Вистината за хеликоптерот стана голема мистерија
Револт и болка го мачат семејство Васиќ. Тоа длабоко се сомнева дека вистината ќе излезе на виделина
Даниела Трпчевска
Педесет и осумгодишниот Миле Васиќ, воено лице во пензија, и ова утро го поминува седејќи на фотелјата во дневната соба во семејниот стан во скопската населба „Јане Сандански“. На оваа исто место пред само една година неговиот дваесет и седумгодишен син Александар му ги раскажуваше случките од работа, проблемите со хеликоптерите на кои одвреме-навреме им се случуваа курцшлуси, за црните кутии на армиските летала кои тој секојдневно ги проверувал како техничар во ВИНГ-от.
Една година подоцна, на истата фотелја со неговиот татко Миле, преполн со болка, но и револт поради прераната загуба на синот, повторно разговараме за црните кутии. Но, овој пат за кутиите кои треба да ја откријат вистината за загинувањето на неговиот син и уште 10 мировници во несреќата која се случи на 12 јануари кај катлановско Блаце, кога се урна армискиот хеликоптер „МИ-17“. Тој се сомнева дека вистината за несреќата се крие и стравува дали воопшто некогаш ќе се разреши мистеријата зошто падна армискиот хеликоптер.
„Аце две години работеше како техничар во ВИНГ-от на проверка на црните кутии по секој лет на хеликоптерите. Слушавме дека се случувале проблеми во текот на летовите и им било укажувано на надлежните дека нешто лошо може да се случи. И се случи... тој кобен ден“, велат завиени во тага родителите на загинатото момче.
Нивниот дом е преполн со фотографии на синот Александар во воена униформа, предметите кои му биле најдраги и за кои семејството ги врзуваат убави спомени. Дневната соба е катчето во кое неговиот татко Миле ги минува деновите читајќи книги со кои за момент бега од суровата реалност. Тука неговата мајка Светлана со апчиња за смирување стиснати меѓу рацете ја проколнува судбината што ја остави без своето чедо. Жената која двапати преживеа мозочен удар, сега се соочува со најголемата тага во животот. Како да се справи со смртта на синот која ги затекна она кобно утро, кога пристигна веста дека мировници нема повеќе да се вратат дома.
„Никогаш не сум ни сонувала дека ќе доживеам ваква голема б��лка која ќе ме мачи до крајот на животот”, со овие зборови не' пречекува мајката Светлана во дневната соба или „катчето на Александар“ како што ја нарекуваат.
„Во ова катче се' се случува. Тука ги пренесовме најмилите работи на мојот син. Дневната соба ја претворивме во светилиште. Никој нема храброст да престојува во неговата соба. Премногу не' боли тоа што не е повеќе со нас”, велат неговите родители, скршени од болка.
Многу неразјаснети прашања, но и револт што и по 11 месеци се' уште никој не им кажа зошто загинаа нивните чеда, ги тиштат семејствата. По многу одложувања, неостварени ветувања и надежи, за нив извештајот за несреќата станува вистинска мистерија. Но, желбата да ја дознаат вистината е посилна од се'. По една година молк тие одлучија да проговорат во јавноста и да побараат што поскоро да им се стави крај на неизвесноста и исчекувањето.
„Имавме џентлменски договор до Министерството за одбрана да не излегуваме во јавноста додека не биде готов извештајот. Имавме и неколку средби со тогашниот министер Лазар Еленовски, но на нив ништо не дознавме за истрагата. Потоа, чекавме Комисијата да излезе со официјални сознанија, а 16 септември беше последниот рок. Но, факт е дека сите се вадат едни на други, не' префрлаат од една институција на друга, а вистината никако да излезе на виделина“, вели револтирано таткото на Александар. Тој додава: „Ќе го почекам објавувањето на извештајот, а потоа ќе ги преземам работите во свои раце и ќе направам своја истрага. Официјално ништо не бидува, затоа приватно ќе бараме да ја дознаеме вистината“.
Семејството Васиќ е револтирано уште од стартот на истрагата кога тврдат дека не им бил дозволен увид во деловите од хеликоптерот иако го побарале тоа. „Скрија делови од хеликоптерот и не ни дозволија увид во нив. Ајде тоа можам и да го разберам. Но, барав да го видам другиот хеликоптер ’МИ-17‘ кој го има АРМ, но четири месеци никој не ме удостои да ме однесе таму. Отворено прашувам што е однесено на експертиза во Москва? На едната црна кутија која ги покажува параметрите на летот недостига делот од Приштина до Скопје. Наводно, се скинал? Којзнае што е пратено на проверка во Москва?“, прашува таткото на Александар.
Тој се присетува дека дента кога биле во ВИНГ-от за да ги земат работите на загинатиот син од касата, им било дозволено да ја посетат и лабораторијата во која тој работел како техничар.
„Токму таму најдов црна кутија која беше сосема изгорена, а до неа беше извадена макарата, но без филмот од снимениот лет на хеликоптерот. Тогаш сфатив дека црната кутија била отворена, а кога прашавме зошто кутијата е тука, а не кај истражниот судија, ни рекоа дека таа не била важна за истрагата. Потоа ме убедуваа дека не станува збор за црната кутија од паднатиот хеликоптер, но кога ги прашав колкави се шансите да има друг хеликоптер чии црни кутии изгореле, замолчеа“, раскажува Миле Васиќ.
Тој вели дека чувствувале оти за време на мисијата во Босна, мировниците се соочувале со одредени проблеми, но дека нивниот син никогаш не сакал да зборува за тоа. „Тој беше дете на војник и така е воспитуван – да не зборува за својата работа. На нашето прашање како е, тој секогаш велеше ’супер сум‘, оти не сакаше да се грижиме“, велат неговите родители. Според нивните сознанија, најголемите несогласувања во мисијата АЛТЕА настанале по смената на командантите.
„Мировниците се поделија на два табора и синот мој го опиша тоа само со неколку збора. Ми рече: ’Чале, овде е хаос‘. Од тој момент не мораше ништо повеќе да ми каже, се' ми беше јасно“, раскажува неговиот татко, кој сиот живот го поминал во војничка униформа.
Тој ја бара одговорноста во надлежните кои имале командна одговорност да се грижат за безбедноста на мировниците и да направат процена дали е безбедно со хеликоптер да ги вратат во Скопје. Иако, според родителите на Александар, повеќе од еден месец траела неизвесноста дали нивниот син ќе се врати со автобус или со хеликоптер, сепак, на крај, била донесена најкобната одлука. „Командантот требал да ги спречи мировниците да полетаат по лошото време, но тие што треба да одговараат, всушност, се наградени и унапредени“, вели семејството на загинатиот мировник.
Таткото на Александар смета дека падот на хеликоптерот не го предизвикало ниту лошото време ниту, пак, вината е во пилотот или, пак, во леталото. „За несреќата е виновна лошата организација, криви се оние што го донеле воздухопловството во оваа состојба. Зошто во ниту еден момент од трагедијата никој немаше храброст да ја спомене можноста за диверзија? Се се сведува на тоа дека хеликоптерот не бил в ред или, пак, пилотите не биле доволно обучени. Не може да се отфрли вината на контролорот на летање, кој не му дал дозвола на хеликоптерот да слета. Каде е моралната, но и командната одговорност на оние што дозволија да се случи несреќата и ги однесоа нашите деца во смрт“, прашува таткото на Александар, кој е решен да оди докрај за да ја дознае вистината за смртта на својот син. |