Број 2854  четврток, 04 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Како се плаќа откуп за грабнат танкер?

Пиратите од Сомалија направија доходовен бизнис вреден 150 милиони долари за една година

МОГАДИШУ - Пиратите во Сомалија заработуваат огромни богатства од киднапирањето бродови и барањата откуп за да ги ослободат пловилата и екипажот - еден официјален претставник процени дека годинава вкупната сума изнесува околу 150 милиони долари. Има контрадикторни информации за тоа колку тие бараат за „Сириус стар“, саудискиот танкер со нафта што го киднапираа минатиот месец, и неговиот товар од два милиона барели нафта, како и за тоа на како да се преговара и да им се достави откупот на пиратите во 21 век?

Од она што може да се собере - како преговорите ќе се одвиваат и како ќе се исплатат откупите - тоа што се случува би било добро за сценарио за холивудски филм. „Без разлика кој процес ќе се спроведе, тие секогаш се одвиваат преку посредник“, советува аналитичарот Сауди Муса за Би-Би-Си Сомалија. „И довербата е суштината на се'“. Фахид Хасан, кој има искуство во преговори, вели дека по влезот на бродот првиот чекор на пиратите е да воспостават контакт со сопствениците. „Сите важни документи се на бродот, па пиратите лесно може да ги дознаат сите детали што им се потребни“, открива тој. „Разговорите се одвиваат преку телефон, главно сателитски, но понекогаш дури и преку СМС-пораки. Пиратите сами не преговараат. Тие најмуваат некого и честопати таа личност е роднина; некој на кого може да му веруваат“. „За ’Сириус стар’ имаше двајца преговарачи. Понекогаш тие се на бродот, а во друга пригода во градот. Преговарачот мора напорно да работи за да ги добие парите, што е многу тешко задолжение. Многу е тешко да се задоволи сопственикот, но и пиратите“, додава тој. „Меѓутоа, откако ќе бидат доставени парите, преговарачот добива дел, ист како на пиратите. Сите на бродот добиваат еднакво“.

Хасан вели дека во минатото откупот се правел со трансфер на пари, но сега сопствениците најмуваат трета страна за директно да ги достави парите. „Тие доаѓаат на бродот или, пак, пиратите одат на нивниот брод за да се изврши примопредавањето на торбите со готовина“, вели тој. „Луѓето што ги носат парите потоа заминуваат; тие го напуштаат бродот за да им овозможат на пиратите да ги пребројат парите. Некои од пиратите имаат машини за броење пари, како и за проверка на исправноста на банкнотите“.

Роџер Мидлтон, експерт за Рогот на Африка во Четам Хаус, изјави дека сопствениците на бродовите најмуваат професионалци, од преговарачи специјалисти до лица од приватни безбедносни компании, за да го направат откупот. „Тие, главно, се поранешни припадници на САС и Британци или Австралијци. Има голем број и од Јужна Африка“, вели тој. Не се знае многу за нив, меѓутоа, едно непишано правило важи меѓу членовите на таквите компании дека за овие работи не се раскажува каде ќе се стигне. Разбирливо, инволвираните се свесни за потребите на нивните клиенти и строгите барања за тајност, бидејќи станува збор за човечки животи. Но, Мидлтон вели дека таквите операции чинат околу еден милион долари, не вклучувајќи го откупот. „Професионалните преговарачи добиваат околу 100.000 долари за нивните услуги, а адвокатите добиваат хонорар од околу 300.000 долари“, објаснува тој.

Во врска со она што се случува зад затворени врати, присуството на преговорите и правните и проблемите околу осигурувањето како резултат на овие киднапирања, Мидлтон вели дека би било фер да се каже оти „повеќето од ова се случува во Лондон“, додава тој. Гавин Симондс, претседател на Одделот за меѓународни прашања во Британската шпедитерска комора, се согласува дека оваа претпоставка е „многу веројатна“, бидејќи Лондон е центар на глобалната поморска индустрија. „Изгледа перфектно уверливо дека вистинското исплаќање на парите за откуп се прави од осигурителни компании со седиште во Лондон“, вели тој. Меѓутоа, Симондс открива дека слушнал гласишта оти некои трансфери се извршени и во Дубаи.

Пиратите бараат откупот да им биде исплатен во употребувани банкноти, вообичаено од 50 или 100 долари, според информациите на оние кои имаат искуство во ваквите преговори. Кенискиот морнар Атман Саид Мангоре, кој повеќе од 120 дена беше заробеник на сомалиски пирати, вели дека тие се познати по поставување многу барања и воведување голем број ограничувања. „Тие понекогаш наведуваат дека сакаат точно 208.000 долари во банкноти од по 100 долари“, вели тој. „Не знам зошто ги прават овие барања. Тие вообичаено не ги сакаат банкнотите долари отпечатени во 2000 година или годината претходно. Ако се испечатени во 1999 година, тие велат: ’Банкнотите не можат да се користат во нашите продавници’“.

Откако сопствениците на бродот ќе ја обезбедат готовината, приватните безбедносни компании ја преземаат работата во свои раце. Тие потоа најмуваат бродови-влекачи, честопати од кениското пристаниште Момбаса, со кој го влечат бродот по на север кон сомалиските води. Потоа лицата на безбедносната компанија се качуваат на бродот со торбите готовина и доволно оружје за да бидат безбедни. Кога ќе се исплати откупот, пиратите се оставаат да ги пребројат парите и им се дозволува слободно да го напуштат пловилото. „Воените морнарници во сомалиските води секако мора да имаат добри идеи за тоа што се случува, бидејќи имаат шпионски беспилотни летала и ги набљудуваат киднапираните бродови“, вели Мидлтон. „Не е познато дали има некаква координација меѓу оние што го исплаќаат откупот и морнариците“.

Дописникот на Би-Би-Си во Момбаса јави дека во претходните два случаја парите за откуп биле доставени до киднапираните бродови од воздух. Тој, исто така, додаде дека и други исплати биле направени со летови од аеродромот „Вилсон“ во кенискиот главен град Најроби кон Сомалија на карго-авиони кои транспортирале стимулативно средство „кат“. Никој не знае кога „Сириус стар“ ќе биде ослободен, меѓутоа, треба да се каже дека преговорите за откуп ќе бидат и комплицирани и деликатни, бидејќи се верува оти вредноста на неговиот товар изнесува 100 милиони долари. И семејствата на 25-члениот екипаж, кои се држат како заложници, се надеваат дека пиратите ќе го исполнат ветувањето дека немаат намера да ги повредат. (Би-Би-Си)


Статијата е прочитана 720 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Акихито се разболе
Сто нации се против употребата на касетни бомби
Рајс бара Пакистан да соработува во истрагата за Мумбаи
Далај-лама нема да оди во Тајван
Зимбабве со нови банкноти
Хуго Чавез бара мандат до 2021 година
Црни денови за кафе-баровите во Франција
Лекар со помош на СМС ампутирал рака