ЕДИТОРИЈАЛ
Полските амбиции
Љупчо Поповски
Јагодите што ги донесе премиерот Доналд Туск во Европскиот парламент во Стразбур од Варшава не беа за да се засладат Жозе Мануел Баросо и Јежи Бузек и да се даде сочен пример дека полските фармери знаат да произведуваат убави работи, туку да и' ја покажат на Европската унија свежината што доаѓа од полските рамници. Полската ротација на кормилото на ЕУ донесе оптимизам во Брисел како ретко некое претседателствување во последниве години. Со исклучок на фабулозната работа што ја заврши Шведска во 2009 година.
Што ги натера бирократите во Брисел и надмените господари во клучните европските европски метрополи да веруваат дека владата на Доналд Туск ќе помогне да се смири европскиот брод што толку многу се ниша со драмата во Грција, со колапсот во Португалија, со неизвесноста во Шпанија, со изолационизмот во Германија, со рампите на границите во Данска, со малата надеж во Западен Балкан.
Откако во септември 2008 година банкротираше американската банка „Леман брадерс“ и ја повлече големата спирала на економската криза, владата во Варшава им покажа на сите во Европа дека знаењето може да ја извлече земјата од калта што надоаѓаше од сите страни. Полска остана единствена во Унијата да чекори напред со четирипроцентен раст на економијата, додека другите заглавија во рецесија.
Зошто се случи тоа? „Полска беше единствена земја-членка на ЕУ, која веднаш по ’Леман брадерс‘ ја намали јавната потрошувачка“, објаснуваше овие денови Доналд Туск. „Европа и САД избраа бегство од мрачната вистина со стимулативни пакети наместо да го кратат јавното трошење“, велеше Туск.
Полската економија за само неколку години стана шеста по големина во Европа. Клучниот збор во Полска е модернизација. Нови патишта, нова инфраструктура, нова надворешна политика. Таа нова надворешна политика Доналд Туск ја детализираше една недела пред неговата земја да го преземе претседателствувањето. „Некои веруваат дека на Грција не може да и' се помогне и дека не може да им се помага со милијарди евра на земјите што самите си предизвикале проблеми. Тие мислат дека тоа е реализам, но тој реализам може да води кон пропаст дури и на најголемите“.
Какви се амбициите на Варшава? Владата на Туск со либерален инстинкт уште пред три години ги покани најдобрите политички умови во земјата да придонесат со идеи за претседателствувањето. Главната работа на координатор му ја довери на високиот владин службеник од кариера Миколај Довгјелевич, кој порано беше портпарол на Европската комисија. Тој командува со цела легија млади администравтивци што го подготвија влегувањето на Полска во ЕУ во 2004 година. Полјаците велат дека сакаат да искористат што е можно повеќе од шведскиот пример за претседавање со ЕУ и дека не сакаат да се сопнат како што го направија тоа Шпанија и Унгарија.
Во таквите планови намалувањето на јавната потрошувачка не може да биде единствен рецепт за европската политика, па предлагаат поголем европски буџет за периодот 2014-2020. Тоа сигурно ќе биде дочекано на нож во Париз, Берлин и Лондон. Полска ќе бара и поголема европска безбедност, никогаш не заборавајќи дека на нејзината граница се руските војници и дека стабилноста на Европа зависи и од фер договор за рускиот гас. Варшава сака да му се посвети повеќе внимание на арапскиот свет во времето кога тој се бори во неговата пролет. Многу добро знаат луѓето во Полска како е да се живее во диктатура и затоа на угнетените треба да им се помогне. Западен Балкан? Тој не е во приоритетите, иако е во агендата. Името и нашата препорака - и тие се во агендата, но не се во приоритетите.
|