Боцевски: Извештајот на ЕК срам за Македонија
Слободата на изразувањето ќе биде најтешката критика во извештајот
Тамара Грнчароска
Македонија моментно нема стратегиска политика, ниту се знае кои се целите и задачите што си ги поставува пред себе Владата во сферата на европската интеграција, смета Ивица Боцевски од Либерално-демократската партија и поранешен вицепремиер за европски прашања. Тој, во пресрет на извештајот на ЕК за напредокот на земјава, кој ќе биде објавен на 9 ноември, констатира дека ситуацијата со реформите е драстично влошена и тоа ќе биде јасно изразено во него.
Критичните области за кои Македонија ќе претрпи критики, според Боцевски, се институционализирањето на политичкиот дијалог, меѓуетничките односи, независноста на судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, јавната администрација, слободата на изразувањето и дискриминаторските практики. „Ќе биде констатирано дека продолжува систематска партизација на судството и на администрацијата“, вели Боцевски, според кого се пропушта златната шанса за прекинување на маѓепсаниот циклус на партиската колонизација на државната и на јавната администрација, која место „слуга на општеството“, се гледа како оружје во рацете на владејачката партија, место за вдомување на партиските милитанти и за пресметување со опозицијата.
Боцевски најголема загриженост изрази за критиките во извештајот околу слободата на медиумите. „Слободата на изразувањето е суштинското што ќе ја разликува Македонија од извештаите од другите години“, смета тој, оценувајќи дека актуелната власт ќе добие критика за медиумите, какви што добивале властите на Мечијар, Милошевиќ, Туѓман и Црвенковски, кога беше премиер на Македонија, што е невиден срам за земјата. ЛДП, рече Боцевски, поради тоа ќе бара итна седница на Собранието и јасна политичка одговорност за негативниот извештај. „Неуспехот ќе посочи дека е целосно истрошена реформската платформа на Владата“, изјави тој.
Со слични забелешки за претстојниот извештај од ЕК вчера се огласи и амбасадорката на Холандија во земјава, Симоне Филипини, според која, предизвиците за Македонија се јавната администрација, правосудството и некои други теми, како што е слободата на медиумите. „Владата тоа го знае и знае дека ова ќе се преслика во извештајот што, секако, ќе биде фер и праведен и, како секогаш, ќе ја претстави реалноста“, изјави Филипини. Процесот на пристапување, нагласи таа, не се однесува само на носењето закони, туку и на имплементацијата во практиката. Според неа, лани Македонија доби добар извештај со препорака дека ќе ги почне преговорите кога тоа ќе биде можно и оти само едно прашање е пречка - спорот со името со Грција.
На изјавата на Боцевски вчера писмено реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го дека избегал од Владата и од одговорноста во време кога не се знаеше дали Македонија ќе добие позитивен извештај од Комисијата и визна либерализација. Како контрааргумент на тврдењата на Боцевски за уназадување на реформите, ВМРО-ДПМНЕ ја наведува изјавата на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, дека Македонија ќе има позитивен извештај. |