Мислења
Шесткатница на плоштадот „Македонија“
Мимоза Ристова
Предлагам на плоштад „Македонија“ грандиозно архитектонско здание во облик на компилација - инсталација од историски споменици со димензии П+6
Копањето земја може да се сфати на мноштво различни начини, а има и исто толку различни намени. Ако се сфати како орање бразди за сеење, тогаш е тоа агрономија. Ако се разбере како длабење дупка два метра под земја со димензии на мртовечки сандак, во тој случај копањето е гробарство. Ако се сфати како копање по геолошките слоеви на Земјината кора, како начин за доаѓање до вистината на историјата од победниците, тогаш тоа е археологија. Или можеби геохирургија, оти, да потсетам, Земјата е еден голем организам. Во длабочината на Земјината утроба е скриена целата историја низ милениумите од настанокот и цела молекуларна генетиката.
Сега, ако се земе предвид дека на површината е поставена сегашноста, тогаш колку се оди подлабоко во неа, толку се оди поназад во минатото. Такви слоеви има стотици. Секоја нова катастрофа, секое ново уништување создало нов слој. Археолозите, всушност, се Земјините хирурзи, и тие се оние што копачат во неа. Археологот Шлиман ископал девет слоја од Троја, и што нашол? Цивилизација, згора врз уништена цивилизација, згора друга и така натаму. Археолозите се сретнуваат со наоди од минати животи на минати луѓе, низ минати векови и со минати критериуми за добро и зло. Критериумите низ историјата и низ географијата, по некој чуден мистичен пат, го менуваат правецот. Така, лично сметам дека во археологијата не постои референтна точка за да се определи и измери закопаното добро и зло. Еден бил јунак некогаш, а сега се третира како злосторник. Еден бил злосторник и убиец од глобални размери, та убивал немилосрдно без жал, а сетне за јунак го слави повеќе од еден народ.
Ај сега, да не вртиме како дождот околу Крагуевац, туку да одиме на темата плоштад „Македонија“. Ако на локацијата на која сега има плочник, пред неколку години имаше калдрма од камена коцка. Ако некој археолог подископа под плочите, сигурно ќе дојде и до некоја коцка која останала по наездата на коцкокрадците. Да потсетам, никој не знае каде отидоа коцките што му припаѓаа на Градот Скопје. Пред земјотресот, пак, на истово место имало црква „Св. Елена и Константин“. Земјотресот ја урнал. А, векови пред тоа сигурно имало некое римско светилиште во кое луѓето принесувале жртви пред своите богови за да им се умилат. Во меѓувреме, можеби тука и немало ништо знача��но. Едноставно, тука била поставена септичка јама (гериз) од некој турски ќенеф. Ама затоа, пак, во праисторијата тука сигурно имало лавови и зебри и нивни природни живеалишта. Нивните фосилни остатоци се закопани под местото на сегашниот плоштад „Македонија“. Ако некој темелно се амбицира за археологијата под плоштадот, по длабинско роварење под површината, недвосмислено ќе дојде и до времето Јура и до некој скелет од диносаурус што паднал во борба со некој тираносаурус.
Ако се залауфа талентот за копање во својот историољубив занес и продолжи да се стреми кон центарот на Замјата, тогаш ќе наиде на лава, иста како онаа од вулканите. Верувале или не, тој лично и персонално ќе ја најде суштинската историја, дека некогаш Земјата била во течна агрегатна состојба, и дека ние суштествуваме на само тенок и сув - оладен слој од неа.
Не е крај, драги читатели. Замислете си, има такви меѓу нас кои никако не се откажуваат од копањето на Земјата ни, мајка. Има такви што ќе одат и понатаму, на другата страна од Земјината топка, па копајќи со ред и студиозно, ќе проникнат на Јужната хемисфера и ќе втасаат на дното на Тихиот Океан. Таму, гарант, ќе наидат на скелет од некоја чудна риба - змев и набргу ќе ја прогласат за дел од сопствената јуначка историја. Па, веднаш ќе побрзаат на некој аеродром или на некоја трибина од некој нов стадион да и' го дадат нејзиното јуначко име.
Па, затоа, во името на континуитетот на историското наследство, во името на праведното славење на сите наши историски времиња еднакво, во името на редоследот на геослоевите, на Владата на Република Македонија и предлагам на нашиот плоштад „Македонија“ да еректира едно грандиозно архитектонско здание во облик на компилација - инсталација од историски споменици со димензии П+6, се разбира ако Владо Тинекс аминува шесткатница за ваква прогресивна и напредна намена, за благосостојба на македонската самобитност и државен интегритет. На приземјето, секако, ќе биде новата црква „Св. Никола“ (зошто не „Елена и Константин“, ами Никола, немам идеја, најискрено). Потоа, на првиот кат нека се направи паркинг поплочен со камената коцка (ем катна гаража ем историски споменик). На вториот кат нека се смести базен во облик на турски гериз во кој ќе се слеваат фекалните води од Владата на РМ. За третиот кат, овој проект предвидува римско светилиште во кое наместо да се жртвуваат девици, ќе се принесуваат претепани и заклани припадници од најубавите и најпаметните, т.е. од оние што мислат поинаку и мирно протестираат на плоштадите. Потоа предлагам на четвртион кат да се фабрикува „автентичен“ гипсен скелет од диносаурус, а истовремено во Кина да се изработат минијатури, па да се продаваат како сувенир од Македонија. На петтиот да се стави еден мал восочен вулкан од кој излегува стопена восочна лава. Шестиот кат нека ја прикаже славната јуначка Риба Змев, и тоа низ слики и восочни скулптури - нејзината еволуционерна борба против рибата-шакоперка. Притоа, во нејзина чест да се крсти некоја шарена трибина од некој стадион.
И никој, ама баш никој нема да се лути, дурли или негодува, и никој не ќе здодева за референдум, и никој не ќе се претргнува да го минира тој референдум. Чиста работа 6+П. Сите граѓани гласно ќе воскликнат во занес „УРАААА ЗА ШЕСТКАТНИЦАТА“.
(Авторката е професорка
на Природно-математички факултет) |