Сите ги кријат пиштолите под перница
Само два пиштола биле предадени во најновата акција на МВР. Со нелегално оружје пука кој каде што ќе стигне
Горан Адамовски
Само два пиштола, десетици парчиња муниција и една тромблонска мина е досегашниот ќар од законските измени, со кои на граѓаните им се даде период од една година да можат да го предадат или да го легализираат своето ловечко, спортско или оружје за самоодбрана, за кое немаат докази за потеклото. Поразувачките резултати на половина од акцијата ќе се шминкаат со засилени кампањи во медиумите, со цел второто полувреме да даде подобри резултати.
Сепак, познавачите на проблематиката уште еднаш укажуваат дека нелегалното оружје во земјава, а според процените, станува збор за 170.000 пар��иња, нема да се победи со вакви акции, туку само со една широка општествена поддршка меѓу власта, медиумите, локалните самоуправи и граѓанскиот сектор.
Секоја сабота полициските станици да примаат нелегално оружје, предвидоа ланските измени на Законот за оружје, четврти за пет години што ги предложи МВР. Поради зголеменото количество нелегално оружје, Министерството побара пробен период од една година, од јули 2010 до јули 2011 го) за доброволно предавање и за легализација на таквото оружје, а во зависност од резултатите, акцијата може да продолжи.
„Имаме незначителна бројка на предадено оружје“, признава Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност во МВР. Според него, во првата половина од акцијата се предадени само неколку пиштоли и парчиња муниција, како и една тромблонска мина.
„Што се однесува до вториот аспект, односно делот за легализирање на оружјето, а услов е со него да не е извршено кривично дело, примени се околу педесетина барања, што, исто така, не претставува некоја значителна бројка“, смета Котевски.
Поради тоа, во МВР планираат да ја засилат медиумската кампања, со надеж дека ќе допре до свеста на граѓаните. Поради ограничениот буџет, акцијата беше промовирана единствено на МТВ, флаери беа дистрибуирани до сите управни служби и полициски станици, а инспекторите од Одделот за превенција вршеа предавања на локално ниво. Сега се очекува финансиска помош од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје.
Минатата есен МВР и ОБСЕ организираа еднодневен семинар, чија цел беше да се промовира Законот за оружје, подигањето на свеста на граѓаните за предавање на нелегалното оружје, но, исто така, и информирање на полициските службеници со постапките што мора да бидат унифицирани во сите полициски станици.
„Со поддршка на Мисијата беа испечатени 48.000 флаери и 3.200 постери“, велат од ОБСЕ и дополнуваат дека нивните активности ќе продолжат и годинава.
Од невладината „Цивил“ ја прифатија акцијата со одобрување, прва по 2003 година, со која требаше да се воведе ред со нелегалното оружје. Но, како што велат, набргу им станало јасно дека оваа акција не е сфатена сериозно од тие што ја спроведуваат.
„Ако власта, поточно МВР, сака сериозно да му пристапи на овој проблем, треба да поработи на јакнење на јавната свест. Кампањи од типот на тие што ги презентира Владата за други појави - не се потребни. Потребно е дел од активностите да им се препуштат на невладините организации, кои најефикасно можат да допрат до локалното население“, смета Џабир Дерала, прв човек на „Цивил“.
Тој објаснува дека Владата мора сериозно да работи на јакнење на довербата меѓу граѓаните и институциите на системот, односно подобрување на меѓуетничките системи.
„Инаку, луѓето ќе сметаат дека пиштолот, макар и набавен на црно, ќе им обезбеди сигурност и ќе им ги чува животот, имотот и честа“, укажува Дерала.
Според одредени експерти, локалните управи треба да бидат првите што ќе застанат на фронт со ова општествено зло, бидејќи несигурните општини носат помалку инвестиции.
Колку точно нелегално оружје има во земјава, тешко е да се каже. Полицијата нема точни податоци, додека според „Цивил“, станува збор за околу 170 илјади нерегистрирани парчиња оружје. Ако се додадат уште 70.000 парчиња легализирано оружје, тогаш излегува дека секое второ семејство во држава поседува оружје. Со тоа се зголемува подготвеноста на граѓаните да пукаат за банални причини и мотиви. Пиштолите без дозвола станаа редовна алатка при грабежите, разбојништвата, па дури и при најбаналните расправии.
Надлежните во МВР објаснуваат дека проблемот со нелегалното оружје, особено војничко, ескалира по конфликтот во 2001 година, но е поткрепен и со постојаниот пораст на насилниот криминал. Во изминатите десетина години поради таквите околности, многу граѓани нелегално набавиле оружје за лична сигурност.
Според новите законски измени, доколку сопственикот не ги исполнува условите за добивање дозвола, тогаш тој ќе биде повикан доброволно да го предаде оружјето. Со измените на Законот, оружје можат да го предадат и легалните сопственици, кои веќе не сакаат да бидат вооружени. (Г.А.) |