Стразбур вели - ова е чекор назад
Во Советот на Европа се најавува враќање на мониторингот врз Македонија
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Советот на Европа, кој имаше своја делегација набљудувачи, забележува дека изборите во Македонија се некомпатибилни со демократскиот процес. Притоа се жали поради тоа што значителен број од гласачите беа лишени од правото да ја изразат својата волја поради неодговорни, насилни и деструктивни дејства на двете главни албански партии. Парламентарното собрание на СЕ зборува за „организирано насилство, чија цел беше да го наруши изборниот процес“. Покрај насилството, во кое животот го загуби едно лице, на изборите фрлија дамка и бројните нерегуларности во истите овие подрачја, при што се споменуваат полнење на гласачките кутии и фалсификување на резултатите. Некои нерегуларности се забележани и во другите делови на земјата.
Делегацијата на ПС на СЕ оценува дека политичките партии ја воделе предизборната кампања слободно во најголемиот дел од земјата и избирачите имале можност да бираат меѓу повеќе изборни програми, претставени во жестоката кампања. Се забележува дека кампањата на најголемата опозициска партија била изманипулирана од страна на една друга партија која претставила кандидати со исти имиња и презимиња како нејзините. Првичната оцена за медиумите е задоволителна, иако јавниот радиодифузен сервис имал тенденции да ги фаворизира партиите од власта.
На летната сесија на ПС на СЕ, закажана за крајот на месецов во Стразбур, на дневен ред ќе се најде и извештајот за изборите во Македонија. Извештајот сигурно дека ќе биде подетален, а од некои членови на ПС на СЕ веќе се најавува дека ќе биде побарано враќање на мониторинг-процесот за Македонија, што значи чекор назад за земјата. Имено, Македонија е во постмониторинг-дијалог и до пред два месеца се надеваше на укинување на оваа процедура, која гарантира дека земјата ги исполнила демократските вредности и дека функциони��а како правна држава со целосно почитување на правата на човекот. Со други зборови, укинувањето на мониторингот значи дека земјата ги исполнила условите од Копенхаген. До летната сесија најверојатно новиот состав на Собранието на Република Македонија нема да ја избере новата делегација што ќе го претставува во ПС на СЕ, но досегашната статутарно се' уште има право да заседава во паневропската асамблеја, каде што ќе може да го каже своето видување за изборите.
Покрај ПС на СЕ, кое на самото место ги следеше изборите во Македонија, со свое соопштение во јавноста се огласи и генералниот секретар на Советот на Европа, Тери Дејвис. Првиот човек на организацијата, во која Македонија членува од 1995 година, е шокиран од вестите дека за време на изборите во Арачиново и во Скопје било употребено огнено оружје. „Тешко е да се поверува дека тоа е државата со која пријателите ми се толку горди, државата која лично сум ја посетил и чиј народ го почитувам поради неговата отвореност, дарежливост и одлучност да го следи демократскиот, европски пат“, наведува Дејвис во соопштението.
„Демократијата се гласачките ливчиња, а не куршумите. Ниту едно политичко или друго разбирање не може да го оправда насилството. Во демократијата гласачките ливчиња не се за власт и одмазда, туку за избирање политичка визија и програма за иднината на државата“, наведува Дејвис. Тој додава дека победниците и оние што загубиле на избори ја делат одговорноста за целосниот напредок на државата. Дејвис на крајот ги повикува властите да извршат истрага и да ги изнесат пред лицето на правдата извршителите на насилствата.
Според Дејвис, напредокот на Македонија кон демократија „не треба да биде изместен поради трагичните инциденти од неделата“.
Со слично соопштение од Стразбур се огласи и претседателот со Комитетот на министрите на СЕ, шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд. Тој ги повика сите политички сили од земјата да отворат дијалог за да се надмине тешката ситуација. Според Билд, сега е важно да се дејствува на одговорен начин за да се врати вербата на граѓаните во политичкиот и во изборниот систем, како и целосното спроведување на Охридскиот договор. |