Убиениот турист погребан во Белград
Осомничениот за убиството, Драган Ѓорѓевиќ, со лажен пасош излегол по илегални канали и не се знае каде се крие
Српскиот турист Дејан Новаковиќ, кој беше убиен минатиот петок во Охрид, вчера попладне беше погребан на новите „Бежаниски гробишта“ во Белград. На погребот присуствуваа околу 500 луѓе, негови најблиски роднини и пријатели, кои се збогуваа од момчето кое на суров начин го изгуби животот.
Лесковчанецот Драган Ѓорѓевиќ, кој е еден од осомничените за неговото убиство што се случи минатиот петок во Охрид, и натаму е во бегство. Нему му се губи трага во петокот, еден час по убиството, кога ги зел своите работи од хотелската соба и побегнал. Според српскиот весник „Блиц“, Ѓорѓевиќ не ја напуштил Македонија со пасош на негово име, но не се отфрла можноста дека побегнал по илегални канали или дека се крие во некоја од соседните земји.
Името на осомничениот Ѓорѓевиќ не е непознато во српските криминални кругови. Тој се споменува како припадник на меѓународната криминална мрежа, која поради начинот на извршување на своите кражби од Скотланд Јард го доби името „Пинк Пантер“. Српските медиуми вчера на долго пишуваа дека Ѓорѓевиќ е еден од припадниците на групата која во април 2007 извршила упад во златарска продавница во Дубаи, од каде што бил изнесен накит вреден 10 милиони долари. Следната година Ѓорѓевиќ бил откриен и уапсен во Холандија, а потоа им бил испорачан на Обединетите Арапски Емирати.
Ѓорѓевиќ се говори дека последен пат во Лесковац бил пред два месеца и дека потоа се упатил кон Охрид. Бегалецот во изминативе пет години многу често доаѓал во Македонија, каде што во ресторани и хотели го трошел своето богатство.
Откако пред неколку дена другарот на убиениот српски турист Горан Периќ изврши препознавање на групата осомничени во охридскиот суд, тој ја напуштил земјава и заминал дома. Како што дознаваме од судски извори, тој ги посочил приведените дека учествувале во крвничкото претепување на неговиот пријател.
„Моментно се работи на организирање распит на дополнителни сведоци предложени од страна на надлежното обвинителство. Се чекаат и резултатите од вештачењето на крвта, пронајдена на бехатон-плочката, со која се претпоставува дека е извршено убиството. Судот ги очекува и изводите од казнената евиденција, односно досиејата за сите приведени“, вели истражната судијка од Охрид, Весна Кичеец.
Мајката на убиениот српски турист Дејан Новаковиќ вели за српскиот весник „Курир“, скршена од болка, дека „го моли Бога Дејан да не умрел во најголеми маки“. „Не купувам весници, бидејќи не можам да ја видам сликата од моето мртво дете. Ме боли тоа што и се изживувале над него мртов. Не дишел, а тие го удирале со цигла во градите“, вели мајката Јулијана Зубовиќ. (Х.Р.) |