Во Преспа не заборавија да говорат македонцки
Мобилните телефони и отворањето на границата ја уриваат последната бариера меѓу вештачки разделениот народ
Димитар Чулев Миркица Поповиќ
ПРЕСПА, Грција - „На четириесет и осмата моите бегаа и јас се родик на Полонија. После дојдоме дома. Не сите. Брат ми остана на Скопија, сестра ми на Битоља. Се надеваме сега дека по шеесет години ќе се вииме, па на нашто место“.
Така зборува Димитри Рали или Ралевски по македонски, локален жител од селото Роди (Лемос на грчки), кој многу малку беше информиран за премиерската средба во Пили во петокот. Тој има помешани чувства дали по шест децении Македонија и Грција ќе најдат најмал заеднички содржател, со што луѓето од оваа и од таа страна од границата, разделени во минатите војни, идеолошки различни, конечно ќе седнат слободно на иста маса да зборуваат за „старите убави времиња“ кога од Солун, Воден, Лерин, од Битола луѓето одеа, комуницираа, водени од единствениот интерес да го направат сопствениот живот поубав.
На иста маса со Димитри се неговиот сосед Перикле Параскевијадис („Петков, тоа ми е презимето, а на грчки е преведено како што слушнавте“) и Алексо Скенди „економски бегалец“од општина Пустец, кој по отворањето во 1992 година побарал корка леб во овој дел од Македонија.
Димитри има мобилен телефон од македонски оператор. Брат му е Лазо во Скопје, а сестра му Павлина во Битола. Го зборува македонскиот јазик откако знае за себе, пренесен од неговите. Кај него нема лутина и патетични изјави дека во минатото бил притискан да не зборува на својот мајчин јазик. „Сега можам во секое време да се слушнам со моите“.
Лемос (Роди) случајно се најде во центар на интересот кај македонските новинари, кои во петокот допатуваа за тет-а-тет средбата на премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу во Пили (Винени). Малото место на западниот брег на Преспанското Езеро, кој ние го познаваме како Мала Преспа, ќе останеше непознато како што било и досега. Има една непринципиелна коалиција меѓу Македонија и Грција, македонските места на грчка територија, кои овдешната јавност ги препознава како „егејски“, да не се спомнуваат во име на добрососедството.
Упадот на барем 60 македонски новинари во петокот ја разбрани идиличната слика.
„Дали сте наши и дали зедовте од дората?“, вели во импровизираниот прес- центар Ангелики, жена во триесетти години, задолжена да им подели сендвичи и вино на стотината македонски и грчки новинари. Ја прашуваме за името, вели дека на македонски името е Ангелина. По потекло е од едно од десетте села од таа страна на езерото, што го познаваме како албанска територија. На почетокот е воздржана, се обидува албанскиот, македонскиот и набрзина приучениот грчки јазик да го стави во функција да ги послужи новинарите. На момент се ослободува, влегува во разговор, меѓутоа, веќе кај третата реченица резервирано констатира дека не може или не сака да зборува македонски. Исплашена е за работното место.
Алексо Скенди и неговите пријатели Димитри Рали и Перикле Параскевијадис ја знаат Ангелина и тука почнува сторијата за повторното спојување на Македонците од Преспа, од сегашна Грција и од Македонија.
Алексо е од селото Серие, едно од десетте во општина Пустец. Пред 12 години преку шума пребегнал од Албанија во Грција, со намера да заработи. Се фали дека работел „на спиталот (болницата) кај што се криел Захаријадис на Вичо во годините на Граѓанската војна“. Презимето му е Скенди „и знаете зашчо е такво“. Успеал да се извлече од калта, не' убедува Скенди, чии жена и деца моментно се во Република Македонија. „Таму се безбедни, а јас овде заработувам за да ги прехранам“.
Од вкупната територија на Преспанското Езеро, 190 квадратни километри и' припаѓаат на Македонија, 84,8 квадратни километри на Грција и 38,8 квадратни километри на Албанија.
„Стига за нас“, вели Перикле. Тој, како што знаеме, е единствениот меѓу оние малубројните ентузијасти што се' уште мислат дека може да се прехранат од риболов во езерото. Во Мала Преспа, во грчкиот дел, риболовот е секундарна економска гранка. На прво место е одгледувањето грав, се' повеќе се размислува за зимски и за летен туризам, а само ентузијастите и посветени рибари играат на картата риболов. Грција е земја со десетици илјади километри морски брег и територијални води, така што езерската храна сигурно никогаш не може да и' конкурира на морската.
Перикле го спомнуваме во една друга конотација. Живее сам, никогаш не се оженил, се третира себеси за „повратник без причина“ во родното село. На млади години, од неговата 18-та година бил морепловец. Во 1968 и во 1969 година пловел на трговски брод, на релација СССР – Куба и обратно, и таму, вели, се запознал со социјализмот. Сфатил дека, сепак, не е роден да биде понееднаков од другите, идеите на Фидел Кастро и на Че Гевара му ги отвориле очите.
Не' повика да го посетиме дома. Во скромниот дом има мала печка на дрва, кревет, врата што тешко се затвора и постер од Че Гевара.
„За мене во Грција моментно нема доволно лева партија“, вели Перикле, како одговор на прашањето дали е политички активен.
Барем две места има во селото Лемос што говорат за два различни света, кои живеат во селото што има само 120 жители. Во кафеаната „Кај Лазарос“ функционира грчкиот јазик. Влегуваат само луѓе што се директни наследници на родителите населени од Мала Азија или од Крит. Таму се напивме кафе, но не успеавме да отвориме муабет, поширок од порачката и заблагодарување за добиената сметка. Лазарос, газдата на кафеаната, не' упатува дека како „ксени“ (странци) можеби треба да одиме во блиската таверна каде што влегуваат и жени. Во неговата кафеана мажи со замрзнати лица ладно ги проследуваа информациите за средбата Груевски-Папандреу што се случуваше на околу шест километри од нив, во блиското село Пили.
Поинаква атмосфера и пријатна изненаденост се случи на 50 метри подалеку, во првата таверна. Екипата на „Утрински весник“ беше пречекана со симпатии и со подготвеност да се раз��овара. Немаме многу шанси да „преговориме“ по македонски, ни велат во таверната.
Повеќе од 50 илјади туристи секоја година, претежно во летниот период, го посетуваат Лемос. Јани Костандину, сопственик на хотелот „Мималонес“ (во превод „Менада“), вели дека е задоволен од бројот на туристите и од студентските екскурзии, што престојуваат кај него, но би сакал и наши луѓе почесто да го посетуваат. Екипата на „Утрински“ се изненади од луксузно уреденото предворје и собите во малото место. Јани не си ги заборава корените. Не инсистира на Македонија, но не заборава дека неговиот дедо Симо Костадину во 1954 година беше во првата постава на македонскиот национален ансамбл „Танец“.
Јани, Димитри, Перикле и Алексо се надеваат дека трилатералната средба во Пили ќе даде нов поттик за регионот. Размена на луѓе, туристи, трговија... по што сите бариери што, наводно, сега не' одделуваат ќе паднат во Преспанското Езеро. |