Број 3444  понеделник, 29 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter
Втора страница

Опасно е лесното посегнување по Уставот

Можно ли е да се повтори пролетното сценарио за минирање на најавите за уставни измени?

Гордана Дувњак

Ќе успее ли новиот обид за иницирање уставни измени, овој пат за симнување на забраната за предавање сопствени државјани на туѓи држави поради сторени кривични дела? Мислењата се поделени, како во поглед на идејата, така и за тајмингот. Постои и голема резерва за да не се повтори пролетното сценарио, кога обидот за уставни промени заврши со фијаско.

„Ако треба да се прави уставна измена, тоа е за отстранување на министерот за правда од Судскиот совет. Поприоритетно е Маневски да ги тргне рацете од судството, што го констатираше и Брисел во извештајот“, категоричен е социјалдемократот и експремиер Владо Бучковски. Тој вели дека, генерално, не се против идејата за симнување на забраната за македонски државјани, но во време кога СДСМ бара предвремени избори е депласирано да се зборува за една ваква идеја.

За една таква измена не е против ниту пратеникот на ДУИ, Рафис Алити, кој вели дека тоа се меѓународни стандарди што треба да ги применуваме доколку сакаме да влеземе во Европа. Но, тој не сакаше да се впушта во прогнози дали повторното посегнување по Уставот може да поттикне и нови идеи.

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од парламентарното мнозинство, Павле Трајанов, пак, е со сосема спротивен став. Вели дека постојното уставно начело го има во многу други законодавства и прашање на избор на земјата е кое решение ќе го примени.

„Кога се правеше Уставот ние го избравме овој модел. Не гледам причина за вакви парцијални измени, особено затоа што станува збор за неколку изолирани случаи на криминалци што имаат двојно државјанство. Ако треба да се оди на уставни измени, тоа треба да биде за посуштински работи, како што се позицијата на министерот за правда во Судскиот совет, давањето право на шефот на државата да го распушти парламентот во време на сериозна владина криза“, нагласува Трајанов.

На опасноста од често посегнување по Уставот предупредува и професорот по уставно право, д-р Саво Климовски, кој вели дека тоа може да отвори терен за политички пазарења.

„Но, да не се залажуваме, вакви измени направија и други земји во регионот и тие, обично, се во насока на спроведување на препораките од ЕУ“, додава Климовски.

Министерот за правда Михајло Маневски од Брисел, во вторникот, на министерскиот форум „ЕУ - Западен Балкан“ најави дека Владата подготвува измена на Уставот на Македонија, со која ќе се отстрани пречката државјанин на Македонија да и' биде предаден на друга држава поради сторени кривични дела врзани за корупција и организиран криминал. Според него, таков договор веќе има Србија со Хрватска и со Црна Гора, а Министерството за правда е обврзано да ја подготви иницијативата за триесетина дена. Ваквата уставна одредба е пречка Македонија да потпише исто таков договор со Србија и со други ексјугословенски републики, и преку него да ги донесе пред македонскиот суд Драган Даравелски, Владислав Тамбурковски и другите обвинети за корупција и организиран криминал што се кријат на ЈУ-просторите. Ваквата најава беше дел од расправата на тема „Екстрадиција и трансфер на осудени лица“, при што министерот Маневски ги изнесе искуствата околу случаите кога некои сторители на кривични дела ја одбегнаа кривичната одговорност токму со користење двојно државјанство, на Република Македонија и на некоја друга.

Иницијатива за уставни измени беше иницирана и во март оваа година, но заврши неуспешно. Идејата беше да се направи промена во делот на судството, со цел да се отстрани влијанието на министерот за правда од Судскиот совет. Но, со отворањето на Пандорината кутија на површина излезе и цела серија нови партиски предлози - од барање за незастарување на кривичните дела за приватизација до Бадентерово гласање во Уставен суд. Поради тоа што не можеше да се изгради консензус пропадна обидот за ново задирање во највисокиот државно-правен акт.


#
Статијата е прочитана 1828 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Втора страница
Рамковски како Груевски
Европскиот парламент ќе бара преговори за Македонија
Вербатим
 


Macedonia's secret surveillance society
Former Bulgarian minister denied US entry visa
Second Bulgarian commissioner awarded European of the Year