Наместо мониторинг, нов деловник за Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа нема повторно да воведе мониторинг за МакедонијаОд нашиот дописник
Тони Гламчевски
Нанси – Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) нема да повторно да воведи мониторинг за Македонија, но затоа постмониторинг-дијалогот ќе биде засилен. Паневропската асамблеја со ова сака сака да и' помогне на Македонија во воспоставувањето на политичкиот дијалог и внатрешната интеграција на земјата. Сепак, ако не се постигне напредок во дефицитот на демократијата, не е исклучено за неколку месеци на дневен ред повторно да биде ставено враќањето на мониторингот.
Со ваквата одлука на Бирото на ПС на СЕ, кое се состана на крајот на минатата недела во Париз, е ставен крај на шпекулациите дека по изборните нерегуларности и бојкотот од опозицијата ќе биде вратен мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа. Враќањето на мониторингот автоматски ќе значеше оддалечување од исполнувањето на политичките критериуми за членството во ЕУ, т.н. критериуми од Копенхаген. Иако мониторингот беше јавно побаран од неколку парламентарци по тешките критики за начинот на кој беа спроведени изборите, сепак, меѓу членовите на ПС на СЕ се слушнаа гласови дека сега не треба повторно да се фрустрира земјата и нејзиниот народ.
Во Париз, Бирото на ПС на СЕ расправаше по извештајот на мисијата на неговата делегација, која престојуваше во Македонија во постизборен мониторинг. Една од целите на посетата беше враќање на ДПА во парламентот и еден вид посредништво меѓу ДУИ и ДПА, иако тоа јавно не беше кажано. Извештајот изработен по посетата на Македонија нема да биде ставен на дневен ред на есенската пленарна сесија, туку само на ниво на Комисијата за следење на обврските на земјите-членки на СЕ, односно мониторинг-комисијата. Извештајот е доверлив и, како што изјави поднесувачот, швајцарскиот парламентарец Андреас Грос, најнапред тој ги истакнал позитивните аспекти.
„Македонскиот премиер постапи мудро, бидејќи иако немаше обврска во владејачкото мнозинство, интегрира една од албанските политички партии. Втората мудра постапка е што таа партија е ДУИ - победничка кај албанската заедница во Македонија, а не губитничката како претходниот пат. Тоа се две мудри нешта кои придонесуваат за интеграција на земјата. Инсистирав кај моите колеги дека Македонија е земја во која интеграцијата останува главниот предизвик кој треба да се негува и на кој треба да се работи“, вели Грос.
Негативниот аспект, според него, се однесува на политичкиот дијалог во земјата.
„Парламентот на Македонија денес не е способен да ја извршува својата одговорност, бидејќи опозицијата е способна да го бојкотира и да ја блокира неговата работа. Опозицијата треба да располага со инструменти кои треба да и' дозволат да не биде ставена во искушение да го бојкотира парламентот. Бојкотот е многу наивен начин на протестирање“.
За да се надмине ситуацијата, во која е забележан недостиг од политички дијалог, Андреас Грос му предложил на Бирото на ПС на СЕ создавање посебна поткомисија во Комисијата за мониторинг со цел да се изработи еден добар деловник за парламентот во Македонија. „Треба да се постават правилата за игра и среќен сум што претседателот на парламентот на Македонија и на парламентот на Србија ја прифатија поволно нашата идеја за помош“, нагласува Грос.
Сепак, во Стразбур не е исклучена можноста за повторно наметнување на мониторинг-процесот за Македонија.
„Ако интеграцијата не е подобро направена, ако парламентот не функционира подобро, ако не е подобрен неговиот деловник за работа, ако партиите се најдат во искушение да бојкотираат или ја саботираат неговата работа. Ова се нешта кои треба да се надминат во земјата. Советот на Европа, непосредно пред ’малата граѓанска војна‘ во Македонија, направи грешка и го затвори пребрзо мониторингот. Мониторингот и понатаму е отворено прашање, но тој засега нема да биде вратен, бидејќи претседателот на македонскиот парламент реагираше и е отворен за нашите сугестии. Но тоа треба да се направи во наредните неколку месеци“,- ни рече Андреас Грос.
Треба да се знае дека пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, во ПС на СЕ во Стразбур се размислуваше за укинување на постмониторинг-дијалогот за Македонија.
|