Број 3653  четврток, 11 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Анализа

ГЛОБАЛИСТ

Има ли лидери?

Љупчо Поповски

„Кориера дека сера“ повикува: „Дајте ни ги назад Де Гаспери, Тачер, Реган, Клинтон, Блер и Кол пред да биде доцна“

Познатиот италијански политички економист, Алберто Алесина, пред неколку дена во „Кориере дела сера“ испрати повик за враќање на лидерството во западниот свет, кој потоа беше цитиран нашироко по медиумите. Што напиша Алесина: „По големата рецесија во 2008-2009 година, секој очекуваше две работи од западните лидери. Прво, да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат дека тие сакаат и знаат како да ги решат проблемите. Второ, да докажат дека се способни да ги остават настрана партиските интереси и конфликтите заради заедничко добро. На двете работи западната политичка класа доживеа пораз и веќе сега таа е заведена во историјата како најлоша по Втората светска војна“.

Накусо, Алесина повикува: „Дајте ни ги назад Де Гаспери, Тачер, Реган, Клинтон, Блер и Кол пред да биде доцна“.

Ваквите повици овде слабо се слушаат, дури и никој не ги пренесува, но ние како мало, сиромашно и дезориентирано општество премногу го чувствуваме страшното отсуство на лидерство во западниот свет. Заедничките перспективи се замаглени, исчезна заедничката европска идеја, бројот на сиромашните расте со геометриска прогресија, а нема ниту визија ниту, пак, некој се обидува да отвора нови хоризонти. ��о време на голема безидејност, големите страдаат, но малите се на работ на катастрофата.

Двата настана што го шокираа светот последнава недела – намалувањето на кредитниот рејтинг на Америка и запрепастувачките безредија, палежи и грабежи во Лондон и други британски градови – дадоа потврден одговор на прашањето што сите го поставуваат: дали има криза на лидерство?

Британскиот премиер Дејвид Камерон го премина летниот одмор во Тоскана да се соочи со бунтот во Лондон, но неговите одговори беа под нивото на ситуацијата. Бунтот го окарактеризира само како криминално насилство, без да даде макар минимално објаснување дека има и други причини за огромниот револт – осиромашувањето, маргинализирањето, отфрлањето од главните општествени текови на цели групи млади луѓе.

Историчарите, се разбира, ќе го оценуваат овој период. Уште сега се знае дека графата за политички херои ќе остане празна. Никој, па ни Барак Обама, кој пред две години изгледаше дека е најблиску до дефиницијата за херој, не знае, а изгледа нема ни желба, пропаста на економијата, падот на пазарите и берзите да го претвори во идна можност. Што можете да очекувате кога кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела вака ја окарактеризира новата економска криза што надоаѓа: „Пазарите ги предизвикаа неволјите. Сега пазарите нека ги решат проблемите“. Ваков алиби одговор немало во последните 60 години од канцеларот на земјата која ја предводи Европа.

Целата политичка и економска филозофија е сведена на една реченица – кратење на трошоците. Тоа е најлесно да се направи и тоа е она што политичарите без визија секогаш сакаат да го слушнат, бидејќи на тој начин постои илузија дека ќе се решат проблемите на технократски и административен начин.

Нобеловецот и професор на Универзитетот „Колумбија“ Џозеф Штиглиц ја исмеа целата оваа политичка логика: „Финансиските пазари и десноориентираните економисти го сфатија проблемот токму наопаку: тие веруваат дека штедењето ќе произведе доверба и дека довербата ќе произведе раст. Но, штедењето го поткопува растот и ја влошува фискалната позиција на владата. И по двете точки, довербата е поткопана и е придвижена надолната спирала“.

Го сфаќа ли некој ова или, пак, дали сака да дебатира, во Берлин, Париз, Лондон и во Вашингтон. Според она што се случуваше последниве две-три недели, речиси никој.

Во целиот овој пејзаж на безидејност и просечност американскиот претседател Барак Обама е посебна приказна. Вообичаено е да се каже дека американскиот претседател е најмоќен човек на светот. Но, откако се истроши во меѓупартиските надмудрувања во Конгресот за пакетот на штедење, оцената на агенцијата „Стандард и Пурс“ за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД го остави Обама парализиран. Дури по три дена Обама со најголемата моќ што ја поседува – моќта на убедување се обиде со фрази да ја смири големата нервоза на инвеститорите, велејќи дека САД се со три А кредитна доверба без оглед на тоа што „некоја агенција“ сака да го прикаже тоа поинаку. Додека го зборуваше тоа Обама, индексот Дау Џонс падна најдолу за последните девет месеци. Во исто време кинеската агенција Ксинхуа објави остро соопштение: „Кина, најголемиот кредитор на единствената суперсила, го има правото да бара од САД да ги реши структуралните должнички проблеми и да ја осигура безбедноста на кинеските девизни резерви што се во долари“.

Ваквите моменти го обележуваат падот на империите. Дали Обама е свесен за тоа? Тешко би можело од Скопје да се донесе таква процена. Но, јасно е дека уште кога пред три години се појави како светски феномен, Обама е секогаш човек на денот, ја има моќта да го освои вниманието, но е кус со перцепциите за иднината. Повиците за лидерство на Обама стануваат се' погласни од сите политички спектри во Америка – и кај десницата и кај неговата партија.

Влијателниот колумнист на „Вашингтон пост“, Дана Милбенк, напиша: „Најмоќниот човек на светот изгледа чудно како да е без моќ и нерезолутен во времето кога моќни сили ја поткопуваат неговата земја и неговото претседателство“. Џон Мекејн, неговиот противкандидат од изборите, го обвини Обама дека „ја води земјата од заднина“. Познатиот професор по психологија, Дру Вестен, во „Њујорк тајмс“ прашува: „Што се случи со страста кај Обама“ и зошто тој не успева да ги образложи своите политички вредности со душа и срце. Познатиот економист од Харвард, Кенет Рогоф, не успева да најде одговор зошто Обама не знае да ја игра партијата „кога кај себе ги држи сите карти и наместо да се однесува нормално и одговорно, тој прави гигантски отстапки и го слабее своето претседателство“.

Од двете страни на Атлантикот милиони луѓе залудно чекаат дека Обама ќе го обнови глобалното лидерство на Америка.

На прашањето „што се случува со Обама“, психологот Вестен одговара едноставно – „ништо“.

Американските медиуми деновиве пренесуваат една епизода од биографијата на Хелен Гејхеген Даглас, актерка која подоцна стана влијателна политичарка, поврзана со Френклин Делано Рузвелт. Даглас му раскажувала на Рузвелт за една нејзина посета на камп со мигранти и како била емоционално погодена кога видела дека децата немале божикни играчки за барем малку да се развеселат. „Немој веќе да ми зборуваш, Хелен“, ја прекинал Рузвелт. Таа била шокирана кога видела дека Рузвелт плаче.

Коментаторите прашуваат – дали некој може да замисли дека Обама би се однесувал слично? Одговорот е унисон – не!

Обама, кој порасна во средина која е најдоминантна во Америка – ниту богата ниту сиромашна – изгледа дека не се грижи за секојдневните болки на луѓето. Емпатијата никогаш не била негова одлика, ниту, пак, се трудел да го прикрие тоа. Неколкудневните прослави на неговиот 50. роденден во времето кога Америка, а и светот беа обземени со мачните преговори во Конгресот за американскиот долг, грубо ја потврдија тезата дека тој малку гледа кон маките на другиот.

„„Вашингтон пост“ напиша: „Овој претседател беше избран затоа што беше кул. Тој може да биде поразен затоа што е студен“.


#
Статијата е прочитана 1843 пати.

Испрати коментар

Од: USA
Датум: 11.08.2011 03:02:51
Od toa sto Obama im go prodade na 52% glasaci vo USA ostanaa samo bubrezi, toa drugoto, vsusnost, nikogas go nemal.
Од: јазикот_наш
Датум: 11.08.2011 08:38:01
Зошто пишувате лидери? Водачите водат а лидерите лидаат? Унисон = едногласно. Зошто самите си го уништуваме јазикот? Јасно ми е дека некои учени а недоучени мислат дека со користење на англицизми ќе стигнат подалеку арно ама не е така...
Од: Tina
Датум: 11.08.2011 08:57:40
A sto e toa "lideri" ?
Од: Lazen mit i "nisto"
Датум: 11.08.2011 09:03:18
Obama bese samo eden lazen mit po koj se zatrca celokupnata svetska javnost> Duri bez nikakvi zaslugi mu dodeli Nobelova nagrada, na pocetokot na mandatot, koja toj ako imase doblest i moral trebase da ja odbie, bidejci istata so nisto ne ja zasluzi. Poteknuva tokmu od onie sloevi koi vo ovie krizi najmnogu stradaat,a toj napravci najmalku za da im pomogne. Srbite kazuvaat: "Da te bog cuva kad se seljo pokondiri"Na SAD im treba jak lider od tipot na Ruzvelt, Regan i sl.

Најди! во Утрински
Анализа

"""