Детската игра во Претор заврши кобно
Трагичниот настан ја вознемири и ја ожалости Преспа. Ќе понесе ли одговорност некоја од институциите
ПРЕТОР - Детската игра со топка во Преспанско Езеро заврши кобно за две петнаесетгодишни момчиња од Ресен. Стивен Стојановски и Филип Георгиевски за кусо време се удавија во езерото. Подводните струи беа дополнителна причина за оваа трагедија. Телото на Стивен беше брзо извлечено од водата на брегот, но лекарите не можеа да му помогнат освен да констатираат смрт.
Нуркачките екипи од Единицата за специјални задачи при МВР по 20 часа пребарување на езерското дно, дури вчера околу 10 часот го пронајдоа и телото на Филип Георгиевски и го предадоа на обдукција. Потрагата беше отежната, бидејќи телото на Филип цело време било припиено под трупот на бротче закотвено на само педесетина метри од плажата. Тој претходниот ден, околу 13,30 часот, заедно со својот врсник, исчезна во водите на Преспанско Езеро кај туристичката населба Претор.
Момчињата, кои не биле вешти пливачи, потонаа во езерската длабочина играјќи со топка во водата. Во еден момент топката им избегала, а тие, во обид да ја дофатат, за само неколку секунди потонале. Очевидци на трагедијата, но и на извлекувањето на удавениот Филип, велат дека е чудо што силните езерски струи не го одвлекле неговото тело.
„Удавеното момче цело време било под бродот. Најверојатно, телото нашло лежиште токму таму. Затоа, нуркачите не можеа да го најдат, а било веднаш до брегот. Од друга страна, езерото е многу нечисто. Се' на се', половина метар се гледа во далечина, другото е сосема невидливо. Тешко е да се пронајде давеник“, рече вознемирено очевидец на настанот.
Трагичниот настан што се случи во Претор ја вознемири и ја ожалости Преспа. Плажата на туристичката населба вчера еден ден по настанот беше речиси празна. Присуството на полицијата и погребалното возило што чекаше за да го транспортира мртвото момче потсетуваше предупредуваше на опасноста што ја носат водите на Преспа. Која беше причината за несреќата, колкава е безбедноста на капачите во ова езеро, зошто во туристичките населби нема спасувачки служби, зошто нема обележана зона во водата до каде е безбедно да се плива... и, на крај, ќе понесе ли некој одговорност за прерано завршените животи или се' ќе се препушти на случајноста, или уште потешко на судбината.
Плажата и објектите во Претор се дадени на стопанисување на четворица концесионери. Иако теренот го уредиле со лежалки, терени за тенис и мал фудбал, од едниот до другиот крај на плажата има само една кула за спасување, но, за несреќа, наместо за спасувачи, таа се користи како кабина за диџеј.
Дел од концесионерите креваат рамења на прашањето зошто на плажата во Претор нема спасувачки екипи. Но, уште повеќе се замислени кој треба да одговара. Други, пак, сметаат дека тоа е обврска на државата или поточно на Министерството за транспорт и врски, како сопственик на плажите и на езерото.
„Ние, како концесионери, имаме обврска да го обележиме теренот само ако имаме моторни возила на вода. Немаме возила и затоа не го обележуваме. Има спасувачка кула, но ја користиме двонаменски, и како диџеј-кабина. Во Претор нема спасувачи. Ние сме концесионери само на објектите, езерото и плажите се обврска на сопственикот, а тоа е државата, или Општината, од која ги добивме концесиите“, смета Игор Симонов, менаџер на ресторанот „Егзотик биџ“.
Сопственикот на ресторанот „Пропер“, Бекири Шпетим, смета дека и со спасувачи и со безбедносна зона, сепак, капачот одговора за себе. „Без оглед дали е возрасен или малолетен, никој не може да му сугерира до каде да плива“, смета тој.
Сепак, трагичниот настан не ги остави рамнодушни концесионерите. Тие стравуваат дека ќе им пропадне туристичката сезона, па размислуваат сами да постават спасувачка служба и од свој џеб да ја финансираат безбедноста на плажата.
„Гледаме дека има потреба од спасувачи. На секоја плажа ќе поставиме по еден чувар“, најави Шпетим.
Се смета дека Преспанско Езеро има најопасни води во однос на безбедноста на капачите. Од Езерската гранична полиција во Стење, која вчера беше на местото на несреќата, велат дека во водата има силни струи и е крајно непредвидливо, дури и кога е мирно, без видлива причина, може да се разбранувано. Најверојатно, има влијание и истекувањето на водата низ каналите под Галичица во Охридско Езеро.
„Преспанско е едно од најматните езера, водата е нечиста, а дното е покриено со тиња. Тоа го потврдува и последниот случај, кога нуркачите трагајќи по давеникот, иако се обидуваа да се насочат во еден правец, ја почувствуваа силата на струјата која ги влечеше на спротивната страна. Ова е феномен. Површината на водата се движи кон брегот, ама вториот слој на водата се движи во сосема спротивна насока“, вели припадник на Езерската гранична полиција.
Преспанчани со страв велат дека езерото секоја година зема по некоја жртва. Лани во Претор загина професор од Скопје, а кај туристичката населба Отешево се удави 25-годишен битолчанец. Неговото тело излезе на површина по десет дена. Пред две години, во зимски период, син и татко, рибари од Асамати, исто така, се удавија во Преспа. (А.Б.)
|