Глобалист
Образованието не е во компјутерите
Љупчо Поповски
Образованието се заплетка во два проекта кои трошат многу енергија, а во кои главни жртви ќе бидат учителите и учениците
Има еден нов аџилак во Европа. Не е тоа во шпанскиот град Сантијаго де Компостела, ниту во францускиот Лурд, ниту пак е поврзан со религијата. Секоја година стотици и стотици новинари, професори, директори, политичари, тргнуваат на пат кон Финска за да дознаат како оваа малубројна, но пространа езерска земја на северот од Европа направи чудо од своето образование.
Во рангирањето за најдобар школски систем што Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) секоја година го прави преку својот проект ПИСА (Програма за меѓународни ученички процени) Финска со години рутински е на првото место. Другите, како Хонгконг, Јужна Кореја, Холандија или Канада се менуваат на скалилата подолу. Оваа програма ги тестира петнаесетгодишниците од десетици земји (последниот пат 56) колку се добри во писменоста, математиката и науката. Финските ученици се секогаш супериорни.
Како оваа ненаметлива нордиска земја, која до пред 20 години важеше за една од посиромашните во развиена Европа, малку населена во однос на територијата (има 5,3 милиони жители) со мрачна историја (Швеѓаните и Русите владееја со неа со векови) стана центар на образовниот туризам. Зошто во сегашната жешка мода да се бараат лекции по образовна политика во туѓите искуства, финските училишта станаа места за аџилак?
Одговорот е зашеметувачки едноставен – Финска ги има најдобрите учители во основното и во средното образование чија мисија е да му помогнат на секој ученик да научи најмногу што може. Откако во 70-тите години на минатиот век Финска ја почна реформата на школството со широк консензус, трансформирајќи ги специјализираните училишта во гимназии, беше трасиран патот за неверојатниот успех. Учителите се добро платени и уживаат огромен респект во општеството. Неверојатно е тешко да се запишеш на факултетите за учители – само еден од десетмина апликанти ја има среќата да може да студира на нив.
Според она што го пишуваат странските новинари од нивните посети по финските училишта, најважната работа е да се намали разликата меѓу оние што знаат најмногу и оние што им оди потешко учењето. Се учи повеќе во групи, се разговара за градивото, дополнителни учители работат со оние што заостануваат. Ако се потрудите да побарате на Интернет фотографии од финските училници, можеби ќе се зачудите како на клупите нема компјутери, туку се' изгледа вообичаено. Се разбира, во таа технолошки развиена земја нив ги има, но во посебни простории.
Ова изгледа едноставно, но е тешко да се дојде до стандардите на вредно работење, добро однесување и големи успеси.
Може ли Македонија да научи нешто од овој пример. Сигурно, иако Македонија ја нема „Нокија“, ниту пак нашата економија е компетитивна како финската, а општеството е седумдесетина места подолу на скалата со која се мери корупцијата. Но, и Финска беше предалеку од она што е денес кога го почна својот образовен модел. Начинот на којшто нацијата сака да постигне самоподобрување не е само во кампањите за чие мото не може да се најде забелешка (како „Образованието е сила“), но прашање е како да се стигне до оваа убава цел.
Образованието овој септември се заплетка во два проекта кои трошат многу пари и енергија на општеството, а во кои главни жртви ќе бидат учителите и учениците, на кои некој друг им ја определил таа улога. Ги нема вообичаените расправи колку се скапи учебниците, колку се тие добро напишани, кој издавач најмногу ќарил. Агилниот министер за образование Перо Стојановски најмалку се занимава со неговата клучна задача - како да се подобри квалитетот на учењето, туку е заглавен во објаснувања зошто не се вклучуваат компјутерите во училниците за кои Владата потроши 20 милиони евра и како децата да се натераат на веронаука. Учениците се измалтретирани, родителите измачени, учителите шиканирани.
Главна тема стана дали компјутерите што стојат на клупите пред секој ученик се вклучуваат или не, повозрасните професори се обвинуваат дека не сакале да го прифатат напредокот на човекот во информатичката иднина, некои медиуми пишуваат дека сите оделе напред, а ние со отпорот спрема компјутерите сме оделе назад. Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, се препотува објаснувајќи како функционирале програмите во компјутерите, како „линукс“, на пример. Се дебатира како да се намали стравотната плима на петки по училиштата. Психолозите велат компјутерите само ќе го изместат вниманието на учениците и дека е најдобро наставата да се одвива по групи. Целосна збрка.
Пребарувањето на Интернет нема да ги направи учениците попаметни и пообразовани, ниту ќе ги научи подобро да пресметуваат во математиката, но можеби ќе ги направи попрактични и помрзеливи и ќе го намали натпреварот во стекнувањето нови знаења.
Професорот Ферид Мухиќ во вчерашното интервју за „Утрински весник“ на прашањето каде македонското општество ги загуби координатите, вели дека не сме можеле да ги загубиме кога и не сме ги имале. Веројатно е во право. Наместо да се инвестира во образување на квалитетни учители и професори, ние енергијата ја трошиме во објаснување на неопходноста во употребата на алатките за кои што никој надвор од Македонија не дебатира. Тоа се подразбира, бидејќи се дел од ова време.
ОЕЦД во својот последен извештај за образовната политика, објавен пред еден месец, вели дека добрите учители се фактор број еден за одлични постигања на учениците. Веднаш до него е улогата на директорите на училиштата. „Во денешниов образовен свет училишните директори имаат витална улога во модернизацијата на целиот образовен систем“, стои во извештајот на ОЕЦД. Тие треба да имаат поголема одговорност за да ги подобрат резултатите на училиштата и за тоа треба да се подобро платени. Но, тоа е далечен свет за нас. Овде треба да се заколнеш на партијата за да го водиш училиштето, а сега и да биеш битка со Дарвин преку тастатурата. |