Македонскиот неолит го ставивме во фокусот
Директорот на Народниот музеј на Словенија Петер Кос посочува на добрата соработка со археолозите од земјава
Катерина Богоева
Актуелната изложба „Неолитската уметност на теритријата на Република Македонија“ поставена во Народниот музеј на Словенија во Љубљана, која за публиката ќе биде отворена до септември, беше пријатен повод за разговорот што на крајот на мај го водевме со директорот Петер Кос, нумизматичар кој на ова раководно место е од 1995 година. За него, презентацијата на неолитскиот материјал откриван на тлото на земјава, а датиран од 6.000 до 4.500 година.пр.н.ера претставува и можност за посочување на долгогодишната соработка меѓу словенечките и македонските археолози.
„Преку изложбата се осврнуваме на соработката меѓу археолозите, започната во поранешната иста држава со истражувањата на словенечките археолози Јосип и Паола Корошец, кои во Македонија на крајот на 50-тите години на минатиот век учествуваа во првите значајни откривања на македонскиот неолит. Во оваа соработка гледам еден лак што го поврзува крајот на 90 - тите години од минатиот и овој, 21 век. Мислам дека во Македонија и годинава археологот, професор Митја Гуштин од Институтот за наследство на Средоземното море, при Универзитетот во Приморско, ќе работи на локалитетот Говрлево, каде во изминатите неколку години истражуваше со своите студенти, соработувајќи со Музејот на Град Скопје. Токму негова беше и идејата неолитот од Македонија да се презентира со изложба пред публиката во Словенија.
Како Народен музеј, неколку години наназад разго��аравме со Музејот на Македонија и под притисок на различни прилики, во изминатиот период потпишавме два договори со двајца нивни директори, но ништо не се реализираше. Новата иницијатива овој пат дојде од македонска страна на крајот на 2007 година во врска со претседавањето на Словенија. Колегите од вашата земја напоменаа дека би им било драго, токму во овој период изложбата да се реализира, што беше и наша желба. Извонреден напор поради финансирањето ни претставуваше само нејзината организација, бидејќи кога дојде барањето, програма веќе ни беше направена. Изложбата е вон програмска активност и ќе ја финансираме со сопствените приходи кои не се баш многу големи“ - изјави Кос и напомена дека презентацијата е врзана со среќен сплет на околности. Имено, во атриумот каде е поставена (кој се смета за еден од ударните, репрезентативни простори во Љубљана), било во план да се постави изложба за културното наследство од праисторијата до денес пронаоѓано крај реката Љубљаница (која минува и низ Љубљана). Поради финансиски проблеми, истата не е реализирана и е одложена за крајот на годинава.
„И мене исто така ми беше многу важно, експонатите да и ги презентирам на јавноста, како и на археолошката публика, која може да види различен материјал што се чува во музеите на Македонија. Покрај тоа, сакавме да го покажеме творештвото кое се создавало во период, кој тогаш во Словенија сеуште го немало. Импактот од Јужниот Балкан преку Македонија, до Словенија, стигнал дури 1.500 година подоцна и имал одраз во овие подрачја.
Сакавме да покажеме дека колевката во некоја смисла, сепак се наоѓа од каде што доаѓате вие. Од една страна, тоа е сензибилизирање на стручната публика во Словенија, а од друга, драго ми е да се воспостават некои врски од претходно, кои ги имавме до осамостојувањето на државите . Се надевам дека во наредните години ќе има поинтензивна соработка од двете страни.
Ја поставивме изложбата во центарот на случувањата во музејот, токму во овој период од мај до септември, за да можат во јуни и септември училиштата и Словенците да ја посетат, а преку летото и странци кои секоја година ги имаме се повеќе“.
Како директор на Народниот музеј, кој е на функцијата уште од пред влегувањето на Словенија во ЕУ, Петер Кос смета дека новиот државен статус не довел до големи промени во оваа институција.
„ Уште од 1994 година работиме на оформувањето на новата музејска зграда која се наоѓа во дел од објектите на старата касарна во градот. Проектот трае веќе 14 години и тука не гледам големи промени. Но, забележлива е големата промена во менталитетот на вработените, не само во нашиот, туку и во другите музеи. Претходно, се беше контаминирано со мислење дека не треба да се работи многу, дека секогаш доволно се работи за мала плата и во таа смисла не постоеше свест која сега преовладува. И сега има поединци кои така размислуваат, но се побројни се оние кои навистина се залагаат и се предадени на својата работа. Тоа според мене е најголемиот допринос од осамостојувањето на Словенија.
Ние сме најстариот музеј на овие простори. Од државата добиваме пари за плати, за одржување на зградите, но за програмите кои се многу поважни, добиваме сразмерно малку пари. За тоа каков е односот на државата кон музеите во земјава, е пример токму зградата со која управува Народниот музеј на Словенија, а во неа сеуште се наоѓа Природно - научниот музеј. Градскиот музеј се пресели пред неколку години во нов музејски комплекс, што е навистина претставува голем придонес за музеалството на Словенија, но двата национални музеи сеуште стојат во место. Никој не знае кога Природно - научниот музеј ќе добие нова зграда.
Љубљана веројатно, како престолнина на европска држава, е единствената која не може на едно место да ја покаже историјата од ова тло, а тоа го бараат странците.
Во март бев накратко во Македонија и навистина се изненадив од вниманието кое сегашната владеачка гарнитура му го посветува на културното наследство, од тоа колку се истражува на пример, Охрид. Изненаден сум како културното наследство се третира и протоколарно, при посетата на странските државници на земјата, при што им се нуди можност да ги видат музеите. Неможам да кажам дека сум баш среќен со нашиот однос кон сето тоа“- вели директорот на Народниот музеј на Словенија.
Тој потенцира и дека сегашните врски со музеите од Европа се базираат на претходно воспоставените, но дека Словенија како држава претседавач на ЕУ, покажала интерес да го презентира своето културното наследство и со изложбата отворена во Музејот на современите уметности во Брисел, посветена на познатиот архитект Јоже Плеќник кој работел и во Прага и Љубљана.
„Генерално комуникациите на нашиот, со останатите музеи во светот се базираат на индивидуални познанства. Ако и се добие понуда да се презентираме со некоја изложба надвор, веднаш настанува проблем со нејзиното финансирање, бидејќи треба да се плати осигурувањето, а ние во музејот немаме големи програмски средства за такви намени.
Пред неколку години, поставивме изложба за Леонардо Да Винчи и тогаш од државата,од Министерството за култура добивме само средства што бевме должни да ги обезбедиме со договорот со подготвувачите на изложбата. Останатото беше наш ризик. А сега таков зафат е многу тешко да се реализира. Со земјите од ЕУ соработуваме во реализација на заеднички проекти, а во дел од нив се вклучени и нашите археолози и нумизматичари“ - изјави Петер Кос. |