Антипод
Овие и оние
Димитар Чулев
Масовниот убиец од Осло немаше расистичка идеологија базирана на ксенофобија. Тој има дијагноза, а Европа има проблем
Една застрашувачки опасна констатација мина речиси незабележано во купот извештаи по стравичниот масакр во Осло пред десетина дена. Имено, дека „...имаше чудно чувство на олеснување кога стана јасно дека нападите не се дел од ’глобалниот џихад‘ инспириран од Ал Каеда. Наместо тоа, напаѓачот беше маж со руса коса и светла кожа, чистокрвен Норвежанец, кој имал желба и капацитет да убие во толкав број...“.
Значи, нападот не бил терористички атак, нешто со што живее светот во последните десет години по нападот на кулите-близначки во Њујорк и кога беше објавена глобална војна против тероризмот. Стручњаци веќе најдоа термин под кој го класифицираа масакрот врз осумдесетина млади луѓе: Тоа е дејствување на таканаречен „волк-самотник“, отуѓена индивидуа што со ваков крвав чин сака да го „публикува“ својот револт кон „оние“ за кои смета дека не припаѓаат во неговото „чисто“ етничко, расно, конфесионално и така натаму опкружување.
Веднаш да кажеме. Масовниот убиец од Осло немаше расистичка идеологија базирана на ксенофобијата што е во подем. Тој има дијагноза, а Европа има проблем. Зашто нападите коинцидираа со растечката екстремна расистичка и исламофобична идеологија што за кра��на цел го има сопирањето и протерувањето на муслиманската (и секој друга) имиграција од стариот континент.
Во Данска, деснорадикалната Народна партија, која учествува во владејачката коалиција успеа да го наметне барањето за повторно воведување царински контроли на данските граници и покрај тоа што земјата е членка на шенген- зоната. Оваа партија се спротивставува на доселувањето на странците и се залага за воведување најстроги закони за доселеници и баратели на азил во Европа. Во Норвешка, Партијата на напредокот, која е изразито националистичка и непријателски настроена кон странците, од 2005 година е втора по големина во норвешкиот парламент и е против доселувањето на странците. Во соседна Шведска, десноекстремната сцена е далеку поголема и побројна, поподготвена на насилство. Во Финска, партијата Вистински Финци на овогодишните избори освои 19 проценти од гласовите и на тој начин за четирипати го зголеми бројот на своите пратеници во парламентот. Партијата не е застапена во владата, бидејќи одбива да им даде поддршка на пакетите за спасување на еврозоната. Во Европа, веројатно, најпознат е холандскиот исламофоб и лидер на Партијата на слободата, Герт Вилдерс. Тој и неговата партија забележаа голем успех на изборите во 2010 година... Во Белгија, Швајцарија, Австрија, Италија, исто така, има деснорадикални партии, а десните екстремисти во Германија, незадоволни од тешкото приспособување на имигрантите во германското општество, најмногу „сурфаат“ на антиисламистичкиот бран.
Франција го сврте вниманието кон себе со неодамнешните „акции“ за протерување на романските и на бугарските Роми, кои, исто така, се граѓани на ЕУ, но за претседателот Никола Саркози тие, по се' изгледа, се помалку еднакви Европејци од другите. Претходно, јавноста во Западна Европа беше констернирана од напливот на дојденци од новопримените членки во ЕУ и некогашни земји од социјалистичкиот лагер. Евтината работна сила го наруши релативно стабилниот пазар на труд, на кој се појави феноменот на таканаречениот „полски водоводџија“, што услови нагло паѓање на цените на работната сила. Тоа беше првиот сигнал на поизразена ксенофобичност... Неколку години подоцна, сега теренот е добро разгазен за отворено спротивставување да се отворат границите за бранот бегалци од Северна Африка, по експлозијата на „Арапската пролет“, која, меѓу другото, ја поддржува токму Европа. Но, Саркози е „филантроп“ и емигрантољубец, спореден со Марин Ле Пен, лидерка на Националниот фронт, деснорадикалната партија што оствари голем успех на годинашните регионални избори во земјата.
Движењето против расизмот оцени дека радикалната десница во Европа треба да сноси одговорност за нападот во Осло. Се разбира, подемот на деснорадикалните партии не е директно одговорен за делата на поединци, но, секако, создава поволна клима за такво нешто. Впрочем, не толку одамна лидерите на европските велесили признаа дека тешко оди спојот на „овие и оние“. На автохтоното домородно европско население со дојденците што културолошки, јазично и најчесто конфесионално се различни.
„Мојот одговор е ’да‘, пропадна. Секако дека сите ние мора да ги почитуваме разликите, но не сакаме... општество каде што заедници коегзистираат рамо до рамо. Ако си во Франција, прифаќаш да се ’стопиш‘ во единствената заедница, во националната заедница, а ако не сакаш да го прифатиш тоа, не може да си добредојден во државата. Француската национална заедница не може да прифати промени во сопствениот стил на живеење“, изјави во една пригода Саркози на прашањето за мултикултурата.
Претходно и британскиот премиер, Дејвид Камерон, констатираше дека доктрината на мултикултура само ги раздвојува луѓето и создава изолирани заедници што се однесуваат спротивно од суштинските (британски) вредности. Во октомври минатата година и германската канцеларка Ангела Меркел рече дека мулти-култи концептот, кој претпоставуваше дека различни луѓе среќно ќе живеат едни покрај други, не успеа и целосно пропаднаа обидите Германија да изгради мултикултурно општество.
„Едно време се залажувавме велејќи тие нема да останат, по некое време ќе си заминат, но ова не е реалноста. И, секако, пристапот... не успеа, потфрли во целост“.
Нема да биде нескромно дека мултикултурно општество, со сите свои позитивни и негативни страни, засега опстојува на Балканот каде што кеснофобичноста во етнички и во верски измиксаните општества едноставно не вирее. За жал, признанието дека во напредниот Запад не може��о „различни луѓе среќно ќе живеат едни покрај други“ им дава за право на оние што сметаат дека може да функционираат само „чисти“ општества со една и монолитна нација.
Бугарија со последниот попис на кој административно сведе на позитивна „нула“ некои малцинства, Грција која не почитува етничка различност, Албанија која подготвува попис со однапред квантитативно утврдена графа „други“, си земаат за право да се однесуваат и премногу – европски. |