Број 3320  среда, 30 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Хроника

Државата ќе отвора прифатилиште за жртвите на трговија со луѓе

Прифатилиштето ќе ги исполнува европските стандарди за сместување и ќе профункционира до крајот на годинава

Даниела Трпчевска


Ново прифатилиште за жртвите на трговијата со луѓе со европски стандарди и капацитет за сместување на 15-ина лица, се очекува да профункционира кон крајот на годинава. Станува збор за проект на Министерството за труд и социјална работа, кој веќе е одобрен и ќе го финансира државата.

„Прифатилиштето со капацитет за петнаесетина лица се очекува да се опреми до септември годинава, по што ќе биде извршена обука на кадри што ќе работат со жртвите на трговија со луѓе. Прифатилиштето ќе ги исполнува европските стандарди за сместување, со услови за одделно сместување на возрасните од малолетните жртви на кои им е неопходна помош“, вели Светлана Цветковска, координаторка на Националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе. Проектот ќе се спроведува во соработка со невладините организации што ќе бидат вклучени во делот на ресоцијализацијата на жртвите, а ќе бидат спроведени и посебни обуки и едукација на кадрите што ќе работат во новото прифатилиште.

Потребата за отворање на еден ваков нов центар за згрижување и ресоцијализација на жртвите од трговија со луѓе се наметнува поради зголемениот број случаи во изминативе години, но и поради недоволниот капацитет со кој располагаат досегашните центри.

Критика за недоволниот ангажман на државата за спречувањето на проблематиката со трговија со луѓе неодамна упати и американскиот Стејт департмент во својот последен извештај. Во него се посочуваше дека Македонија е земја на потекло, транзит и дестинација за жртвите на трговија со жени и со деца од Албанија, Бугарија и од Косово. Стејт департментот во извештајот ��а рангираше земјава една категорија подолу, во групата два, во која се наоѓаат земји што целосно не се придржуваат до минималните стандарди, но прават значителни напори.

Најголемите забелешки во извештајот се однесуваа на тоа што во земјава нема осудено ниту еден сторител на шверц со луѓе, идентификувани се помал број официјални жртви и не се обезбедени средства за невладините организации за грижа и помош на  жртвите. Стејт департментот препорача Владата поенергично да ги гони трговците со луѓе и да ја зајакне соработката со невладиниот сектор. 

Засега домашните жртви на трговија со луѓе се згрижуваат од страна на невладината организација „Отворена порта – Ла страда“, каде што се сместуваат возрасни и деца над 12-годишна возраст. Странците, жртви на трговија со луѓе што ќе бидат откриени во земјава, привремено се сместуваат во Транзитниот центар, но и тој е со ограничен капацитет.

„Најчесто станува збор за жртви на сексуална и трудова експлоатација, кои се сместуваат во Транзитниот центар или во прифатилиштето на Ла страда. Често меѓу мигрантите што транзитираат низ земјава има и деца, на кои им се назначува привремен старател од центрите за социјална работа. За малолетните мигранти постапуваме како во случај на трговија со малолетни лице“, објаснуваат надлежните од Министерството за труд и социјална политика.

Маја Варошлија од невладината организација „Отворена порта (Ла страда)“ вели дека како резултат на потребите за сместување на македонски државјанки што бараат помош, во јули 2005 година го отвориле првото прифатилиште за жртви од трговија со луѓе, каде што се грижат за рехабилитација и реинтеграција на штитеничките. Прифатилиштето се финансира од донатори.

„На жртвите им се нудат специјализирани услуги, како што се сигурен престој, храна, облека, психосоцијална поддршка, медицински третмани, правна помош и обука за работа. Периодот на престој во прифатилиштето се определува од случај за случај, а во просек од 3 до 12 месеци“, објаснува Варошлија.

Во прифатилиштето досега биле згрижени 65 штитенички, од кои поголемиот дел се малолетни лица (53 проценти). „Сите случаи што сме ги асистирале потекнуваат од рурални средини, сиромашни семејства на маргините на егзистенција, нецелосно основно образование и од дисфункционални семејства“, додава нашата соговорничка.

Од почетокот на годинава, како што информираат од Министерството за труд, помош им била дадена на три малолетнички, жртви на трговија, од кои една е на 15-годишна возраст. Другите две девојчиња се на возраст од 17 години. Станува збор за последниот случај што ја згрози јавноста кога таксист намамил две малолетнички и од Велес ги донел во Скопје, каде што потоа тие со денови беа сексуално злоупотребувани од повеќе лица. На девојчињата им е назначен привремен старател, а против четири лица се води кривична постапка за трговија со малолетнички.

База на податоци за жртвите

Никој не ја знае точната бројка на деца и на возрасни, кои во изминативе години завршиле во мрежата на трговија со луѓе. Со крајот на годинава ваквата состојба се очекува да се измени, бидејќи е во подготовка обемен проект за создавање база на податоци за трговијата со луѓе, со што би се добила појасна слика за овој горчлив проблем.

„Министерството за труд и социјална политика заедно со 11 земји од Југоисточна Европа е вклучено во проект за креирање унифицирана база на податоци за жртви од трговија со луѓе, додека МВР ја има базата на податоци за сторителите. Проектот е во последната фаза и се очекува до крајот на годинава веќе да ги имаме потребните податоци. За таа цел, центрите за социјални работи, полицијата и судовите ќе треба да ги достават податоците за случаите и за предметите на кои работеле досега“, вели Светлана Цветковска, координаторкa на Националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе. (Д.Т.)


#
Статијата е прочитана 386 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Хроника
Жена се самоуби пред Битолскиот театар
Судот го доби договорот за набавките за ТЕЦ „Осломеј“
Пријави поради водата „Менада“
Ја барал жена си, добил ќотек