Мислења
Булшитери
Јосиф Ќурчиев
Ако сакате да ја прикриете вистинската намера, смислете добар булшит. Тоа е „поелегантно“ од лагата
БЕЗ РАКАВИЦИ
Ако насловот на рубрикава ве асоцира на нешто што веќе сум го напишал – во право сте. Еве, наскоро ќе се навршат две години од тој прв текст под наслов „Булшит“ (петок 17 октомври 2008) во оваа нова серија текстови за „Утрински весник“, која неумесно амбициозно ја нареков „Без ракавици“. Во тој напис се обидов да пренесам што подразбира под булшит американскиот професор по филозофија на Универзитетот Принстон, Хари Г. Франкфурт, во малото по формат и страници , но исклучително значајно и содржински богато истоимено книже.
Прво, ако ми дозволите, само накусо, едно мое „оправдување“. Кога рубрикава ја крстив „Без ракавици“, сметав дека со доволна доза боцкање ќе предизвикам ставање прст на чело за размислување или барем малку реакција од ликовите што во дневниот речник се нарекуваат „оние горе“ без оглед колку сум во право. Но, не требаше да мине многу време да увидам дека, всушност, сум претерано „свилен“ во споредба со намерата и дека во медиумите фрчат такви голи тупаници што кршат коски од прва – дали од пишувачите, дали од политичарите – па се фатив во стапица дека можеби се обидувам да ја наводнам Сахара. Оттаму и она „неумесно амбициозно“ во првиот пасус од текстов, што не значи дека се посипувам со пепел. Решив да истраам во намерата, зашто никогаш не сум пишувал за „рејтинг“, туку за да ме разберат писмените. Да се разбереме, писмени не се луѓето што знаат да читаат и да пишуваат. Тие само не се аналфабети. За вистинска писменост треба многу, многу повеќе труд и напор! Толку во оваа лична исповед.
Зошто се навраќам на темата булшит и булшитери?
Повторно сум должен да објаснам што е тоа булшит според интерпретацијата на господинот Франкфурт која ми го привлече вниманието и која во целост ја прифаќам. Ако пред две години буквално го преведев зборот булшит со „говедска лепешка“,(или уште подиректно) можно е извесен број „моралисти“ да се најдеа засегнати, па да реагираат за некаква вулгарност. Ако погледате кој било речник, дури и оној големиот Вебстеров англиско-англиски, зборот е многу комотно објаснет и притоа никого не боли глава. А, моралистите нема да реагираа на суштината на булшитарењето на „оние горе“ што е секојдневна појава во светот и ги полни страниците и етерот на сите медиуми, туку на „лепешката“! Впрочем, сведок за тоа е и Умберто Еко, кој пишувајќи на оваа тема си го навлекол гневот на „чуварите на јавниот морал“ во Италија. Имено, затоа што зборот булшит го превел со италијанскиот „стронцо“, за кој, пак, Германците го имаат своето „шајсе“, а Французите „мерд“. Кога вистина би пишувал без ракавици, нашиот збор би почнувал со „г“ или со „с“, ама повторно ќе се воздржам.
Суштината е во нешто сосем друго. Зошто тој збор е толку прифатен, не само во англиското говорно подрачје? Тоа е темата на професорот Франкфурт. Затоа, ќе потсетам на неговото тврдење:
„Меѓу највпечатливите симболи на нашата култура е фактот дека постои булшит. Секој знае за булшит. Секој дава скромен придонес во тоа, а сепак секој мисли дека може да излезе на крај со него. Најголемиот број луѓе мислат дека можат да го препознаат и да се заштитат од него, па затоа тој феномен досега не наиде на сериозно внимание и затоа не беше истражуван. Последица на тоа е што ние не знаеме баш точно што е тоа булшит и што ни значи“. Продолжувајќи ја анализата, тој доаѓа до следниов заклучок:
„Лажгото и човекот обврзан да ја кажува вистината (!) учествуваат во истата игра, иако на спротивните страни. Обајцата се ориентираат врз факти, само што едниот се ориентира според авторитетот на вистината, а другиот го одбива тој авторитет, односно не им возвраќа на неговите барања. Булшитерот, напротив, во целост го игнорира и едното и другото. Тој не го отфрла авторитетот на вистината и не и' се спротивставува како што прави лажгото. Тој воопшто не и' обрнува внимание. Oд тие причини, булшитот § е поголем непријател на вистината отколку лагата. булшитерот крие од нас дека вредноста на вистинитоста на неговото тврдење за него не игра никаква улога. тој секогаш се обидува... да не измами за неговите постапки“!!!
Да го префрлиме сето ова на домашен терен кој, според мене, е многу „лизгав“ или ако повеќе сакате, полн со булшит и булшитери што произведуваат енормни количества „говедски лепешки“ кои шират неподнослива ментална реа. И тоа од сите „артилериски позиции“, пред се', на политиката, како најголем „производител“, без оглед дали им припаѓаат на позицијата или опозицијата. Не треба поголем доказ: проследете само една прес-конференција. Пардон, две: и на едните и на другите. И немојте да сте мазохисти, па редовно да ја следите таа „серија“.
Ќе спомнам само неколку примери, колку за потсетување на нашето колективно кусо паметење. Од, според Уставот на нашава држава, највисоката инстанција која мора да биде најодговорна, најморална и најсовесна, се протури информација за тоа дека земјава „имала шанса да влезе во евроатлантските интеграции уште во 1995 година“ и тоа му го кажала, никој друг, туку авторитетната европратеничка Дорис Пак. Потоа, кога дојде заканата од тужба, виновни беа новинарите (некој друг мора да биде виновен, иако булшитот има конкретна адреса и иако сметам дека и во нашата фела врие од добро платени булшитери), а госпоѓа Пак го прифатила образложението и „веќе ништо нема да каже на таа тема“. Меѓутоа, булшитот не застана тука. Го презедоа некои „експертски“ членови на парламентот, па тие ��а продолжија „канонадата“. Деновиве бевме сведоци и на тркалезни маси, иако, за волја на вистината, не сите присутни таму прифатија да газат по „мина“.
Се' уште врие околу осакатените учебници чии небулози, ако не ги откриеја новинарите (ах, тие новинари!), ќе ги зомбизираа генерациите со „знаења“, иако, според последните информации, годината ќе биде започната со нив!? И добивме прекрасен булшит: одговорност има, вина нема! Оставка? Зошто? Немам намера натаму да морализирам...
Да не должам. Најсвежиот пример беше „трката“ по откажување од некоја функција, како што нареди ЦК. И тоа масовно, како што рече еден функционер од повисок ранг, со што само потврди дека појавата била масовна. Во вторникот истече рокот за таа операција, а народот од чиј џеб црпеа пари за натпросечна живејачка, треба да биде среќен што сме имале толку „совесни“ функционери. Луѓе, тие со години кршеа закон и сега, бидејќи покажаа „каење“, ќе бидат помилувани од одговорност пред суд!? Ајде да видиме некој од нас незаконски да заработи и едно евро, па како ќе се помине. Што мислите?
А, зошто булшитарењето и булшитарите кај нас се намножија како бумбари на „булшит“ е тема со која е потребно многу, многу сериозно да се зафатиме.
(Авторот е новинар) |