Не запира рекламирањето на Владата
Во Министерството за финансии вчера никој не се јавуваше за да објасни зошто изборот паднал на „Република“.
Александрија Стевковска Соња Маџовска
Не запира рекламирањето на Владата. Со најновата реклама вредна 307 илјади евра, Министерството за финансии ќе ги убедува граѓаните дека треба да побрзаат да си го откупат градежното земјиште на кое се наоѓаат нивните домови, по цена од едно евро. Со ова таа покажува дека продолжува нејзиното расипничко трошење за непродуктивни цели во време на криза кога од друга страна, таа нема пари да им плаќа на фирмите навреме за завршените работи. Доцни и повратот на ДДВ, ама кога се во прашање рекламите пари, се наоѓаат и под дрво и под камен.
Министерството за финансии деновиве склучило нов договор за медиумска кампања за промоција на откуп на градежно земјиште по цена од 1 евро за квадратен метар, и тоа со познатата рекламна агенција, „Република“, преку која најчесто се реализираат владините кампањи. Владата ќе и' искешира 307 илјади евра за кампања што ќе трае три месеци. За возврат, фирмата ќе спроведе активности што опфаќаат изработка и дизајн, решенија за лого, ТВ-спотови, ради��пораки, принт-решенија, веб-банери и медија закуп, со кои интензивно ќе ги информира граѓаните дека заклучно со 8 јануари идната година истекува рокот за откуп на дворовите.
Она што е симптоматично во целата постапка за реализација на оваа јавна набавка е тоа што на тендерот се јавиле двајца понудувачи, од кои, сепак, Владата се одлучила за поскапата варијанта. Имено, „Република“ дала понуда од 260 илјади евра, а втората фирма понудила за 100 илјади евра пониска цена, или 160 илјади евра. Иако цената според тендерското рангирање била решавачка, односно носела најмногу бодови, излегува дека сепак таа не била пресудна министерството за финансии да се одлучи за поевтината понуда.
Со оваа кампања Владата како да влече очајнички потези за да ги натера граѓаните да ги купат дворовите под и околу своите куќи во кои живеат и по повеќе од педесет години. Бидејќи, очигледно, иако во неколку наврати се одложуваше рокот за откуп на дворните површини и се намалуваше цената, тоа досега не даде плод. Впечаток е дека Владата, сепак, нема јасна слика за причините за досегашниот слаб одѕив на граѓаните за откуп на дворовите и како да се сака што побрзо да се продаде земјата и да се соберат пари по секоја цена, без притоа да се направи детална анализа за досегашниот тек на продажбата и за проблемите со кои се соочуваа граѓаните при обидот да ја почнат процедурата за откуп. Колку и да изгледа популарна, цената од 61 денар за квадратен метар дворно место по се' изгледа голем дел од граѓаните и натаму тешко се одлучуваат да почнат постапка за приватизирање на земјиштето. Доколку Владата направеше ��етална анализа на досегашниот тек на приватизацијата на градежното земјиште, лесно ќе констатираше дека главните причини за незаинтересираноста на граѓаните се цената на земјиштето, долгата и комплицирана процедура и нејаснотиите во законот.
Инаку, Владата иако постојано е критикувана за ненаситноста од рекламирање на својата политика, а тоа беше на удар и во ревизорските извештаи, таа продолжува со истото темпо. Излегува дека кога се рекламите во прашање, се' е дозволено и пари има. За рекламните агенции изгледа како да не важат измените на Законот за јавни набавки со кои Владата реши да ја одложи наплатата на побарувањата на фирмите. Неофицијално, дел од фирмите веќе добиле известување дека Владата ќе почне да им ги исплаќа побарувањата од наредната година. „Само што ми стигна времето за наплата на правата рата за одмана реализирана испорака на техничка стока кон владините институции, добив известување дека наплатата ќе почне дури од наредната година“, вели еден бизнисмен, кој сака да остане анонимен.
Деновиве и други бизнисмени почнаа јавно да говорат дека доцни исплатата и на повратот на ДДВ. И додека за фирмите нема пари, деновиве повторно се вртат рекламите по телевизиите за борба против дрога, пушење и алкохолизам, потоа за поттикнување на граѓаните да читаат книги, за јавна чистота и отпад, за етика и етичко однесување, за оптимизам и поттикнување на добрите вредности, кампањата „Истражи ја Македонија“.
За минатата година се проценува дека за рекламни кампањи од буџетот се издвоени 5,5 милиони евра, но никој официјално не ја потврди таа сума. Како што се молчи за сумата што ја троши Владата на реклами, така се молчи и за нејзиниот долг кон фирмите. Останува, сепак, енигма дали и маркетинг-агенциите навреме ги добиваат парите за реализираните медиумски кампањи. (А.С. - С.М.) |