Македонски состојби
Поделената земја Македонија
Манчо Митевски
Дали македонското општество и граѓаните имаат капацитет да ја сфатат погубноста од поделбите
Македонскиот државен троец Груевски - Иванов - Милошоски измисли дека во 1995 година Македонија имала покана да влезе во ЕУ, но не ја прифатила! Ова „надминување на границите на фантазијата“, како што дипломатски го оценија ЕУ-амбасадорите и другите официјални претставници (Фуере, Талер, Беер, Пак...), односно лага, како што сочно го именуваа опозицијата и проследувачите на случувањата во Македонија, е само обид за создавање алиби на власта во иднина. И тоа во стилот: кога во 1995 година не било прифатено да се влезе во ЕУ без услови, зошто сега да се прифати кога услов е компромис, односно додавка во името!
Поентата не ми е во жешките шлаканици што ги доби троецот за лагата од најповиканото место - ЕУ и срамот што не' изеде сите во државата. Поентата ми е дека и да било како во фабрикуваната лага, зарем слично не беше и во Србија во тоа време кога Милошевиќ не само што одбиваше се' од ЕУ и дури војуваше со НАТО. Но, тоа не беше пречка неодамна српското раководство на чело со претседателот Тадиќ, со храбар компромис околу Косо��о, со кој отстапи не само дел од историјата, традицијата, идентитетот, туку и од територијата - Србија да го фати најбрзиот воз кон европското асоцирање и наскоро да добие кандидатски статус.
Значи, проблемот не е тогашен како што ги извртува тезите власта, туку сегашен и само таа и никој друг треба да го реши. Тука ми е и другата и најважна поента. Со конструкцијата - пропуштена покана за ЕУ во 1995, слично како со проектот антиквизација, со проектот „Скопје 2014“, проширен и дополнет со проектот „Скендер-бег 2014“ и заокружен со местенката - кодошки Уставен суд, како и со многу други лажливи проекти од типот Потемкиниви села, партијата, која ја има апсолутната власт во државата и која ги влече сите конци во македонското општество, го заокружува својот антисистем на владеење со поделби.
И тоа поделби според методот: „скарај (подели) - па владеј“, патриоти и предавници, односно „кој не е со нас, тој е против нас“, „за успесите е заслужен само Груевски, за неуспесите се виновни сите други“. Станува збор за поделби со помош на моќта на партизираните деинституционализирани институции со кои се форсира неприродна и насилна трансформација на целиот општествен систем врз ДПМНЕ -идеолошката матрица и вредносни категории. Поделби со масовна примена на Овеловските максими од типот „војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е моќ...“, кои, си земам за слобода да ги дополнам со максимата на груевизмот „вистината е лага“!
Се' може да и' се прости на власта на ВМРО-ДПМНЕ - и лажните ветувања, и неспособноста за водење на државата, и катастрофата на економијата, но за навек ќе им останат на душа поделбите во сите области од општествениот живот само поради една цел - да се одржи висок рејтинг на лидерот и на партијата, да се остане на власт и да се трупа богатство.
Создавањето услови за радикална поделба на македонското општество, кое и онака беше во процес од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт - почна откако Македонија во Букурешт не стане членка на НАТО поради ветото на Грција. Наводната борба за заштита на името стана рецепт за рејтинг и за убедлива победа на предвремените избори во 2008 година. Првата поделба ја направи власта, која за патриоти, ставајќи се себеси на чело, ги означи оние што се за бескомпромисна одбрана на името и за предавници, оние што беа за тоа низ дијалог и дебата во Собранието да се дојде до прифатлив компромис за проблемот и Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Охрабрени од убедливата победа на изборите, „патриотите“ експресно го отворија проектот антиквизација. Почна да се копа подлабоко од меѓународно етаблираните и неспорни македонски национални корени, па произлезе поделбата на антички и на словенски Македонци. Тоа го продлабочи меѓуетничкиот јаз.
Во меѓувреме, во Македонија се ескалираше груба и масовна партизацијата на институциите со партиски војници, при што единствен услов беше книшката на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа се продлабочуваа и поделбите. Добивме речиси партиска полиција, партиско судство, партиски регулаторни тела, партиски универзитети... Оние што не беа освоени - или беа сатанизирани, како, на пример, Уставниот суд и Народната банка - или, пак, беа правени паралелни институции. Никнуваа владини невладини, студентски, синдикални, средношколски и други асоцијации, стопански комори, се потхрануваа нови, свои економски богаташи. Еден по еден под влијание на власта паѓаа, покрај јавниот ТВ-сервис, и голем број приватни медиуми, со влегување на нивните сопственици - партиски лидери - во власта. Поделбите течеа слоевито, според партиска, национална, верска, економска, статусна и којзнае уште каква не линија.
Во 2001 година Љупчо Георгиевски, тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, го предложи и до ден денес го застапува проектот за поделба на Македонија, кој веднаш беше отфрлен и од Албанците и од Македонците. Сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, со проектите „името не го даваме“, ревизија на историјата, антиквизација, „Скопје 2014“, ги дели земјата и граѓаните - национално, верски, културно, цивилизациски, а со заедничкиот проект со ДУИ „Скендер-бег 2014“ на некој начин и територијално (според теркот на Доста Димовска „отаде Групчин“).
Владејачката партија, која кога и е маркетиншки потребно, знае да повика на единство, заборава на народната мудрост дека скршениот леб не се лепи. При толку големи и од најчувствителен карактер делби, тешко може да се очекува дека во Македонија во скоро време ќе може да се постигне некакво единство. Посебно кога се знае од кои мотиви и цели беа форсирани делбите: ДПМНЕ-изација на државата и на општеството, зачувување на власта и најважното - личните профити на владејачката врхушка - значи, за парите се работи!
А, рецептот за единство е едноставен: екстремната поделеност може да се надмине само со директен судир со нејзините генератори, со разобличување на платформата и на субјектите што ја спроведуваат. Потоа следува тежок процес на граѓански дијалог за поставување на вистинските вредности на своето место, односно конечно надминување на долгата транзиција и свртување кон универзалните вредности - граѓанско општество, правна држава и демократија. Но, тука се поставува клучното прашање: дали нашето општеството и граѓаните имаат капацитет да ја сфатат погубноста на делбите во кои свесно или несвесно беа вовлечени и да ги поврзат испокинатите човечки, семејни, граѓански, политички, национални, верски, економски, етички, државни, општествени нишки.
На крајот, за базичната точка на поделбите. Во Македонија никој разумен не е за промена на името. Но, на се' поголема групација граѓани, која осознавајќи до каде не' доведе власта со лошото менаџирање на проблемот со Грција, односно инструментализирајќи го за внатрешна употреба, а не за убедување на светот во нашата позиција, поважна им станува иднината од името. Поточно, додавката без промена на Уставот. |