Мислења
Професионална одговорност на СДБ
Васил Костојчиноски
Политичките структури што доведоа до распад на СФРЈ имаат интерес и денес да го држат регионот во зона на контролирана нестабилност
Процесот на деградацијата на Службата за државна безбедност (СДБ), кој започна кон средината на осумдесеттите години на минатиот век и трае до денес, е последица на агресивна инструментализација од политичките структури. Нивниот интерес за инструментализација на СДБ за сопствени политички интереси не само што не престана по распадот на еднопартискиот систем, туку во одредени периоди добиваше размери на сериозен дестабилизирачки фактор. Причините не беа, како што често се сака да се манипулира, демонтирањето на старите безбедносни структури, туку во борбата за власт и ограничените демократски капацитети на политичките партии, но и во професионалниот капацитет на СДБ да се спротивстави на таквата инструментализација како последица на партизацијата. Колку во сето тоа лежи одговорноста на СДБ, а колку на политичката и идеолошката инструментализација на овој важен сектор, треба да се оценува во контекст на времето и условите. Станува збор за професионалната одговорност и кредибилитет на луѓето во службите, без да ја спорам нужноста од критичко преиспитување на настаните во минатото како процес на морално, етичко и вредносно преиспитување кое му е потребно на секое општество за негова демократизација.
Најголема катарза СДБ доживеа во 1966 година со процесите на внатрепартиска диференцијација, отворени со Брионскиот пленум на ЦК СКЈ. Но, особено по студентските демонстрации во 1968 и демонстрациите на Косово, кои беа повод за одложување на Конгресот на СКЈ и враќање на старата структура на власт, СДБ остана во истата идеолошка матрица која ја ограничи потребната демократизација. Контролата над работењето на СДБ која помина во рацете на државните органи, иако на почетокот многу ветуваше, не ја доби потребната парламентарна, демократска форма, туку остана монопол на партијата, по што следуваше неминовна идеологизација и политизација. Сепак, во периодот по Брионскиот пленум 1966, се стесна надлежноста на СДБ, исклучиво посветена на тајна и органинизирана дејност за која постојат основани сомневања и стана сектор од оперативна надлежност на републиките и на покраините. Врз тој принцип се изврши драстична селекција на досиејата. Најголем дел беа уништени, а оние со историски важни содржини беа дадени на Сојузниот и на републичките архиви. Уништувањето на досиејата беше под контрола на комисии.
Таков процес немаше во безбедносните структури на ЈНА (разузнавачката и УБ), што значеше дека процесот на демонтирање на претходниот безбедносен систем беше со ограничени димензии.
Проблемот на професионалната деградација на СДБ е тесно поврзан со кризата во која западна општеството во втората половина на минатиот век, но и во периодот на транзицијата, поради отсуство на изграден систем на вредности, односно време кога антивредностите станаа вредности. Поединци, припадници на Службата, поради политикантски интереси и додворување, почнаа да лиферуваат информации за лица кои биле соработници на СДБ. Еуфоријата со објавување на досиеја без изграден систем на заштита на националните интереси, предизвика драматичност, човечки трауми и деструкција на професионалниот кредибилитет. „Продажбата“ на недоволно проверени информации, стана конјуктурна стока за политички или други интереси.
Денес се манипулира со т.н. досиеја што се наоѓаат во федералните архиви или во архивите на државите настанати по распаѓањето на СФРЈ, иако треба да се знае дека по 1966 година, на СДБ с�� закон и' беше забрането и во практика немаше оперативни надлежности во областа на т.н. внатрешна проблематика, освен аналитичката функција на процени на безбедносната состојба. За нив беше потребно да бидат усогласени и усвоени заедно со службите на републиките и на покраините. На ниво на СДБ на ССВР постоеше само едно досие од областа на т.н. внатрешна проблематика и тоа повеќе од политички причини (А.Р.), како и досиеја за разузнавачката активност на ДКП, што беше во надлежност на Х-управа.
Кога станува збор за контраразузнавачката активност спрема странските служби и емиграцијата, надлежностите на СДБ на ССВР (Прва и Втора управа) беа со одредени ограничувања. Предметите кои се водеа беа во тесна соработка со соодветните управи во републиките и покраините. Секое отстапување од правилата создаваше конфликти со политички димензии, како што беше аферата со т.н. Депиша бр. 50 на СИД на ССНР, со која се укажуваше на врски меѓу раководството на Хрватска и хрватската емиграција (групата на Бранко Јелиќ). Но, проблемот на национализмите, а во тој контекст и на македонскиот и албанскиот, се' уште беше во рамки на воената контраразузнавачка служба, која, како посебна служба, дејствуваше на целиот простор на СФРЈ. Тоа значеше постоење на два безбедносни система - разузнавачката и УБ на ЈНА, од една страна, и СДБ со високо ниво на децентрализираност во републиките и покраините, како и СИД во рамките на ССНР. Сето тоа предизвикуваше остри конфронтации меѓу службите кои, не ретко, предизвикуваа сериозни политички дестабилизации (набавките на оружје во Словенија, улогата на УБ на ЈНА во случајот со Јованка Броз и други).
Третирањето на внатрешните безбедносни појави, не ретко беше поврзувано со странските разузнавачки служби, посебно со емиграцијата. Оттаму и досиејата кои се однесуваа на разузнавачките служби и на емиграцијата најчесто бараа соработка меѓу управите на ниво на Федерацијата, републиките и покраините, како и со СИД на ССНР. Поради тоа проблемот со странските влијанија бара посебна внимателност и професионална одговорност, особено од аспект на обезбедување на изворите на информациите како и предметот на обработката (дали се работи за организирана терористичка или разузнавачка активност и слично, што е примарен и легитимен интерес на секоја држава). Доколку се нема таков пристап и се падне под влијание на дневно-политички интереси, последиците врз безбедносните служби, ќе бидат подолгорочни.
Изнесените организациони и функционални односи врз наведените принципи важеа се' до периодот кога започна процесот на распаѓање на Федерацијата, односно до периодот на директно или индиректно ставање под контрола на службите од страна на Слободан Милошевиќ. Во овој период УБ на ЈНА преземаше активности на целиот простор, а службите во републиките и покраините се' повеќе се поврзуваа со своите раководства. Тогаш беа нарушени сите принципи врз кои се темелеа односите во СДБ на ниво на Федерацијата и во односите со СДБ на републиките и покраините. Тоа бара многу покритички професионален пристап за да не се западне во игрите на политичките структури кои доведоа до распад на СФРЈ и чиј интерес е и денес да го држат регионот во контролирана нестабилност.
(Авторот е поранешен началник
на Трета управа на СДБ на ССВР) |