Лазаров и Сиудад Реал запрени во Загреб
Кирил Лазаров со Сиудад Реал се врати во Шпанија само со бод од гостувањето во Загреб, каде што одиграа нерешено 30:30 со Кроација осигурање во рамките на четвртото коло од групата Д во Лигата на шампионите. Најдобриот македонски ракометар му даде четири гола на својот донеодамнешен клуб пред 7.000 гледачи во „Арена Загреб“, од кои само еден од игра и три погодока од четири обиди од 7 м. Едниот седмерец му го одбрани расположениот домашен голман Марин Шего, кој мечот го заврши со 18 запрени удари, а својот последен гол Лазаров го постигна токму од пенал за израмнување на 27:27 четири минути до крајот на средбата. Од досегашните четири одиграни натпревара десниот бек на Сиудад Реал има вкупно 27 погодока.
Ниту една од двете екипи не направи поголема разлика од два гола во исклучително рамноправниот меч, во кој и на полувремето беше израмнето 14:14. Шпанскиот гигант, трикратен европски шампион и два пати вицешампион во последните пет изданија на ЛШ, беше на чекор до победата кога Алберто Ентрериос погоди на истекот од исклучувањето на Јаков Гојун во последната минута. Загрепчани израмнија преку Словакот Михал Копчо, по што на Шпанците им останаа 18 секунди за победа, но цврстата одбрана на загрепчани не дозволи да биде совладана.
Сиудад реал го задржа водството во групата со седум бода, еден повеќе од Кроација осигурање на второто место.
ДЕБАКЛ НА КАЛЕ КИЧЕВО ВО ЛЕОН
Ракометарките на Кале Кичево изгубија со 50:16 во Леон во првиот натпревар со шпанскиот претставник во рамките на второто коло на Купот на ЕХФ, кој на полувремето водеше со 21:11. Белеска постигна три гола, Ходак, Кост��вска и Лазареска по два и Блажеска, Фаличева, Ѓорѓиоска, Јаковлеска, Неданоска, Пендароска и Шошолоска по еден, а кај домаќинот се издвои Соња Куберо со осум погодока.
Синоќа требаше да се одигра и реваншот, исто така во Леон.
ПЕТРОВСКИ КАЗНЕТ ЕДЕН НАТПРЕВАР
Ракометарот на Пелистер, Михајло Петровски, доби забрана за настап на еден натпревар во еврокуповите поради директниот црвен картон што му беше покажан во последната минута од возвратната средба со Диделанж во Купот на ЕХФ. Тој меч од второто коло одигран на 9 октомври во Битола заврши со победа на домаќинот од 26:22, со која беше анулиран поразот од 20:17 од првиот дуел во Луксембург, а Петровски беше најефикасен во победничката екипа со шест гола.
Суспензијата на бекот на Пелистер подразбира дека тој ќе го пропушти првиот натпревар од третото коло со шпанскиот претставник Реале Адемар во Битола, закажан за 21/22 ноември во Битола. (Р.Д.) |