Број 2742  понеделник, 21 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

Завршува аранжманот со ММФ, ќе има ли нов?

Оваа недела во земјава треба да пристигне Грифитс, на првични дискусии со новата Влада

Александрија Стевковска
Нина Нинеска - Фиданоска


Шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Марк Грифитс треба да допатува во земјава оваа недела, на првични дискусии со новата Влада. Наши извори велат дека таа посета ќе трае неколку дена, но станува збор само за неофицијални состаноци со новиот владин состав. Марк Грифитс нема да биде придружуван од својот тим, па затоа ова може да се смета за нецелосна мисија. Следната официјална мисија на ММФ во Македонија е планирана за септември.

Како ќе се одвиваат разговорите на релација Грифитс - Груевски засега не може прецизно да се предвидува. Но, сосема е извесно дека ставот на ММФ во однос на макроекономската политика не е променет од она што го изнесе јавно Фондот во своето соопштение во април, по нивната последна официјална посета. А тој став е дека монетарната и фискалната политика треба да се насочат кон намалување на макроекономските притисоци, кои најмногу се препознаваат во зголемената инфлација и повисокиот дефицит на тековна сметка. Поради тоа, ММФ и тогаш, а и сега, ги поддржува обидите на Народна банка на Македонија да ја зајакне монетарната политика.

Во поглед на тоа како ги оценуваат последните потези на нашите власти, од Канцеларијата на ММФ во Скопје за „Утрински весник“ изјавија дека охрабрувачки е што се најавува намалување на придонесите.

„Што се однесува до фискалната политика на новата Влада, охрабрувачки е дека намалувањето на трошоците за труд има висок приоритет во изборниот манифест на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа треба да помогне да се намали невработеноста и да се зголеми развојот“, велат од Канцеларијата на ММФ во Македонија.

Но, оттаму јасно предупредуваат дека Владата мора да води внимателна фискална политика. „Сепак, во поглед на споменат��те макроекономски притисоци, ќе биде важно да се следи претпазлива фискална политика, да се помогне во напорите за дезинфлација и да се зајакне балансот на плаќања“, велат од Канцеларијата на ММФ.

Инаку, аранжманот кој Македонија го има со ММФ завршува во август. Дали нашата Влада ќе склучи нов аранжман со ММФ, кој патем важи за главен контролор на финансиските текови и со своите совети помага да се одржи макроекономската стабилност, или, пак, нашите власти ќе се „заблагодарат“ на соработката и ќе продолжат без аранжман, од Владата засега не даваат прецизен одговор.

„Немаме потреба од продолжување ваков аранжман за поддршка на платниот биланс. Во меѓувреме се разгледуваат сите опции што би и' одговарале на Македонија за соработка со ММФ. Но, допрва ќе се одлучува дали ќе склучуваме нови аранжмани“, вели портпаролот на Министерството за финансии Мартин Мартиновски.

За време на последната посета на Мисијата на ММФ, нејзиниот шеф Марк Грифитс изрази прилично строг став за тоа буџетските средства да се трошат на непродуктивни расходи, на пример зголемување на плати. Познат е и ставот на ММФ околу материјалното обезбедување на стечајците со буџетски пари, кој нашата Влада не го испочитува. Познато е и мислењето на ММФ за предизборните трошења, кои, исто така, не беа за потценување. Целта на сите препораки адресирани до Владата беше намалување на макроекономските притисоци.

ММФ тогаш даде јасна порака дека Владата треба да биде подготвена да ја затегне фискалната политика во случај да продолжат инфлаторните притисоци. Сепак, од сите овие препораки, досега не е многу исполнето. Мисијата го поздрави создадениот суфицит во Буџетот во текот на првиот квартал годинава, но посочи дека наместо да се подготвува ребаланс за да се зголеми трошењето, овие приходи треба да се заштедат, насока која, исто така, нашата Влада не ја прифати, што го докажа со експресно усвоениот ребаланс на Буџетот.

Инаку, тогаш Грифитс истакна дека цената на електрична енергија продолжува да претставува ризик за Буџетот, бидејќи е меѓу најниските во регионот, поради што високите трошоци за увоз годинава веројатно ќе бидат многу поголеми од планираното.

Од последната посета, па досега економската ситуација е уште посложена поради се' уште високото ниво на инфлација, која не се спушта под 10 отсто, а трговскиот дефицит веќе надмина милијарда долари.


Статијата е прочитана 330 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Белград продолжи со работите на Коридор 10
Започна бербата на грозје во Гевгелија
Бар и Драч во опција, Солунското пристаниште и натаму предничи за транспорт
ТЕВА ја купи „Бар“ за 7,46 милијарди долари