските и сунитските владетели во Заливот сакаат да ги задржат американските воени сили во Ирак, делумно со цел да ја одржуваат земјата под контрола. Всушност, Кувајт одбива да го прости долгот на Ирак од ерата на Садам и гради пристаниште во Мубарак ал-Кадир, што, пак, Ирачаните го гледаат како отворен обид да се задуши веќе ограничениот пристап на Ирак до Персискиот Залив. Бахраин одговори на критиките од Ирак за неговата политичка репресија запирајќи ги летовите на националната авиокомпанија до Багдад, Бејрут и Техеран, бидејќи сите се сметаат за шиитски демони.
Мнозинството Ирачани длабоко ја мразат Саудиска Арабија - и тоа со добра причина. Саудиските џихадисти имаа централна улога во безредијата во кои загинаа стотици илјади луѓе во годините веднаш по инвазијата предводена од САД во 2003 година. Саудијците дури потрошија милијарди долари за да изградат безбедносен ѕид по должината на долгата граница со Ирак, со цел да се спречи насилството што се извезуваше оттаму.
Ирак и натаму е избегнуван од земјите во регионот контролирани од сунитите. Ирак се обиде да смисли политичка улога за себе во арапскиот свет со учество на арапските самити, но кога дојде негов ред да биде домаќин самитот беше одложен за една година, што делумно се должи на Арапската пролет, но, исто така, и на одбивањето од некои земји во заливот да учествуваат на состанок што би се одржал во Багдад. Военото повлекување на Америка од Ирак, всушност, ќе биде подарок за Иран. Но, причината за тоа е што Саудијците уште од 2003 година се однесуваат како да се плашат од шиитите на Ирак - и од сопствените шиити - многу повеќе отколку од иранскиот режим.
(Авторот, чија најнова книга е „Колепката на исламот“, пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |