Словенија призна дека е многу задолжена
Словенечкиот министер за финансии, Франци Крижанич, изјави вчера дека на Словенија не и' се заканува грчкото должничко сценарио, но призна дека земјата има голем надворешен долг. Крижанич истакна дека вредноста на вкупниот словенечки бруто-долг изнесува околу 42 милијарди евра, додека нето-долгот приближно 11 милијарди евра. „Тоа е многу“, рече Крижанич, со напомена дека должничките обврски на Словенија кон странство се најмногу зголемени во периодот од 2004 до 2008 година. Според него, словенечкиот долг моментално стагнира и е под апсолутна контрола. (МИА) |