Живот на чинија
Најбитно за татлиите е да се погоди шербетот
Флора Кадриу, пратеничка на Нова демократија
Таа ни открива дека ги сака експериментите и додатоците во подготовката на јадењата, готви по рецептите на мајка си, а ја обожава флијата на својата свекрва
Катерина Шекеровска
ДЕТСТВО – Задолжително благо. „Како мала не сум била толку склона кон храната. Бев премногу слаба и се' уште ги паметам зборовите на мајка ми, која велеше: „Напиј се барем млеко“. Сепак, од детството се сеќавам на специфичниот мирис на нашата кујна и по тоа што мојата мајка подготвуваше разни специјалитети пренесени од нејзината мајка. Најчесто тоа беа јадења, како што се печено пиле со каша со ореви, бамја, која ја подготвуваше на специфичен начини со телешко месо... Се сеќавам и на јадењата со печурки, но и на многу, многу благо, разновидни торти, слатки со ф’стаци, бадеми... Кај нас имаше ред: супа, главно јадење и на крај задолжително благо, нешто што денес не го практикувам“.
ПУБЕРТЕТ - Ми се врати апетитот. „Апетитот ми се отвори во периодот на пубертет и тогаш почнав да јадам од сите специјалитети на мајка ми. Не знам дали дека се работи за мојата мајка или дека секое чедо смета дека мајка му готви најубаво, но сметам дека јадењата што ги подготвуваше таа, се највкусните на светот! Особено го обожавав модриот патлиџан, тоа беше нејзин специјалитет, како и сладоледот - касато, брзата палачинка, шеќер паре... Кај нас за празници најчесто се подготвува баклава, но мајка ми почесто спремаше шеќер паре. И тоа беше нешто што навистина беше прекрасно...“
ТРАДИЦИЈА - Рецепти наследени од мајка ми. „Се трудам да ја пренесам таа традиција и на семејството, особено на ќерка ми, која сега е веќе мажена. И сметам дека сум успеала зашто повеќето работи што ги подготвуваше мајка ми - ги подготвувам и јас, а голем дел од рецептите и ги чувам. Така, кога сакам да спремам нешто благо, на пример, тоа е од нејзините рецепти. Често ја правам и кашата со ореви, како и урнебес салата... “
САЛАТИ - Уживам во експерименти со додатоци. „Најмногу уживам да подготвувам разновидни салати, меѓутоа правам и експерименти, додатоци за да видам дали го менуваат вкусот. На пример, во шопската салата додавам рендани варени јајца, кои и' даваат посебен вкус, а често покрај младиот кромид, ставам и младо лукче, што е уште една специфика и ја прави многу вкусна, барем по реакциите на тие што ја пробале... Правам и салата со модар патлиџан по рецепт на мајка ми - се сечат на тркалца и се пржат, се додава малку сол и павлака. Истото се прави и со тиквичките, превкусни се и освежителни за во лето. Често правам и таратур, како и супи и чорби, а особено ја обожавам чорбата од брокули и печурки“.
МОРСКА ХРАНА – Јагула на мој начин. „Дома најчесто уживам да подготвувам риба, претежно морска. Честопати спремам и јагула, која е тешка за подготовка и има многу маснотии, па луѓето ја одбегнуваат. Ја виткам во фолија со многу лимон и ја ставам во рерна за целосно да ја испушти својата маснотија. Потоа се сече на парчиња и се пржи. Вкусна е и па��трмката, како и морските плодови, кои најчесто ги спремам, особено школките, лигните... Во морските плодови уживаат и сопругот и синот, додека ќерката знае да ги подготви, но не е голем љубител. Најчесто кога спремам риба, подготвувам и салата од варен компир во која додавам многу магдонос, кој дава посебен шмек. Инаку, кога ги сервирам лигните, користам ф’стаци, кои даваат една друга визуелна димензија, заедно со многу зелена салата и ’рдокви. Спремам и ориз- пилав, го спремам со путер, па се додава малку вода и сол, се става вода, па да зоврие на тивко, се прекрива со една газа и на крајот се сервира со малку црн бибер.
БЛАГО - Касато сладолед по рецепт на мајка ми. „Одбегнувам слатки поради калоричноста, но, се разбира дека некогаш кога ќе почувствувам потреба, тогаш се повикувам на рецептите на мајка ми. Касато сладоледот е нешто прекрасно, особено во овие жешки денови - се прави во три слоја, во првиот дел во приготвената смеса од јајца и млеко се ставаат многу мелени ореви, во втората чоколадо, а во третата смеса нема ништо, освен шлаг. Често спремам и куглоф, со различни додатоци, некогаш парчиња суви овошја, некогаш со вишни, кокос, ореви... Најубав ми е со вишни, кои даваат убава киселост.
За празници најчесто подготвувам баклава, филувана со мелени ореви. Она што е битно за татлиите е шербетот, тој го дава конечниот вкус. И да направите совршена баклава, ако го утнете шербетот, тогаш сте ја утнале целата баклава. Шеќер паре не правам сама зашто, за жал, не успеав да го земам рецептот од мајка ми. За празници таа секогаш ми подготвуваше голема тепсија и ми ја носеше дома“.
ТАЈНА – Подготовка на тивок оган. „Она што најчесто го преферираше мајка ми и на што ме подучуваше е дека секое јадење е потребно да се подготвува полека, на тивок оган. Колку е пониска температурата, потивок оган, толку е повкусно. И навистина е така. Исто така, таа секогаш велеше дека јадењето зависи од сето она што ќе го вметнеш во него. Најчесто при спремањето користеше путер, а тоа остана и кај мене. Кога сакам да има јадењето добар вкус, го употребувам. Инаку, најчесто користам маслиново масло“.
ПИТИ – Ја обожавам флијата на свекрва ми. „Не сум многу по месењето и сукањето, иако најмногу сакам пита, која кај нас се нарекува флија, тоа е специјалитет на мојата свекрва. Се прави под вршник, тоа е како палачинки, кои се редат една врз друга и се става кајмак, некои ги јадат солени, некои благи, може да се јадат со мед, слатко или со сирење, павлака... Многу убав специјалитет. Сакам и пита со зелка и спанаќ, а убаво се сеќавам и на „дебелата пита“ што ја спремаше мајка ми за Бајрам. Тоа се сукани кори, кои потоа се потпекуваат една по една на шпорет. Потоа се редат и се потураат со путер и со кисело млеко. Се печат, набабруваат и се многу меки и вкусни.
ИСХРАНА ВО ЛЕТО - Салати, риба и морски плодови. „Во лето најмногу подготвувам риба и морски плодови. Мојот сопруг сака повеќе месо, но во лето јадеме повеќе риба, одбегнуваме месо. Задолжително салати, зелена, шопска, од мали домати, често салата и од грав, која ја спремам на следниот начин - се вари гравот, но да не се превари, се додава сол, малку црн пипер и вегета, кромид и маслиново масло и оцет балсамико“.
ПИЈАЛАЦИ - Преферирам природно цедени сокови. „Мојот организам не поднесува газирани пијалаци, никогаш не ги пијам, освен во ретки пригоди - кисела вода. Преферирам овошни сокови, природно цедени, од сите овошја, особено сакам ананас, киви, портокали, банани, цитрони, лубеница, грозје, вишни, цреши, праски, кајсии... Сакам се' од овошје, единствено јаболкото го јадам помалку... Не консумирам многу алкохолни пијалаци, а во исклучителни пригоди наздравувам со вотка-џус или џин- тоник, шампањ или вино, во зависност од јадењето. Повеќе сум по овошни пијалаци, но сум и голема кафеџика, пијам доста кафе“.
ГОТВЕЊЕ - Недела е празник за трпезата и за семејството. „Реално немам многу време, но се трудам одвечер да подготвам нешто за семејство да има што да касне наредниот ден. Најчесто преку викендите уживам во готвењето, особено во недела кога спремам богата трпеза на која сме сите заедно. Но, мора да бидам искрена и да кажам дека и мојата свекрва многу ми помага. Кога не сум во можност да спремам нешто поради обврските, таа готви и за тоа сум и' навистина благодарна зашто не знам како би можела да излезам на крај, никогаш нема да можам да и' возвратам доволно... § враќам со добри зборови, огромна почит и љубов, како и гриж�� за неа како за мој вистински родител“.
|