Интервју
Македонските политичари ја следат својата суета
Зоран Талер, известувач за нашата земја во Европскиот парламент
Најлошо за Македонија е ако не биде на дневен ред на ЕУ
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Г-не Талер, разговарате со поранешниот претседател на Македонија и лидер на опозициската СДСМ. За што разговаравте со Бранко Црвенковски?
Најнапред го замолив да ме информира како ја гледа од своја страна ситуацијата во Македонија и, пред се', нејзината меѓународна политичка положба. Од друга страна, ги разгледавме варијантите како може да се помогне Македонија да излезе од блокадата околу европските интеграции и побрзо да се промовира за членство во ЕУ. Позитивно ме изненади со конструктивниот пристап. Факт е дека опозициската партија на социјалдемократите и' дава бланко-карта на Владата на премиерот Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ околу проблемот со името и мислам дека е позитивно тоа.
Од моја страна, го убедував да пристапи проактивно кон премиерот Груевски и да го промовира периодичното усогласување на нивните национални интереси. Знаеме дека тоа не е традиција во Македонија и дека често се претерува со личните напади. Би било подобро за националниот интерес на Македонија да бидат усогласени клучните одлучувачи. Се гледа дека опзициската партија посакува Македонија да напредува, а од друга страна, бара и варијанти ако дојде до предвремени избори, политичка дестабилизација, и самата да се промовира. Тоа беа главните теми за кои разговаравме со Црвенковски.
Дали му порачавте нешто на Црвенковски како лидер на опозицијата, но истовремено и до сите политички лидери и партии во Македонија?
Да, мојата порака е - обидете се да ја прескокнете својата сопствена сенка и суета, преминете го Рубикон. Црвенковски, како лидер на опозицијата, да му даде иницијатива на претседателот на Владата да се најдат во четири очи и да се договорат кон сензационалните интереси на Македонија и да се направи тоа не дека им е лесно, туку дека им е тешко. Ова е во национален интерес на Македонија. Но, гледам дека ситуацијата не е лесна, работите се премногу персонализирани и луѓето тешко излегуваат од нивната кожа.
Дали ситуацијата во Македонија е дестабилизирана по инцидентите што се случија во парламентот и недостигот од политички дијалог меѓу власта и опозицијата?
Не, не го мислам тоа. Но, сите чувствуваме еден вид страв и неизвесност што може да се случи. Тоа не е добро, бидејќи климата станува напната, нестабилна и нервозна. Тие што се одговорните во Македонија треба да бидат свесни за тоа и да работат за да не се дофрла масло на огнот. Причината за сето ова е блокадата од Грција, која во суштина е неправедна, но животот на реалполитиката бара компромисно решение.
Добивме информации од други страни дека процесот за изнаоѓање решение на името напредува. Откако премиерите на Грција и Македонија ги презедоа работите во свои раце, има повеќе оптимизам и можности да се дојде до компромис. Мислам дека треба со сите сили да се поддржи тоа. Претседателот на Владата, Груевски, не се наоѓа во лесна позиција, тоа е јасно, бидејќи јавното мислење во Македонија не е наклонето за компромисно решение за името. Но, тука треба да дојде до израз лидерството. Потребно е да се дојде до компромис, за кој од Грците бараме да биде мек, во смисла да биде прифатлив за Македонија и потоа да ги убедиме луѓето дека тоа е во долгорочен интерес на Македонија.
Ако не се најде компромис околу името, дали постојат други решенија за да се забрза пристапот на Македонија во ЕУ?
За жал, засега не гледам други варијанти. Очигледно е дека сите се наоѓаме во еден вид стапица, во смисла дека општо е прифатен политичкиот став оти тоа е билатерален проблем. Во таа насока, меѓународната заедница го чека тоа решение и никој не се занимава со алтернативата - што ќе стане ако не дојде до решение. Во тоа е и големиот проблем на Македонија. Долго се играше играта на имиџ на преговарање, во смисла се оставаше впечаток дека се преговара, зад сцената, всушност, ништо не се случуваше. Но, според мене, тоа започна да и' штети на Македонија и таа нема корист од тоа. Исто така, мислам дека таа ситуација и' штети и на Грција, но, за жал, во Атина не се подготвени самите себе да си го признаат тоа. Грција е маргинален играч на Балканот, а би можела да биде главен играч.
Тука имаме ситуација во која е потребен пробој, но во меѓународната заедница нема сила да се најдат клучните актери и да ги соберат Скопје и Атина во присуство на Ештон, Филе, Хилари Клинтон, Меркел и Саркози и да останат заедно толку време колку што е потребно да се најде решение. Тоа не се случува и, најверојатно, нема да се случи. Така, ни останува да ги убедуваме двете страни да го најдат тоа решение.
Дали Вие го правите тоа?
Да, јас се занимавам со тоа да ги убедувам Грците, за нив е доволно и решение со кое ќе си го „спасат лицето“, односно што и да се промени во името, тоа е веќе промена и значи дека треба да бидат задоволни, зашто го бараат она што не може да се прифати во Македонија. Тоа е тоа, но најголемиот број земји-членки на ЕУ се незаинтересирани. Тука се наоѓа и најголемата опасност за Македонија, постои консензус ЕУ да се прошири кон Хрватска, но во ЕУ многубројни се оние што мислат дека нема ништо лошо ако другите треба да чекаат, чекаат и чекаат.
Вие, заедно со други европратеници, се сретнавте со комесарот за проширување во Стразбур, за што разговаравте со него?
Зборувавме за проширувањето, се водеше дебата со него, бидејќи оваа недела се усвојуваше резолуција за Косово и за Албанија, при што зборуваме и за Македонија. Комесарот беше релативно оптимист дека проблемот сега се наоѓа во рацете на двајцата премиери и сега очекува во догледно време да дојде до компромис, кој потоа треба да оди на референдум во Македонија. Се надевам дека сме блиску до тоа решение, тоа значи дека ќе ни биде потребна тактика како да се помогне околу тој компромис за „спасување на лицето“ и да биде усвоен од двете страни. Времето не работи за Македонија, тоа се тешки, болни одлуки. Ние, Словенците, добро го знаеме тоа, бидејќи имавме слични ситуации со Италија.
Работите на извештајот за Македонија, дали имате впечаток дека сега Македонија повеќе се занимава со проблемот околу името отколку со основните реформи кои се потребни за влез во ЕУ?
Повеќе гледам проблем во мотивацијата и енергијата, која се вложува во потребните реформи. Тоа дека се потребни реформи често звучи апстрактно и тешко за да им се продаде на избирачите и јавноста, но, всушност, тоа се многу конкретни задачи и проекти. Македонија, за среќа, има невладини организации кои квалитетно го следат тоа и се способни во секој момент да дадат јасна анализа и извештај што е постигнато, а што не е постигнато. Се разбира, блокадата од Грција го кочи во психолошка смисла мотивот за реформи, така што сето тоа е поврзано меѓусебно.
Во Македонија се слуша дека е можно Европската комисија годинава ја повлече препораката за преговори, дали може да се случи тоа?
Не, тоа не оди така. Не е потребно повторно да се дав�� препораката. Проблемот е во тоа што Македонија може, за жал, да се симне од дневниот ред на ЕУ ако набрзо не биде деблокирана ситуацијата со преговорите. На пример, во декември на самитот на ЕУ, сите министри зборуваа за прашањето со Македонија. Сега, во јуни, само словенечкиот министер за надворешни работи, Жбогар, заде збор за ова прашање, на што реплицираше Друцас. И се' заврши на ова. Тоа е негативен тренд кој може за две-три претседателства да доведе до ситуација во која Македонија повеќе нема да биде на дневен ред, што ќе биде катастрофално за македонските интереси. |