Судот го доби договорот за набавките за ТЕЦ „Осломеј“
Само еден ден пред закажаното судење на поранешниот генерален директор на „Електростопанство на Македонија“, Панде Лазаров, во скопскиот Кривичен суд од „Електрани на Македонија“ бил испратен договорот што бил потпишан со германската корпорација МАН „Такраф Фордертехник“ од Лајпциг.
Судот ги информираше присутните во судницата дека договорот е на германски и на македонски јазик, како и тоа дека станува збор за договор напишан на повеќе од 200 страници, но дека претставник на ЕЛЕМ нема да присуствува на рочиштето.
Како што беше појаснето, во дополнението на договорот се содржани деталите што се однесуваат на набавката на опрема за потребите на ТЕЦ „Осломеј“, но и целото обвинение против Панде Лазаров е базирано токму врз основа на овој договор со германската фирма.
Судскиот совет, кој постапува во овој предмет, кажа дека е запознат со деталите од договорот, а на јавноста и' е позната и одбраната на обвинетиот Панде Лазаров, кој за цело време тврдеше дека средствата што ги добил од МАН „Такраф Фордертехник“ и од кинеската „Хаинан С.И.Т ентерпрајс корпорејшн“, биле исплатени како надомест за извршената работа. Откако договорот им беше поделен на јавниот обвинител и на бранителите на Лазаров, судот даде рок од една недела за негово проучување и произнесување. Судењето на Лазаров досега доживеа пет одложувања поради недоставување на договорот што го бараше судот од државната компанија ЕЛЕМ.
Поранешниот прв човек на ЕСМ, Панде Лазаров, се товари дека од 30 октомври 1996 година до 15 јули 1998 година на сметка во МКБ Банк НЗРТ во Будимпешта, Унгарија, во четири наврати му биле уплатени 300.000 американски долари и 190.000 германски марки. (Љ.С.) |