ЕДИТОРИЈАЛ
Веќе видено
Фарко Шакири
Хулиганите меѓу навивачите не се нова појава на фудбалските стадиони. Во тој контекст треба да се гледа и симнувањето на македонското и кревањето на албанското знаме од јарболот на стадионот во Кичево пред средбата Напредок - Шкендија. „Балистите“, фанови на Шкендија, кои ја реализираа својата или нечија друга замисла, сигурно дека своето дело ќе го потпишат како тренд. Ако можеа српските хулигани минатата недела во Џенова да го запалат албанското знаме, демек протестираат пред европската и светската јавност поради прогласувањето на независноста на Косово, зошто тие да не го симнат македонското, исто така како чин на протест, само не се дозна конкретната и моменталната иритација. Можеби „балистите“ се на линија на барањата на некои опозициски партии меѓу албанскиот политички корпус, за пописот на населението наместо во април 2011 година, да се одржи во јули истата година. А, со оглед дека кај нас владее трендсетерски амбиент во однос на вакви појави, сега се поставува прашањето кое е идното знаме што ќе падне како жртва на незадоволството на фраерите, кои себеси се препознаваат во графата на патриотите. И се' така во круг до конечниот - деветти.
Како и да е, овој пат „балистите“, во блиска иднина „комитите“ или „чкембарите“, редосл��дот на нивните лесно предвидливи „јунаштва“ и не е битен, повторно се изборија за насловни страници, коментари, анализи. И секогаш заклучокот е идентичен. Секогаш најновиот инцидент треба да послужи како идеален пример да се заврти нов лист. Време е да се каже - доста е. Теророт на малата група педери затскриена зад клупските бои на својот клуб, маргиналци со загубен личен интегритет мора да престане.
Се разбира, замислата е да прекине толеранцијата за луѓето кои се удираат в гради ѓомити горди на својот тим, се' додека користат разни поводи за предизвикување нереди и насилства. Со други зборови речено, веќе видено и здодевно, но повторно успешно за сценаристите и за извршителите - уште еднаш се јунаци на денот. Меѓутоа, и успешното може да биде опасно, затоа што вакви изливи на чувства и емоции како кец на десетка им одат на нога на тие што сакаат повторно да распалат до крајни граници.
Овие хомофобични момчиња, а такви на овој проклет Балкан ги има насекаде, ги користат сите можни паравани за демонстрација на својата деструктивност. Тие навивачи се се' освен навивачи, непријатели на фудбалската игра, а не негови обожаватели. Токму поради тоа и чинот на „балистите“ во Кичево, пред се', е демонстрација на немоќ, фрустрација, а не бунтовност со причина или, пак, реакција на некоја неправда. „Балистите“ и сите други навивачки групи треба да се свесни дека веќе одамна се заложници на кујната на политичките манипулатори кои лесно ја моделираат нивната (не)свесна наивност за свои цели, кои немаат никаква врска со спорот, но треба да им донесе некој поен на нивниот политички полигон. Моментно политичкото, економското и социјалното милје во државата, за жал, е плодно за регрутација на нови партиски војници од навивачките групи кои ќе шараат низ Македонија и во име на своите политички ментори ќе демонстрираат незадоволство на спортските терени. Тоа е факт што загрижува. Не поради резонот на обожавателите, туку поради можноста работите да избегаат од контрола.
Италијанците на инцидентот на мечот со Србија му се посветија од сите аспекти, па таа тема стигна и во студиото на една забавна емисија, каде што беше изведен скеч, а во главна улога беше лажниот Иван Богданов. Прилично невкусните неколку минути биле доволни да предизвикаат смеа и гласни аплаузи на публиката, а на крајот елегантно целата приказна се спакува во кутијата резервирана за минатото. За Италијанците тоа е минлива епизода, без потреба да се размислува за последиците.
За жал, ние таков луксуз немаме. Не ни преостанува ништо друго освен да рециклираме текстови на вакви теми, да чекаме итни седници, одлуки, казни, реакции, осуди, пресметки и решенија. |