Европа-Балкан
Н. В. вето
Иван Торов
Сега Словенија ја блокира Хрватска, па во Брисел се фаќаат за глава како да ја спречат "епидемијата" на (зло)употреба на членството во ЕУ
БЕЛГРАД - Спуштете ја малку температурата. Дајте во мир да ги поминеме божикните празници, па потоа да седнеме и да се обидеме да го решиме проблемот. Со овие зборови комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, настојуваше да им парира на новинарите и да ги смири страстите откако Словенија ги блокира завршните пристапни преговори на Хрватска. Всушност, тоа беше одговор на Рен на критиките дека словенечкиот потег многу го собори авторитетот на Европската унија. Имено, официјален Брисел со својата симптоматична индоленција, дури и со толеранција на случаите на (зло)употреба на членството, во извесна смисла, придонесе нешто што до скоро се мислеше дека (на примерот на Кипар) ќе биде преседан, во меѓувреме се преиначи во правило. Со тоа и самата стана, ако не решавачки фактор, тогаш барем соучесник во предизвикување и поттикнување регионална нестабилност, која, на просторите на бивша Југославија повеќе не е само случајна закана, туку и реалност.
Словенија, нема сомнение, го повлече овој потег мотивирана, пред се', од своите "национални интереси", активирајќи цел арсенал "побарувања", но и обвинувања на сметка на својот сосед. Процени дека завршните преговори можеби се последна прилика Хрватска да се "вразуми", односно да ги "смири своите претензии на словенечка територија". Така, словенечко-хрватскиот спор, кој, навистина, континуирано трае од моментот на распадот на СФРЈ, а се однесува на многу нерасчистени сметки, од погранични до долгови на Љубљанска банка на хрватските штедачи, сега интернационализиран до таа мера кога Брисел - спротивно на својот манир, официјално, да не се меша во "внатрешни��е спорови", а неофицијално, по правило ја држи страната на своите членки - мора да интервенира. Како ќе го прави тоа, веројатно, Солана и Рен ни сами се' уште не знаат.
Водечките функционери на ЕУ сега се наоѓаат во уште посложена ситуација. И тоа, би се рекло, исклучиво по своја вина, зашто ни во овој ниту во некои претходни слични случаи не дејствуваа превентивно. Овој пат мора да го бранат авторитетот на институцијата со која раководат, а притоа и делумно да го ревидираат воспоставениот манир дека членството во ЕУ се смета за привилегија, која, со премолчана дозвола на Брисел, може да се користи и во ултимативни цели. Словенија во односот со Хрватска се постави онака како што претходно го направи една друга, "постара" членка - Грција, блокирајќи го најпрвин зачленувањето на Македонија во НАТО (во пакет со Хрватска и Албанија), патем, заканувајќи им се на "пркосните скопјани" дека Неговото Височество вето ќе го употреби и кога станува збор за европските интеграции на својот северен сосед. Бидејќи Брисел, помалку или повеќе, застана на страната на својата членка, Грција, сметајќи се себеси за единствен наследник и толкувач на историјата на европската цивилизација, премолчаната поддршка од седиштето на ЕУ ја сфати како одлична прилика докрај да и' го загорчи животот на Македонија. Проблемот со името на државата во меѓувреме ескалира во подолг список на уцени, кои ги доведуваат во прашање и идентитетот, историјата, културата и јазикот на еден народ. Речиси - се'. Краен резултат: Грција, која има хронични спорови со сите свои соседи, е охрабрена да биде уште поагресивна и поарогантна, Македонија, иако полни три години е кандидат за членка на ЕУ, е сопрена, турната, и со туѓа и, нема сомнение, со своја вина, во вистински внатрешен и надворешно-политички кошмар.
Европската унија ја повлече ногата кога во своето членство го прими поделениот Кипар, што Грција "правилно" го разбра како европска дозвола да ја преземе улогата на регионален арбитар, дури и полицаец. На Турција, која до денес не се откажува од поддршката на "својот" дел на островот, и' припадна "честа" да биде "вечен" кандидат за членство во ЕУ, која Грција може да ја блокира кога ќе посака. Вчера тоа го направи со Турција, денес со Македонија, утре, според некои најави, на нејзиното "мени" ќе биде - Албанија. Тој "вирус", како што гледаме, ја зафати и Словенија. Поучена од грчкото искуство (што не може со преговори, може со ултиматуми) процени дека Хрватска треба итно да се сопре, зашто со нејзиното влегување во ЕУ би било предоцна за поднесување на словенечките "побарувања".
Заострувањето на односите на Хрватска и Словенија со посебно интересирање се следи во Србија. Всушност, сфатено е како добар изговор да не се брза премногу со нормализирање на односите со соседна Хрватска. На веќе неколку месеци стариот проблем со чекање новиот амбасадор на Србија во Белград да добие агреман од МНР на Србија, се надоврза неодамнешниот спор по повод одлуката на Хашкиот суд на правдата да се прогласи за ненадлежен во водењето на процесот по тужбата на Хрватска против Србија, и со контратужбата на Србија против Хрватска. Се стекнува впечаток дека државниот врв на Србија внимателно следи се' што се случува и настојува со своите потези да не ја подобри позицијата на Хрватска. Се чека расплет кој би можел на Србија да и' послужи како модел како да се однесува и самата ако еден ден стане членка на ЕУ. Навистина, европскиот курс на Белград поради Косово моментално е во сериозна криза, но некои калкулации се и натаму актуелни. Имено, би било идеално ако Србија влезе во ЕУ со Косово во својот состав, но ако тоа е невозможно, (а изгледа дека е така) поднослива е и варијантата без тој дел од територијата, да влезе во ЕУ, па од позиција на полноправна привилегирана членка, да го блокира евентуалното европско приближување на независно Косово. Во таа сметка на Белград му е пресудно приемот на Србија во ЕУ да не биде условен со претходно (српско) признавање на Косово. |