Број 3344  среда, 28 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Нема финансиска помош за жртвите на трговија со луѓе

Неопходно е континуирано да се јакнат капацитетите и механизмите на државите, кои не се само транзитни држави на патот на криминалот

Моника Талеска



ПРИЛЕП - Трговијата со луѓе во регионот зема се' поголем замав. Млади жени и деца од многу држави во Европа, но и од Нигерија, се' почесто се жртви на развиениот синџир на трговија со луѓе. А Македонија, Косово, Албанија и Србија не се само транзит држави, туку и земји на крајна дестинација на жртвите. Секоја од овие држави во регионот има своја национална стратегија, значи теоретски дефинирани се механизмите за згрижување на жртвите и откривање на оваа аномалија во општествата, но, практично, ниту една држава досега не одвоила посебен буџет за таа намена. За решавање на овој проблем, според добро упатените, неопходно е да се јакнат континуирано капацитетите и механизмите на државите, особено кадровските потенцијали и засилување на техничките можности. Ова се само дел од заклучоците на невладиниот ресор од Македонија и сите соседни држави, имплементатори на проектот со наслов: „Граѓанските асоцијации како контролен механизам во борбата против трговија со луѓе во Западен Балкан“.

Според извештајот од осуммесечната имплементација на проектот, Македонија каде што лани беа откриени 123 жртви на трговија со луѓе, мора првично да вложува во подобрување на кадровските капацитети, кои се надлежни за управување со жртвите. Нашата држава е единствената во која Министерството за труд и социјална политика менаџира со националниот механизам за управување со жртвите, додека во Албанија, Косово и во Србија на чело на тој механизам стои МВР.

„Сега имаме жртви од Македонија што се пренесуваат во други земји и, исто така, имаме жртви од Македонија, кои се трафикувани во самата држава“, вели Кристина Павлоски, програмска координаторка на Центарот за граѓански иницијативи со седиште во Прилеп. Според досегашната емпирија на граѓанскиот сектор, жртвите на трговија со луѓе полесно и послободно комуницираат со невладините организации отколку со полицијата. Со оглед на фактот што граѓанските асоцијации имаат значајна улога, т.е. се битна алка во овој синџир на откривање и работа со жртвите, неопходно е државата финансиски да го поддржува и да го јакне овој сектор.

„Уште ни еден денар од државниот буџет не е одвоен за тие програми, како ни во Македонија, колку што знам, така ни во Косово. Од друга страна, странските донатори се' повеќе излегуваат од нашите земји, затоа што се подразбира дека државите треба да ја преземат одговорноста за тие програми“, вели Сандра Сљепчевиќ од невладината организација „Атина“ со седиште во Белград.

Според косовските невладини организации, во Косово минатата година се откриени околу 300 деца од ромска националност што биле жртви на развиениот синџир на трговија со луѓе.

„Како и другите земји, Косово е транзит-земја и бројот на жртвите е голем. Најчесто тоа се жртви од Источна Европа, Молдавија, Србија, Бугарија, Албанија... Но, истовремено се зголемува бројот на локалните жртви“, потенцира Фериде Рушити од косовскиот Центар за рехабилитација.

Во овој регионален проект единствено не е директно вклучена Грција, но експертизата на проектот, за дизајнирање на методологијата ја спроведува токму Европскиот центар за јавно право од Грција.

„Грција не е таргет на проектот, но овој проблем и тоа колку ја засега. Грција сега е земја на дестинација каде што пристигнуваат жртви од Источна Европа, но се' повеќе и од Нигерија. Жртвите најпрвин се идентификуваат од полицијата или од невладините организација што работат на терен или кон нив пристапуваат жртвите“, вели Паола Борги од Европски центар.

Досега во рамките на проектот е направена компаративна анализа на законската регулатива меѓу државите. А според извештајот, ним, исто така, им се препорачува да креираат листа на стандарди за идентификација на жртвите, граѓанскиот сектор да го поддржуваат во градењето на капацитетите и напорите да пристапи до жртвите. Натам, како што потенцираат од сиве овие невладини организации, треба да се зголеми директната економска помош на жртвите и во процесот на давањето услуги.

„Невладините организации треба да се вклучат повеќе во националниот механизам за да се обезбедат подобри услуги на жртвите. А во септември ќе почне мониторинг на механизмите во секоја земја посебно“, потенцира Павлоски.

Проектот завршува во февруари идната година, а е финансиран од ИПА-програмата 2008, делумно од Институтот отворено општество и од програмата „Исток Исток“.






#
Статијата е прочитана 238 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Децентрализацијата закочи таму каде што има пари