Сведок се плаши да дојде на суд за убиството пред Универзална
Повторно одложен процесот за убиството. Обвинетиот Харун Хаџибулиќ место на суд, ќе оди на лекување
И вториот обид за започнување на судењето на Јасмин Лесковица (22) и на Харун Хаџибулиќ (45) остана без успех, бидејќи судот го прифати барањето на второобвинетиот да биде испратен на лекување во Клиниката за трансфузиологија. Хаџибхулиќ се пожали на пукнат тромб, а судот му дозволи да се прегледа.
Вчерашното судење мина во меѓусебни извинувања. Најпрво адвокатите на обвинетиот му се извинија на судот за случувањата на првото судско рочиште пред две недели, а потоа се извини и Хаџибулиќ, кој рече дека неговото однесување е последица на нарушеното здравје. По прифатеното извинување, судијката Ирина Петровска вината за „циркусот“ од минатиот пат ја префрли на адвокатите и на присутните новинари. Таа рече дека доколку на минатото рочиште имало меѓусебно разбирање, ќе немало никаков проблем обвинетиот да биде упатен на испитување во Кардиохируршката клиника „Филип Втори“, каде што на Харун Хаџибхулиќ му била констатирана дијагнозата за која самиот тврдеше дека ја има подолг период.
За еден од повиканите сведоци, кои меѓу другото се и оштетени во настанот што се одигра на 15 март оваа година и во кој животот го загуби Мирсад Кријешторац (33), беше кажано дека ја променил адресата на живеење и поради тоа не беше присутен на вчерашното судење. Сведокот испратил писмо до судот во кое што навел дека се плаши да дојде и да сведочи.
По дадените гаранции дека на сведокот нема ништо нема да му недостасува, се огласи и самиот Харун Хаџибулиќ, кој побара сведокот да дојде и да даде свој исказ.
„Инсистирам тој да дојде овде и да сведочи, бидејќи лесно може да се случи тој од сведок да биде обвинет, а јас да бидам сведок“, рече обвинетиот Хаџибулиќ. Поради нарушената здравствена состојба на обвинетиот, односно поради негово упатување на натамошни прегледи, судењето ќе продолжи во втората половина на ноември за кога се очекува двајцата обвинети да дадат своја одбрана на главен претрес. (Љ.С.) |