Број 2755  среда, 06 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Наука
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

Позлатен накит со ликови на светци пронајден во Јени-џамија

Еден од највредните предмети е позлатениот накит врз кој се насликани светци од двете страни

Битола - Позлатени икони, сребрени прстени, монети со христијански мотиви со православни светци и крстови, оловен печат - тоа се најновите наоди пронајдени во битолската Јени-џамија. Малите но значајни предмети датираат од византискиот период и се во одлична состојба.

Просторот на познатата Уметничка галерија веќе два месеца е под опсервација на битолските археолози кои ги продолжуваат истражувањата за постоењето средновековен град во срцето на Битола. Археолозите со последните ископувања во Јени-џамија пронајдоа уште четири нови гроба кои се дел од осумте гроба што беа ископани пред две години. Стручњаците наидоа и на јужниот ѕид од најстариот објект врз кој била изградена џамијата, како и делови од архитектурата на муслимански верски објект изграден во 16 век. Новоископаниот ѕид е широк шеесетина сантиметри и е дел од објект што бил подигнат без сводови со дрвена конструкција, за што се претпоставува дека е остаток од базилика.

Еден од највредните предмети откриени со последните ископувања што започнаа ова лето е позлатениот накит врз кој се насликани светци од двете страни. Пронајден е во првиот дел од џамијата на длабочина од околу два метра. На приврзокот со димензии 3,5 на 4 сантиметри се изгравирани ликови на светци со целосни фигури. На едната страна има претстави на св. Никола и св. Василиј , а на другата се насликани св. Тодор Тирон и св. Ѓорѓија.

Според битолскиот археолог Гордана Филиповска-Лазаревска, ова е само уште еден доказ за влијанието на Истокот врз овие простори. Изработката е цариградска, зашто Битола во средниот век била на главната магистрала кон Константинопол.

„Ова се ексклузивни наоди, особено медалјонот со икона што се носел на градите. Позлатен е и е исклучително добро изработен. Такви се и пронајдените сребрени прстени, од кои едниот е со ликот на Пресвета Богородица која го држи Исус Христос. Најверојатно станува збор за лични предмети на некој великодостоинственик“, вели Филиповска-Лазаревска.

Според археолозите, позлатената икона датира од 11 век, бидејќи исти такви икони се пронајдени и во Охрид, додека, пак, прстенот и другите предмети се карактеристични за 9 век, а дел и за 14 век.

Ископувањата во џамијата продолжуваат во предниот дел од објектот. Археологот Филиповска-Лазаревска смета дека во истражувањата треба да се вклучат и геолози кои би ја потврдиле нивната претпоставка дека овој верски објект бил поплавен, но и тоа дека долги години оваа локација била под вода, за што сведочела црвената боја на културниот слој од распаднатиот малтер од најстариот објект кој бил изграден во 7 век.

Последните ископувања во Јени-џамија се одобрени од Министерството за култура во висина од 1,5 милион денари. Според раководството на Заводот и музеј - Битола, по ископувањата подот на објектот ќе биде застаклен по примерот на „Света Софија“ во Истанбул, а археолошките експонати ќе бидат заштитени во витрини на увид на посетителите. „Ќе направиме атракција и место за непосреден увид на различните цивилизациски нивоа кои ќе сведочат за судирот и мешањето на христијанството и исламот на овие простори“, вели Зоран Николовски, директор на Заводот и музеј - Битола.

Со досегашните истражувања на просторот на Јани-џамија, изградена во 1559 година, пронајдени се темели на три православни цркви од 11, 13 и 14 век, како и два исламски објекта по доаѓањето на османлиите на овие простори. (А.Б.)

 


#
Статијата е прочитана 1390 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Нарушено водоснабдувањето во повисоките зони во Прилеп
Тешките камиони ќе одат на битолската обиколница

"""