Општина Бутел ќе добие нова зграда
Изградбата на новиот општински објект ќе чини 1,2 милиона евра буџетски пари
Снежана Калабакова
Општинската зграда на Бутел е речиси готова и вработените наскоро ќе можат да се вселат во новиот објект. Ќе ги напуштат старите бараки на булеварот „Босна и Херцеговина“ и ќе почнат да работат во нови простории на нова адреса на улицата „Бутелска“.
Надлежните од Бутел објаснуваат дека веќе привршуваат градежните активности на објектот и моментално се преземаат само само ситни зафати. Скелињата од фасадата одамна се тргнати и завршуваат ситните детали. Објектот, изграден на приземје и еден кат, се простира на површина од 1.200 квадратни метри.
Приземјето има корисната површина од 1.073 квадрати и во тој дел ќе бидат сместени Едношалтерскиот систем, Секторот за урбанизам, салата за седници на Советот, салата за венчавање, а ќе има и неколку други простории. Катот има малку поголема квадратура и се простира на 1.094 квадратни метри. Тука се наоѓа кабинетот на градоначалникот, кој е комплетно опремен, како и 22 канцеларии за администрацијата и големите архивски простории. И на овој кат има уште неколку други простории, за кои подоцна ќе се одреди за што ќе се користат. Вработените ќе можат да го користат и внатрешниот двор од 130 квадрати.
„Новата општинска зграда со фасадата во шампањ боја е готова. Во неа влегуваат четири носечки столбови обоени бордо. На предниот фасаден дел доминираат и две хоризонтални бордо површини, меѓу кои е застаклениот дел од маркантни прозорци. Стаклата се во бронзена боја, што на целата зграда и' дава современа и екстравагантна димензија“, објаснува Снежана Клинчарова, одговорна за информирање во Општина Бутел.
Општината Бутел смета дека изградбата на новиот објект е еден од најголемите реализирани проекти во текот на нивното петгодишно постоење.
Општинарите се особено горди на тоа што беше запазен рокот од четири месеци за изградба на новата административна зграда. Камен-темелникот беше поставен во средината на септември минатата година. Од Бутел тврдат дека иако се градело брзо, работата била квалитетно изведена. Инвеститор на објектот е општината, а неговата изградба ќе чини 1,2 милиона евра буџетски пари. |