ИНТЕРВЈУ
Наскоро ќе ја лансираме „Вајмакс“
Покриеноста со 3Г-мрежата е над 50 отсто, вели техничкиот директор на „Космофон“, Адам Космас
Александрија Стевковска
„Космофон“ е единствениот оператор со 3Г-лиценца во земјава. Од неодамна почнавте со понуда на видеотелефонија и брз безжичен Интернет. Што значи тоа?
3Г е спој меѓу придобивките од класичната мобилна телефонија и придобивките од брз Интернет. Благодарение на оваа комбинација, првпат на домашниот пазар носиме услуги за кои порано само слушавме од високоразвиените земји. Сега тоа е реалност и кај нас. Така, на пример, сега можете и да се гледате со соговорникот додека зборувате со него, можете да гледате ТВ, забавни и спортски програми, вести и слично во живо, да одржувате видеоконференција или состанок во живо со повеќе соговорници, да споделувате документи и сето тоа преку мобилен телефон.
Новата технологија овозможува и брз проток на информации?
Оваа технологија овозможува брзини на пренос на податоци до 70 пати поголеми од онаа на 2Г. Така, на пример, корисниците сега можат да сурфаат на Интернет и да симнуваат содржини, како што се видеоспотови, забавни програми и слично, имаат можност за мобилна канцеларија и користење бизнис-апликации и тоа благодарение токму на брзината и капацитетот што ги нуди само оваа технологија, односно сето она што го прават преку статичен компјутер, да го прават и преку мобилен телефон. Дополнително, „Космофон“ нуди и понуда со УСБ-стик, со што сите оние што сакаат да имаат пристап до Интернет во движење, сега можат да го направат тоа едноставно со вклучување на стикот во својот компјутер на кое било место. Станува збор за една револуционерна технологија, која во голема мера ја олеснува комуникацијата меѓу луѓето и тоа на начин како што никогаш порано не било сторено. Среќен сум што токму ние го воведовме тоа технолошко достигнување на телекомуникацискиот пазар во земјава.
Колкава е покриеноста со 3Г во земјава?
Моментно покриеноста со 3Г-мрежата на „Космофон“ е над 50 отсто од населението, услов што нам ни беше зададен да го исполниме до февруари 2008. Значи, многу порано го остваривме тоа и се надевам дека до крајот на годината покриеноста ќе достигне над 70 отсто од населението. Особено сме горди на овие податоци, бидејќи станува збор за специфичен процес, односно за изградба на нова мрежа, што секако одзема многу време, финансии и човечки ресурси.
Во јуни влеговте и во фиксната телефонија. Како функционира тоа и колку сте задоволни од резултатите?
Да, во јуни ги лансиравме услугите во фиксната телефонија под брендот АЛЛО. Тие услуги „Космофон“ ги обезбедува преку својата широка и најсовремена ГСМ-мрежа низ целата земја, која моментно покрива 99,8 отсто од населението, овозможувајќи достапност на фиксните телефонски услуги насекаде, независно од местото на живеење. Поврзувањето е брзо и едноставно, а притоа корисниците можат да зборуваат по најповолни цени на пазарот. Имено, корисниците имаат можност да одберат уред за фиксна линија со кој ќе го поврзат својот постоен телефон или да одберат целосно решение, односно телефон со вграден уред за фиксна линија. Се' што им преостанува, откако ќе го изберат тарифниот план во при-пејд или постпејд-сегментот, е да го вклучат во струја уредот или телефонот и во тој момент да станат корисник на при-пејд или постпејд-понудите на „Космофон“ во фиксната телефонија. Влегувањето во фиксната телефонија е значаен момент за нашата компанија. Влеговме во едно сосема ново поле од телекомуникацискиот пазар, а со тоа воведовме и реална конкуренција на полето на фиксната телефонија. Резултатите се извонредни. Бројот на корисници драстично расте секој ден, што само потврдува дека сме го направиле вистинскиот чекор.
Поседувате и лиценци за технологијата „Вајмакс“. Кога ќе почнете со комерцијална понуда на ова поле? Колку се тие плус за ваше подобро позиционирање на пазарот и развој?
По влегувањето во фиксната телефонија и лансирањето на 3Г-услугите, следното што го подготвува „Космофон“ за своите корисници, и тоа во најскоро време, е лансирање услуги на телефонијата „Вајмакс“ или брз фиксен Интернет. Во меѓувреме, и натаму ќе ги збогатуваме нашите 2Г, фиксни и 3Г-услуги, што значи на нашите корисници им претстои период на постојани изненадувања со најконкурентни, најиновативни и висококвалитетни услуги. Ваквото богато портфолио и можноста да нудиме целосно комуникациско решение за нашите корисници ја цементира нашата позиција на технолошки лидер на телекомуникацискиот пазар. Ова се докажува и со лојалноста на над 660.000 претплатници, лојалност што ќе ја негуваме со уште поголеми инвестиции и технолошки најнапредни, а сепак достапни комуникациски решенија за сите наши постојни и потенцијални корисници.
Дали мислите дека телекомуникацискиот пазар се' уште има потенцијал и нуди можности за развој?
Телекомуникацискиот пазар е еден од најдинамичните во светот. Така е и кај нас. Покрај класичните услуги, и на полето на фиксната и на полето на мобилната технологија и Интернетот, кои и натаму остануваат како неопходност за комуникација меѓу луѓето, овој пазар веќе одамна во светот, а од неодамна и кај нас, почнува да се шири во области кои дополнително ќе го олеснат брзото темпо на живеење на модерниот човек.
Многубројните технолошки иновации веќе стануваат секојдневие за потрошувачите на овие простори, како што се: видеоповици, видеоконференции, проширување на интерактивните услуги, поширока примена на мобилна и Интернет-трговија, мобилно и Интернет-плаќање, се разбира со вклучување и на другите засегнати институции, како на пример банките. Телекомуникацискиот пазар е и ќе остане многу возбудлив и интересен, ќе продолжи да носи бројни технолошки напредни производи и услуги што ќе ја олеснуваат нашата комуникација, ќе ни овозможуваат повеќе избор и извори за забава, образование и информации, едноставно кажано, ќе ни го олеснат и збогатат животот. Значи, потенцијалот и можностите за развој постојат, а граѓаните допрва ќе почнат да уживаат во сите благодати што може да ги понуди модерната комуникација. |