Број 2849  петок, 28 ноември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Оргулите пристигнаа во Скопје

Кралицата на инструментите, како што популарно се нарекуваат оргулите, ќе биде сместена во Католичката црква

Тина Иванова

Оргулите, популарно наречени „кралица на инструментите“, конечно пристигнаа во Скопје. Ќе бидат сместени во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ каде што во моментов тече нивната монтажа која ќе трае еден месец. Набавката на овој музички инструмент, кој тежи цели шест тона, изнесува околу 230 илјади евра. Со поставувањето на оргулите, Македонија ќе добие уште еден концертен простор, бидејќи инструментот, како и акустично примерниот простор на Катедралата, ќе бидат отворени за јавноста преку организираните домашни и меѓународни концерти. Инструментот е изработен во Мариборската бискупска фабрика за реферирање и правење на оргули, а нивниот процес на изработка траеше една година.

Оргулите во Скопје пристигнаа благодарение на граѓанската иницијатива наречена „Културна акција оргули за Скопје“ која беше формирана лани под покровителство на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов. Се формираше и Одбор, чиј претседател е проф. Димитар Мирчев, а нивната цел секако, беше Скопје и Македонија да добијат оргули кои ќе бидат од големо значење за развојот на културата во земјава, музичкото образование и творештво, како и за подемот на духовниот живот. Во Одборот членуваат културни работници, уметници, професори, дипломати, стопанственици, духовници кои, со досега неколку организирани јавни и доброволни акции, како и со свој личен придонес, собраа поголем дел од средствата за набавка на првите оргули во Македонија. Членови на одборот, меѓу другите се и скулпторот Томе Серафимовски, баритонот Борис Трајанов, пијанистите Јасминка Чакар, Снежана Анастасова-Чадиковска, Марија Докузова, Валери Стефановски, професорот и дипломатот Срѓан Керим, археологот Коста Балабанов, градоначалничката на Општина Центар, Виолета Аларова, градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, оперската певица Милка Ефтимова, поранешната министерка за култура Ганка Самоиловска-Цветанова, проф. Денко Скаловски, проф. Ферид Мухиќ, проф. Лазар Лазаров, проф. Гзиме Старова, Дон Мато Јаковиќ, гитаристот Влатко Стефановски...

Во акцијата за собирање на средства за оргулите беа вклучени и голем број на ликовни уметници со свои лични донации и изложби, студентите од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, потоа Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и неколкумина музички солисти кои одржаа донаторски концерти. Донаторските акции за дофинансирање на оргулите ќе продолжат до крајот на годинава. За таа намена, на 2 декември во Културниот центар „Мала станица“ ќе се одржи ликовна изложба на 50 автори, а ќе бидат изложени над 70 дела.

„Идејата да се постави ваков инструмент кај нас дојде спонтано кога една германска црква при нејзиното реновирање ни понуди да ни ги даде своите стари оргули. Така формиравме Одбор за набавка на ваков инструмент кој Македонија досега го немаше, и се определивме да биде изграден во Католичката катедрала во Скопје која располага со најсоодветен простор за таа намена, но и со традиција за негување на сакралната и класичната музика“, вели секретарот на Одборот, Петар С. Јаки.

Во времето кога е проектирана Католичката црква, оставен е простор за оргули, но во недостиг на средства тој простор до денес стоеше празен. „Оргулите се универзален инструмент, музиката е универзална и таа спојува, обединува, неа сите ја препознаваме од било која вера, нација, народ, во било кој простор“, вели Јаки. „Во тој контекст и Одборот настапи со таков концепт - оргулите добиваат една почовечна, културна и цивилизациска димензија. Во овие турбулентни времиња, сметаме дека што повеќе треба да има вакви акции кои ќе не собираат и обединуваат, ќе бидеме подостоинствени луѓе свртени кон себе и духовните доблести во изградба на мирот и заедништвото. Оваа теза е метафора на таа перцепција за оргулите“.

Иако кај нас не постои традиција на свирење на оргули, сепак, во музичките редови има пијанисти кои се и одлични оргулисти. Тоа се проф. Марија Докузова, како и истакнатиот професор по пијано Борис Романов. Освен тоа, како што вели Јаки, постои можност во блиска иднина да се добијат и две стипендии за македонски студенти да го продолжат своето школување во градот Лублин во Полска на тамошниот познат факултет за оргули.


Статијата е прочитана 357 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Почина Вилко Филач, снимателот на Кустурица
Македонски уметнички богатства на изложба во Холандија
Операта „Плаштот“ премиерно во режија на Цветан Стојановски
Комисијата за култура го одобри Предлог-буџетот за 2009 година
Промовиран романот „Времето на козите“ на шпански јазик
СВП и Варшавската есен потпишаа договор за соработка