Прилепски „Еурокомпозит“ ќе биде спасен од стечај
ПРИЛЕП - Владините мерки за превенирање на последиците од светската финансиска криза може да ја спасат од стечај прилепската фабрика „Еурокомпозит“. Претворањето на долговите на „Еурокомпозит“ кон државата во траен влог ќе создаде реални услови за развој на единствената фабрика за наменско производство за потребите на одбраната.
Имено, само за неплатени придонеси на пензиско и здравствено осигурување „Еурокомпозит“ должи повеќе од три милиони евра без камати.
Новите менаџери планираат брз напредок на компанијата и велат дека во изминативе шест месеци од нивното раководење постигнала голем напредок. Во фабриката работат околу 460 работници.
„По осум години прв пат ја одблокиравме жиро-сметката на фабриката, а по седум години почнавме со исплата на придонеси во ПИОМ. Вработените по шест години добија и сини картони за здравствено осигурување. Склучени се договори за одложено плаќање на обврските со сите доверители“, истакна директорот Никола Лучески.
Тој оптимистички најави дека со простувањето на долговите од Владата, сите планирани средства за исплаќање на долговите создавани со години сега ќе се пренаменат за маркетиншки настап и за освојување нови пазари. Моментно „Еурокомпозит“ има околу 30 отсто цивилно производство.
Според Одборот на директори, потпишани се договори со надлежните министерства, се сервисираат долговите кон доверителите, се плаќаат извршните решенија. Така фабриката се движи по нагорна линија. Мерките на Владата само ќе ја подобрат климата во фабриката која пред половина година стоеше на стаклени нозе.
„Мерките ќе помогнат да се насочиме во развојот на производството на наменската фабрика. Ќе отвориме нови циклуси на обртни средства за модернизирање на производството. Ќе можеме да излегуваме поконкурентни на странските пазари со военото и со цивилното производство, а наедно ќе го промениме и кадровскиот потенцијал“, вели Живко Лидев, заменик на генералниот директор. (Мн.Т.) |