Мислења
Естетиката на мрчењето!
Јосиф Ќурчиев
Дали сме ние народ што мрчи: поединечно, групно, општо? И ако е така, каде сме на скалата мрчачи во семејството држави во светот?
Без ракавици
Поставувајќи си ги овие прашања (не без причина, зашто сметам дека мора да сме високо пласирани, за разлика од фудбалот или ватерполото, на пример), се обидов да пронајдам дали нек��ј воопшто го истражувал овој, според мене, значаен општествен феномен. Стигнав до фрапантно сознание дека засега само еден внимателен посматрач се сетил да ја загатне оваа тема и тоа, редно е да се признае, со продлабочена, речиси научно фундирана експертиза. Човекот се вика Ерик Т. Хансен, роден и израснат на Хаваи, студирал германистика (како дошло до тоа токму Американец од Хаваи да се заинтересира за такво нешто е долга приказна која ќе ја прескокнам), останал во Германија, таму формирал семејство и мошне прецизно и аналитично ги посматрал луѓето во својата нова татковина. Некои од неговите заклучоци се укоричени во книгата „Планета Германија“, пренесени на лесен и речиси забавен начин, иако ни малку не се несериозни. Е, тука ја сретнав неговата писмена обработка на темата „Естетика на мрчењето“, која исклучиво им ја посветува на своите германски сограѓани, но многу од констатациите во целост можат да бидат пресликани и во други, секако, и во нашата средина. Дури им се обратил на 20 филолошки факултети во Германија со замолница да отворат катедра за оваа проблематика на која тој би држел предавања. За да може да ги привлече деканите, но и публиката, Хансен, пред „научното“ образложение на појавата мрчење, најпрвин подготвил терен со примери од животот и контактите со голем број луѓе за да ја потврди потребата од воведување на предметот „Естетика на мрчењето“. Но, да не должам:
„Кога еден Американец ќе каже: ’Ова може да се случи само во Америка‘, тој секогаш мисли на нешто позитивно. На еден доселеник му успева од бодибилдер да стане филмска ѕвезда, а потоа и гувернер, додека на една група заболени од рак и' успева на суд да изведе еден од најмоќните тутунски концерни и притоа да победи. Само во Германија, формулата ’типично германски‘ се користи за нешто негативно. Германците постојано зборуваат за криза на идентитетот и сакаат да знаат што ги разликува од другите народи. Ништо полесно: Германија е земја која со одушевување се идентификува со своите најлоши особини... Германија е толку фасцинирана од секој нов проблем што смета дека е штета да биде решен! Притоа, никому не му пречи фактот што во тоа (нешто) нема проблем кој веќе одамна не се појавил на друго место во светот. Оттаму, не се проблемите оние што ги прават Германците посебни. Тоа се љубовта и одушевувањето со кои тие ги бранат своите проблеми против непоправливите оптимисти... Всушност, во Германија мрчењето се смета за доказ на интелигенцијата“!
Не останувајќи само на овие „општи“ укажувања, Хансен го упатил веќе спомнатото писмо до филолошките факултети во кое вели: „Германското мрчење ги исполнува сите претпоставки на уметничка форма и на тој начин во современото општество остварува широк спектар функции... Затоа, предлагам формирање соодветна катедра со мене како предавач. Како научна основа ќе послужи мојата писмена обработка која убедливо ја потврдува неопходноста од предметот естетика на мрчењето. Според моите сознанија, ова е првата таква обработка на оваа тема и ако кога и да е бидам познат како татко на германската естетика на мрчењето, тогаш не сум живеел џабе“!
И навистина, потоа следува прецизно, речиси „германски“ напишана писмена обработка со поглавја, точки и потточки, во кои се образложува германската мрчоманија која, според Хансен, заслужува научна обработка, односно цел предмет. Таму се распоредени сите групи мрчачи, од политички елити, позиција, опозиција, вонпарламентарни групи, учесници на политички ток-шоуа кои себеси се претставуваат како глас на народот, иако воопшто не му припаѓаат. Прикажани се и таканаречените народни мрчачи кои во оваа пригода ги издвојувам од елитните кои, како што е општо познато, се особено здодевни. Значи, народните мрчачи мрчат од долните слоеви на општеството (да речеме од кафеаните, но не и само таму), значи мрчат во празно. Во агенциите за вработување невработените мрчат поради невработеноста и службениците, додека службениците мрчат поради мрчењето на невработените. Клиентите мрчат поради продавачките, овие, пак, поради мрчењето на муштериите. Таксистите мрчат против се'. Мрчењето на народот се прошири и на телевизијата во форма на попладневни токшоуа каде што приватни лица јавно мрчат за сопствената приватност во што спаѓа и мрчењето врз семејна основа: меѓу сопругот и сопругата, меѓу родителите и децата. Заклучувајќи ја својата научна анализа за потребата од воведување предмет естетика на мрчењето на германските факултети, Хансен упатува критика зошто мрчењето предолго е исклучено од научно истражување, зашто улогата што ја игра тоа во германското општество е многу проширена и има посебно влијание. Особено што балонот мрчење толку се надул што е неопходно да се зборува дури и за национална опсесија. „Еднакво како што Американците често можат да се дефинираат преку својот позитивизам, така Германците можат да се дефинираат преку своето истенчено чувство за негативизам, преку љубовта за пропаст и надмоќната способност за мрчење. Посматрано од естетска перспектива, мора да се признае дека мрчењето стана уметност. Уште повеќе: тоа е најсаканата и најпроширена народна уметност во Германија“!
На неговото писмо до 20 филолошки факултети, со прилог-образложението за потребата од катедра по естетика на мрчењето, Хансен добил три одговори и сите, се разбира, негативни. Сепак, оној од деканот на Филолошкиот факултет во Минстер, барем мене, ми се чини вреден за цитирање:
„Почитуван господин Хансен,
Благодарам за Вашето интересно писмено образложение за воведување нов предмет, зашто за такви предлози вистинската адреса се токму стручните средини. Вашиот мотив го сметаме за добра априлска шега и затоа Ви предлагаме понудата да ја упатите до универзитетот на Хаваи, ако постои таков. Дотолку повеќе што јас лично во минатата година се уверив во убавината на Хаваи.
Со пријателски поздрав,
проф. д-р Х. Ц. Вихард Војке“.
Сосем на крајот не би ја испуштил можноста за нашето домашно мрчење и тоа само низ еден единствен пример (за повеќе немам место). Дејството се случува, каде на друго место ако не во кафеана. За време на првите две-три ракии, мрчењето е позитивно, речиси еуфорично: „Ние сме супернарод, бе“! Меѓу четвртата и петтата настапува чудна пауза на молк и се слуша само џвакањето на салатата, за потоа, шестата, седмата итн. да предизвикаат речиси депресивен пресврт: „А, бе, ај, за ништо не не' бидува, ебати...“!
Искрено се надевам дека некој повешт и поучен од мене подлабоко ќе го обработи мрчењето на македонските граѓани, но, сепак, верувам дека нема да се разликува многу од германското или од кое било друго.
(Авторот е новинар) |