Опаѓа продажбата на виното, во загуба и винарите и лозарите

Винарските визби најавуваат уште поголемо поскапување на вината
Соња Маџовска
Викендов на празникот Свети Трифун се закрои лозјето, се посака бериќетна година, но и на празникот лозарите не пропуштија да ги соопштат своите маки. Тие се незадоволни од откупната цена на грозјето, а дел од нив се пожалија и дека винарските визби се' уште не им го платиле ланскиот род.
Лозарите бараат исплата на 30 денари по килограм грозје. Министерот за земјоделство Ацо Спасеновски вети дека државата ќе продолжи да го субвенционира лозарството, за што годинава ќе издвои 350 милиони денари. Тој им порача на лозарите и дека ќе се зголемат извозните квоти. Според Спасеновски, оваа година Министерството ќе работи интензивно за да се исполнат проектираните 35 илјади хектари лозови насади.
„За лозарството или, поконкретно, за секој посаден нов хектар на лозов насад имаме 140 илјади денари поддршка, а за оние лозови насади засадени во текот на изминатите две години има поддршка од 75 илјади денари. На тоа треба да се додадат и 2,5 денари поддршка за килограм предадено грозје“, порача Спасеновски од Неготино на прославата на празникот Свети Трифун.
Според експертите, Македонија извезува вино со висок квалитет, но мора да се работи на концепт кој ќе го зголеми извозот, ќе ја стави нашата држава на таканаречениот каталог на вински сили и со самото тоа ќе се зголеми приливот на средства во нашата земја.
За разлика од производителите кои бараат повисоки цени, винарските визби веќе се пожалија дека и ланските откупни цени им биле превисоки за рентабилно работење. Освен тоа, винарските визби се соочуваат и со намалена продажба поради ограничувањето на продажбата и кризата. Како резултат на ова, од винарските визби најавуваат уште поголемо поскапување на вината, чии цени само во текот на минатата година се зголемија за 12 проценти. За годинава, пак, веќе им стигнуваат најави за намалување на количините за извоз дури и за 40 проценти. Според некои пресметки на винарниците на домашниот пазар, продажбата е намалена за 20 проценти. Во „Тиквеш“ се жалат дека поради забраната за продажба на алкохол по 19 часот, оваа година ќе загубат меѓу 2 и 2,5 милиони евра.
„На домашниот пазар, кој во вкупните приходи на ’Тиквеш‘ учествува со околу 40 отсто, веќе се чувствува значително влијание врз продажбата на виното, како резултат на намалениот број објекти што продаваат вино, а особено на скратеното време за продажба до 19 часот во малопродажните објекти. Исто така, намалена е можноста за таканаречено импулсивно купување, претежно на бензински станици и во тобако-продавниците. Се' на се', нашите процени говорат дека по оваа основа ’Тиквеш‘ може да загуби годишна продажба во вредност од околу 2 до 2,5 милиони евра. Ваквите негативни трендови предизвикани од измените на Законот за трговија, секако, ќе имаат свој одраз и врз нашите продажни, а со тоа и врз производствените планови во иднина, вклучително и ревизија на плановите за откуп и цена на винското грозје“, велат од „Тиквеш“.
Сепак, неодамна од „Тиквеш“ соопштија дека за минатата година бележат пад на добивката пред оданочување од 29 отсто. |