Шефот на дипломатијата ги проширува своите ингеренции
Речиси и да нема измена во Законот за надворешни работи со која не се централизира надворешната политика
Тамара Грнчароска
Законот за надворешни работи усвоен пред малку повеќе од две години претрпе измени кои за познавачите на состојбите во таа област значат не само поголема партизација на македонската дипломатија туку и централизација на улогата на шефот на дипломатијата во поглед на одлуките, а пред се' на кадровските решенија. Една од клучните измени е намалувањето на процентот од две третини на една четвртина амбасадори кои би се именувале од редовите на професионалците во Министерството за надворешни работи (МНР), но не помалку важни се и измените кои на министерот му оставаат простор сам да решава околу начинот на проверка на исполнетоста на условите на кандидатите за амбасадори, но и нивната подготовка за преземање на одговорноста, обука и начинот на завршен разговор.
Со новиот закон продолжено е дискреционото право на министерот да испраќа вработени од Министерството во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) од шест месеци на две години без објавување интерен конкурс, но и избор на генерални конзули надвор од редовите на МНР. Измена на роковите е направена и во поглед на тоа колку пати државниот службеник може да го полага дипломатскиот испит, од еднаш на двапати, намалување на годините на работење во МНР пред да се добие тоа право - од две на една година, но и скратување на времетраењето за повторно упатување на работа во ДКП по поминати не 24, туку најмалку 12 месеци во Министерството.
Овие измени за добро упатените значат влез на нови луѓе во дипломатијата, и тоа не само како амбасадори туку и како генерални конзули, кои само ќе се приспособат, но нема и да се оспособат за таа работа. Македонија ја испушта можноста за континуитет во градењето професионални дипломатски кадри и тоа, пред се' од, како што наведуваат, средниот ешалон во МНР, способен за дипломатската улога.
За други, пак, именувањето амбасадори надвор од професионалните кадри на МНР не мора да значи и лоша дипломатија, туку спротивно - подигање на нивото и углед на Македонија кај државата-домаќин со испраќање видна личност како амбасадор. Но, и за едните и за другите, измените на Законот укажуваат на можна партизација на дипломатијата. Поранешната министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, во чиј мандат беше донесен Законот, вели дека Законот од 2006 година „квалитетно го определува процесот на градење натпартиска, професионална и ефикасна дипломатија“, со строги критериуми од најмалку две третини од вкупниот број амбасадори да бидат професионалци, односно дипломати со највисоко звање во Министерството.
„Измените и дополнувањата на Законот што ги донесе ВМРО-ДПМНЕ јасно укажуваат на намерата да се саботира духот на законот во делот на професионализацијата на дипломатијата и да се обезбеди законска подлога за создавање партиска дипломатска мрежа“, изјави Митрева за „Утрински весник“. Според неа, „намалувањето на квотата од две третини на една четвртина професионални кадри за амбасадори, можноста генерален конзул да се предлага од структурите надвор од МНР, скратувањето на роковите за дипломатско оспособување, зголемувањето на траењето на дипломатскиот мандат на пет години, централизирана моќ на министерот, јасно ја определуваат насоката во која се движи дипломатијата во наредниот период: наместо да биде клучен инструмент за остварување на стратегиски цели на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, дипломатијата ќе биде клучен инструмент за остварување на партиските цели на ВМРО-ДПМНЕ“.
Од Министерството за надворешни работи како основни причини за дополнување и измени на Законот ја наведуваат „потребата од допрецизирање и појаснување на одредени одредби од постојниот закон“. Оттаму за „Утрински весник“ информираат дека „со измените треба да се подобрат и конкретизираат одделни сегменти од сферата на надворешните работи“. „Тоа се сегменти кои од досегашната надворешна практика се покажаа проблематични во примената“, е нивниот став. Одлуката за намалување на квотата од две третини на една четвртина професионални амбасадори ја објаснуваат со дефицитот на професионален кадар во МНР, поточно, поради ангажманот на професионалните дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава, „во МНР се чувствува кадровска празнина која останува по нивното заминување“. Според нив, Министерството нема толку човечки ресурси за да пополни две третини професионални дипломати во 40 амбасади, но и нема доволно работни места т.е. позиции во МНР кои би одговарале на нивото на звањето по нивното враќање во земјата. Оттаму сметаат дека намалувањето на една четвртина професионални дипломати ќе ги реши тие проблеми.
Според експертите, позитивен ефект можат да имаат измените на Законот во делот на регулирање на времетраењето на консултациите на кои амбасадорите се повикуваат во земјава, а кои досега можеа да траат неограничено, но и продолжување на мандатот на амбасадори во земјите каде што се испратени се' додека не се именува нивна замена. Со тоа, според нив, би се избегнало оставање празни амбасадорски места на подолг период. Измените во тој дел предвидуваат консултациите на кои може да биде повикан еден амбасадор да не траат повеќе од 60 дена, по што, доколку не се постигне усогласеност на ставовите меѓу Министерството и претседателот, тој да се врати во државата на прием. Исто така, предвидено е и продолжување на мандатот на еден амбасадор во интерес на државата се' додека не се именува негова замена.
На ваквите законски измени реагираше претседателот на државата, Бранко Црвенковски, според кого во законот останува нејасно прецизиран рокот на продолжување на мандатот на амбасадорот.
Од страна на претседателот најмногу забелешки има на измените на Законот кои навлегуваат во неговите ингеренции во надворешната политика, како отповикувањето на амбасадорите, именување специјални пратеници на претседателот, но и во доменот на давањето инструкции за работа на специјалните пратеници и амбасадорите. Со измените на Законот покрај претседателот сега амбасадори ќе може да отповикува и Владата врз основа на нејзина уредба која подетаљно ќе утврдува кои работи се сметаат како незадоволителни резултати и „работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот“. Забелешка од Црвенковски доби и членот 14 од предлогот за измена на членот 48 од законот, со која „амбасадорот постапува согласно со инструкциите и насоките на министерот“ што, според него, е неприфатливо, бидејќи доколку амбасадорот одговара пред претседателот и министерот за својата работа, тогаш тој треба од нив да добива и инструкции за работа. На претседателот на државата со измените на Законот му се намалува и ингеренцијата да именува специјални пратеници во консултација со МНР. За намалувањето на квотата на професионални дипломати, кабинетот на Црвенковски е со забелешка дека тоа оди на штета на градењето професионална дипломатија и „се воведува можност за промовирање поголем број партиски кадри за дипломати“, но, од друга страна, компаративно анализирано, по примерот на Словенија каде што законски е регулирано најмалку една половина од амбасадорите да бидат од редот на професионалниот состав на МНР, „прифаќањето на овој предлог претседателот го цени како посоодветен за состојбите во Македонија“.
Од Кабинетот информираат дека не била усвоена ниту една забелешка дадена од страна на претседателот на првиот предлог на измените и дополнувањата на Законот, и оти усвоените измени, како втор предлог, му биле доставени на увид еден ден пред да бидат усвоени во парламентот. „На претседателот со тоа не му беше оставено доволно време да го разгледа и да даде забелешки“, велат од Кабинетот. От таму информираат дека првиот предлог- закон што му бил доставен на Црвенковски, и покрај сериозните забелешки, нудел подобри решенија од усвоениот, но оти и тој и усвоениот предлог-закон „содржат решенија кои засегаат во уставните ингеренции на претседателот и се противуставни“. „Сметаме дека Законот за именување и дополнување на Законот за надворешни работи е донесен насилнички, исто како и претходните закони без земање предвид на мислењето и забелешките на претседателот кој има уставни ингеренции во областа на која се однесува законот“, е официјалниот став на Кабинетот на претседателот. |