Мислења
Година на дрвата
Петар Арсовски
Исто како нивните африкански роднини, баобабот, и нашиве цепанки растат со коренот нагоре
Како што секоја година власта ни прогласува ден на дрвото, мислам дека е ред и ние да им прогласиме на политичарите година на „дрвата“, или уште подобро, година на цепанките. Аналогијата држи: како што нема шанси од оние гранчиња што ги садат маријачиве од година до година да никне некое дрво, така нема шанси од овие цепанки да се направи шупелка. Како што ја гледаме и се чудиме на политичкава флора, така тие упорно не' засипуваат со по некоја новоникната „зелена“. И додека се' така ние, кој сади, кој крои, кој пресадува или корне, никако да дојде шумарот и да не' потсети дека не сме сами во шумата.
Првиот блок е т.н. баобаб блок. Баобабот е дрво, кое по се' изгледа дека расте со коренот нагоре, односно обратно од сите други дрвја. Ви звучи познато? Исто како нивните африкански роднини, и нашиве цепанки растат со коренот нагоре. Откако по ред успеавме да се откорнеме од сите агенди и интереси на меѓународната заедница, сега и со молк го дочекавме и го одминавме самитот на НАТО во Лисабон. Како африкански летен дожд самитот дојде, не' наврна, не' помина, а ние на крајот пак останавме сами, искиснати, а пред нас нова суша. Притоа, никој од локалниве градинари не се потресува што сме пропуштиле уште една шанса, никој не ја разбира сериозноста на проблемот. Но, како што веќе сите забележуваме, пролонгирањето на решавањето на проблемот со името ни го гние баобабов однатре. Како што поминува времето, така паралелно се случуваат повеќе работи што не ни одат во полза.
Прво, се' поголем дел од нашиот идентитет станува дел од пакетот што треба да се договара. Ако во почетокот разговаравме само за меѓусебно прифатливо име, со текот на преговорите на истата маса своето место го најдоа и јазикот, нацијата, па сега и самата придавка македонски. Ова зголемување на аспектите што треба да влезат во тоа решение е јасна индикација дека одминувањето на времето го прави проблемот се' покомплексен, а со самото тоа, решението се' покомплицирано. Затоа, наш интерес е да најдеме брзо решение, а не како што прават локалните цепанки, да си траеме и да се криеме.
Второ, со текот на времето и меѓународната поддршка за решение се намалува. Пред само три години претседателот на САД лично лобираше за наш побрз прием во НАТО, додека сега се симнавме толку ниско на агендата што официјалната порака од САД е со други зборови „бркајте работа“: ако вие не сте заинтересирани да си го решите проблемот, ние уште помалку. Така на крајот и ќе ни се случи: ќе не остават да изгниеме однатре се' додека не ни удри во глава дека наш интерес е да влеземе во НАТО и во ЕУ, а не нивни, па така поголем дел од напорот ќе мора ние самите да го вложиме.
Трето, освен преку замор на материјалот, па со тоа една можна летаргија кон ова прашање, не гледам дека некогаш во Грција и во Македонија ќе имаме подобра политичка можност за излез од проблемот. Имено, сега во двете држави имаме влади со голем политички капитал (Груевски има силна влада и висок рејтинг, Папандреу има засилена позиција по победата на локалните избори), кои можат да си дозволат да ја платат политичката цена за евентуалниот компромис, но не постои гаранција дека која било друга комбинација на естаблишменти во Скопје и во Атина ќе биде толку блиску до решение. На крајот, постои можност придобивките како земја-кандидат за полноправно членство со текот на времето да избледнат, па дури и да ги изгубиме ако не направиме нешто наскоро да се ставиме повторно на ЕУ-колосек.
Во таа смисла треба да се толкуваат и најавите за преиспитување на поддршката за визна либерализација. Таквиот став е логичен, зашто укинувањето на визите е мерка наменета за земји што се на прагот на ЕУ, но не е замислена да биде долгорочна варијанта, зашто пролонгирањето на ваквиот статус за ЕУ создава мала врата на која можат да се пикнат многу сомнителни економски, но и криминални канали, па така, администрацијата во Брисел не е подготвена таквиот статус кво да трае во недоглед. Но, како што велат: „баобабот расте чудно“, па така нема да ме зачуди локалниве цепа��ки да направат приближно се' обратно од она што е логично, разумно или препорачливо. Инаку не би биле баобаб.
Вториот блок е за фикусот. Тој, како за беља, ќе пушти ливче, па ќе му падне, па пак ново ливче, па и тоа ќе падне. Така и ние се возбудуваме околу се новите гранчиња на политичарите, без притоа да имаме рална поткрепа за тоа. Слични се најавите за предвремени избори и за распад на владината коалиција. Ниту едното ниту другото имаат сериозни шанси. Распадот на владината коалиција со излегување на ДУИ е проблематичен поради краткиот временски рок пред нови избори, поради почнатите проекти, како, на пример, пописот, поради притисокот на меѓународната заедница, која сака стабилна влада. која може да ја плати политичката цена за неопходните реформи и слично. Дополнително, ако причината за напуштање е неисполнување на политичката платформа, тогаш каква логика има да се оди надвор од владата, каде што истата политичка платформа има уште помали шанси да биде исполнета? Освен тоа, имајќи предвид дека емпириски е докажано дека партиите во Македонија што го бојкотираат легитимниот политички процес или се исклучуваат себеси од тоа, на крајот, самите губат (доказ за ова се податоците за рајтинзите од сите партии што го бојкотирале или го напуштиле Собранието или Владата), не верувам дека ДУИ ќе влезе во таков ризик.
На крајот, имајќи предвид дека се' уште имаат рејтинг повисок одошто сите други албански партии заедно очигледно е дека имаат генерална поддршка за својата политика, па со тоа и за останок во Владата. Што се однесува до најавите за предвремени избори, и тие се под прашање: во основа, за предвремени избори ќе одлучи ВМРО-ДПМНЕ, а судејќи според нивната блага реакција, не сум сигурен дека таа опција сериозно ќе ја разгледаат.
Третиот и конечен блок е за филадендронот. Ова растение е идеална метафора за локалниот амбиент: звучно име зад кое се крие најобична папрат. Македонската политичка сцена е во оваа смисла монументална победа на медиокритетите, кои, како и филандендронот, најдобро виреат по кабинети. Многу сонце, многу вода и никакви потреси.
(Авторот е магистер по политичка комуникологија) |