Лазаров почна со 11 гола во ракометната ЛШ

Македонскиот десен бек на загрепчани најефикасен во ремито 33:33 со германски Рајн Некар Ловен
Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, кој во минатата сезона вторпат ја понесе титулата прв голгетер во Лигата на шампионите, стартуваше со 11 гола, од кои два од седмерец, во новото издание на најквалитетното европско клупско натпреварување. Неговиот Кроација осигурање Загреб на домашен терен одигра нерешено 33:33 со германскиот претставник Рајн Некар Ловен во рамките на групата Х, а Лазаров можеше да му донесе и победа на својот тим. На 25 секунди до крајот тренерот на загрепчани Лино Червар свика тајм-аут, но во последниот напад неговите ракометари не изработија ситуација за гол, па македонскиот интернационалец беше принуден да бие од неизградена позиција и неговиот удар беше лесен плен за голманот на гостите, Полјакот Шмал.
Покрај Лазаров, кој беше убедливо најдобар играч на теренот во „Ледена дворана“, во домашната екипа се издвои Ивано Балиќ со шест погодока, а кај гостите Исланѓанецот Сигурдсон со осум.
Резултати од првото коло, група А: Хамарби - Гранитас 31:27, Шамбери - Целје синоќа; група Б: Босна - Дукас 34:22, Свендборг - Сиудад Реал синоќа; група Ц: Драмен - Барселона 24:29, Кил - Металург 37:29; група Д: Хамбург - Татран 32:20, Црвена звезда - Копенхаген синоќа; група Е: Портланд Сан Антонио - Стеауа 38:30, Цимос - Чеховские медведи 28:35; група Ф: Хаукар - Запорожје синоќа, Веспрем - Флензбург синоќа; група Г: Амичитија Цирих - Брегенц синоќа, Реале Адемар - Монпелје; група Х: К.О. Загреб - Р. Н. Ловен 33:33, Висла Плок - Пик Сегед синоќа.
Кале Кичево испадна од Купот на ЕХФ
Ракометарките на Кале Кичево експресно го завршија својот настап во Купот на ЕХФ, каде што во второто коло беа двапати поразени од Кикинда. И двата натпревара се одиграа во Србија, при што во првиот домаќинот славеше со 39:23, а во вториот со 29:22. (Р.Д.) |