Се цедат последните капки бензин
Снемува и мазут за работа на Топлификација, на стопанските објекти, на болниците...
Александрија Стевковска
Повеќе бензински пумпи од денеска веќе не точат бензин, бидејќи не можат да набават нови количини нафтени деривати поради блокадата на „Окта“ што трае речиси цела недела. Доколку продолжи протестот на жителите на Миладиновци, за неколку дена сите бензински пумпи што набавуваат гориво од скопската рафинерија нема да имаат гориво за точење.
Покрај недостиг од гориво на пумпите, се' поизвесна е опасноста да снема мазут за работа на Топлификација, стопанските објекти, болниците, што го доведува под знак прашање нивното работење и затоплување во услови кога температурите се во минус.
„Се трошат последните резерви нафтени деривати. Посебно е критично снабдувањето со бензинот од 98 октани, а доколку блокадата потрае, ќе се истрошат резервите и од другите деривати. Сепак, многу покритична е состојбата со снабдувањето со мазут, кој го доведува во прашање работењето на стопанските субјекти, Топлификација. Со оглед на тоа дека мазутот е специфичен за складирање, никој нема обезбедено резерви за подолготрајно работење, па прекинот со негово снабдување ќе значи запирање на работата на објектите што го користат. Моментно е првостепено да се обезбеди мазут за нивно непречено работење, поради што мора да се најде решение на проблемот кој ги предизвика блокадите“, велат во „Макпетрол“.
Скопска топлификација, која ги трошеше резервите, набавила мазут од делот на државните резерви, но и тие се ограничени и веќе при крај.
Некои приватни бензински станици веќе не точат дел од дериватите, а најавуваат дека ако продолжи ваквата ситуација да не можат да набават нови количества нафта и нафтени деривати, може да стават клуч на пумпите.
„Сите резерви на нафтените деривати ги потрошив. Нема веќе нафта за домаќинствата и гас. Денеска ќе се дотрошат и последните резерви, на дизел и 98, што ќе значи комплетно престанување на работењето на пумпите“, вели Мите Јованов, сопственик на „Макоил“.
Координативното тело што ги организира протестите не се откажува од блокирање на рафинеријата се' додека не бидат прифатени нивните барања кои раководството на „Окта“ им вети дека ќе ги исполни уште пред неколку месеци, а имаат цел да ја принудат „Окта“ да го намали загадувањето на водата и на воздухот во околниот регион.
„Блокадите продолжуваат се' додека не се изнајде решение на загадувањето што го создава ’Окта‘, поточно додека не се обезбеди континуирана работ�� на десулфуризаторот, кој сега рафинеријата го исклучува навечер, и додека не се постават мерни станици на повеќе точки кои ќе овозможат мерење на загадувањето“, вели Миливој Станковски од Координативното тело.
Покрај надворешните блокади на „Окта“, таа и внатрешно се соочува со проблем во производството поради експлозија во еден од погоните за преработка на нафтата. Се тврди дека состојбата е под контрола по пожарот што се случил, но поради хаваријата, во наредните неколку дена нема да се произведуваат нафтени деривати. Официјални информации за причините за експлозијата се' уште нема, а неофицијално како можни причини се посочуваат прегревање на системот и откажување на сигурносен вентил. Иако нема да работи извесен период, рафинеријата има резерви на деривати за 20 дена, но не може да ги испорача поради блокадата.
Рафинеријата се' уште е затворена за јавноста и за коментари во врска со блокадите и за случувањата внатре, а Владата, пак, најавува построги казни за загадувачите и вети здравствени прегледи за жителите на шесте села. Измените во делот на прекршочни казни од Законот за заштита на животната средина налагаат загадувачот од Миладиновци во иднина да треба да плати глоба од 100.000 евра за загадувањето, наместо 20.000 евра, сума која како казна му беше изречена неодамна. Сепак, жителите на Миладиновци не се задоволни од недоволната поддршка на надлежните и се жалат дека токму Владата со закон и правилник и' овозможила на рафинеријата да произведува горива со поголемо количество сулфур.
Минатата година Владата и' исплати отштета на рафинеријата од 40 милиони долари поради неисполнети обврски од купопродажниот договор. Покрај ова, рафинеријата доби дозвола да го користи стариот правилник за квалитет на горивата до средината на идната година.
Опозицискиот СДСМ на вчерашната прес-конференција најави дека ќе поднесе барање за посебна собраниска седница за „Окта“, на која ќе побара информации за преземените мерки од Министерството и Инспекторатот за животна средина, Министерството за економија и Републичкиот завод за здравствена заштита во врска со загадувањето што го предизвикува рафинеријата. СДСМ прашува кој ќе ја понесе и каква ќе биде одговорноста за штетните последици за здравјето на жителите на општината Илинден и Скопје од загадувањето.
„Владата на Никола Груевски не само што не ја санкционира ’Окта‘ поради непочитување на македонските закони туку им дозволува на грчките газди да произведуваат еколошки штетни, неквалитетни и скапи горива и да остваруваат огромни профити на грбот на македонските граѓани“, велат од СДСМ.
Тие уште еднаш го изразија своето сомневање во приватизацијата на „Окта“ и обвинија дека постои заеднички интерес помеѓу грчките газди и врвот на ВМРО-ДПМНЕ и дека Владата се договара исклучиво во интерес на „Окта“, а не во интерес на граѓаните.
|