Анализа
Предизвиците на Лагард
Рагурам Раџан
Дали Фондот сега ќе бара строги промени во политиката како што порано ги бараше од земјите на кои им зајмуваше
Сега, откако се исталожи правот околу изборот на генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд, ММФ може да се врати на својот основен бизнис за управување на кризи. Кристин Лагард, компетентен и ценет технократ, ќе има многу работа со три важни предизвици.
Првиот, и веројатно најлесниот, предизвик е да се обнови имиџот на ММФ во јавноста. Иако кривичниот случај против Доминик Строс Кан (Д.С.К.) по обвиненија за сексуален напад сега изгледа мошне несигурен, резултирачкиот фокус на печатот врз ММФ укажува на неконтролирано меѓународно бирократство со неограничена сметка на расходи, во што доминираат луѓе со малку чувство за воздржаност. За среќа, вистината е попрозаична. Високиот кадар на ММФ се соочува со строги ограничувања на нивните расположиви деловни трошоци (нема хотелски соби по 3.000 долари од ноќ и покрај информациите во печатот) и тие генерално се недоволно платени во однос на извршителите од приватниот сектор со слично знаење и искуство.
ММФ, како и многу организации каде што работниците заедно одат на долги патувања, има свој удел во меѓуканцелариските романси. Но, средината е професионална, а не непријателска за жените. Претходниот инцидент во кој Строс Кан беше лесно ослободен за несоодветна врска со подредена, јасно укажува дека на Фондот му се потребни појасни граници за прифатливо однесување и построга казна за престапи. И други организации се справувале со слични прашања; ММФ треба да ги направи неопходните промени и, подеднакво важно, да ја пренесе пораката дека инцидентот со Д.С.К. беше исклучок, а не мал, видлив дел од проблемот.
Вториот, и можеби најтешкиот, предизвик со кој се соочува Лагард е метежот во Европа, каде што ММФ стана премногу вплеткана во политиката од еврозоната. Вообичено, ММФ проценува дали една земја, откако ќе преземе разумни мерки за стегање на ременот, може да го отплати својот долг - и позајмува само кога е задоволна дека може да го направи тоа. Целокупната цел на позајмувањето од ММФ е финансиски да се помогне земјата додека врши приспособување и повторно добива пристап до приватното позајмување. Тоа, исто така, значи дека една земја со премногу долг треба повторно да преговара пред да добие помош од ММФ, а со тоа да го избегне неодржливиот товар на отплаќањето.
Можеби под влијание на ветувањата за финансиска поддршка од еврозоната (и желбата на Европа да се спречи ширење на финансиска зараза поттикната од неплаќање, во земјите како што е Шпанија и можеби Италија), ММФ зазеде пооптимистички став за одржливоста на долгот во земјите, како што е Грција, отколку во земјите во развој. Но, тоа не им „помогна“ на тие земји, бидејќи расположивоста на умерен кредит од еврозоната или од Фондот само овозможува поголемо акумулирање на долгот. Конечно, долгот може да биде исплатен само ако една земја продуцира повеќе отколку што троши. Колку е поголем долгот, толку е помалку веројатно дека таа земја ќе може да постигне комбинација од затегнување на ременот и развој, што ќе и' овозможи да ги создаде неопходните вишоци. Одложеното реструктуирање конечно значи поболно реструктуирање - после многу години загубен развој.
Ако проблематичните земји од еврозоната, особено Шпанија, почнат повторно брзо да се развиваат, тогаш се' уште постои исход „да се истурка некако до крај“ што би можел да функционира. Во услови кога земјите што се премногу големи за да штедат, како што е Шпанија, се ослободени од обврски, долгот на мошне задолжените периферни земји, како Грција, би можел да биде намален преку откажување од камати, продолжување на рокот на плаќање и размена на долгови. Еврозоната - и Европската унија - би можеле да ја преживеат фискалната криза неоштетени.
Доколку не инсистира на директно реструктуирање, ММФ ќе се соочи со проблеми. Во услови кога приватните инвеститори не сакаат да позајмуваат повеќе, или дури да рефинансираат постоечки долгови, главниот дел од грчкиот долг во период на какво било реструктуирање (или како и да се нарекува еуфемистички) ќе биде од официјалниот сектор. Како резултирачките загуби, наметнати на должниците, ќе бидат поделени меѓу различни институции од еврозоната и ММФ, е само претпоставка. За првпат во својата историја, Фондот можеби ќе треба да направи значајно „поткастрување“ на своите заеми и ќе треба да ги подготви неевропските акционери за тоа.
Поголема дилема ќе се појави ако стратегијата „да се истурка некако до крај“ се покаже дека не функционира. Во еден момент, стратегијата на ММФ, која треба да биде фокусирана на граѓаните од погодените земји и нејзините кредитори, треба да се оддалечи од онаа на еврозоната, која е повеќе подготвена да ги жртвува интересите на поединечни земји за поголем интерес на монетарната унија. Предизвикот за Лагард ќе биде да подготви стратегија за ММФ која е независна од стратегија на еврозоната, иако таа е длабоко инволвирана во формирањето на вторава стратегија.
Третиот предизвик за Лагард се однесува на околностите на нејзиниот избор. Не е несфатливо дека неколку земји од пазарот во развој ќе влезат во проблеми во наредните неколку години. Дали Фондот ќе ги бара строгите промени во политиката, како што порано ги бараше од земјите или пак потребата на Лагард да покаже дека не е наклонета кон Европа значи дека идните интервенции на ММФ ќе бидат поекспанзивни и со помалку барања? Пољубезен, подобар Фонд не е во интерес на никого, најмалку на погодените земји и даночните обврзници во светот.
Конечно, постои предизвик кој се чини дека е итен, но не е. Во кампањата за позицијата, Лагард ја нагласи потребата за различност во главното раководство на ММФ. Но, она што е навистина потребно е избор и промовирање на најдобрите луѓе, без оглед на националното потекло, полот или расата. Секако, постоечката култура и историјата на ММФ ќе го наклонат изборот и промовирањето на кадарот кон одреден вид на личност (на пример, сопственици на докторски дипломи од американски универзитети). Тој сличност во биографиите кај кадарот на ММФ му овозможува на Фондот да реагира брзо во спасување на земјата, не губејќи време на бескрајни дебати. Во долгорочни рамки, потребна е поголема различност. Но, ако обидот биде направен премногу брзо, со цел да се маскира фактот дека повторно на чело е еден Европеец, Фондот ризикува да ја загрози својата клучна сила. ММФ можеби е централната глобална мултилатерална економска институција во време кога такви институции се потребни повеќе од кога и да е. Лагард пристигнува на нејзино чело во тешко време. Сите имаме удел во нејзиниот успех.
(Авторот, поранешен главен економист на ММФ, е професор по финансии на Факултетот за бизнис Бут при Универзитетот во Чикаго. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |