Анализа
Заразните болести поопасни од ракот
Хенри И. Милер
Многу луѓе во сиромашните земји починуваат од видови рак што се превентивни или излечливи во побогатите општества
Ракот понекогаш се смета за болест на побогатите земји, но тој е главна причина за морбидност и морталитет во сиромашните, исто така. Всушност, до крајот на оваа деценија, околу 150 милиони луѓе низ светот ќе боледуваат од рак, при што приближно 60 отсто од нив живеат во земјите во развој.
Иако помалку луѓе од земјите во развој живеат до возраста на која ракот е најзастапен, несоодветната исхрана и еколошката изложеност на вируси и токсини, во комбинација со недостиг од дијагностички и лекувачки опции, ја зголемуваат инциденцата на ракот и смртноста. Многу луѓе во сиромашните земји починуваат од видови рак што се превентивни или излечливи во побогатите општества, но тие често подлежат на други зла, како што се заразните болести. Што би можело и би требало да се направи за оваа загатка?
Маргарет Чен, шеф на Светс��ата здравствена организација (СЗО), и Јукија Амано, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), забележаа во неодамна објавен напис дека системите за здравствена заштита на повеќето земји во развој се замислени да се справат со заразните болести наместо со ракот. Сметам дека тоа е рационална стратегија, со оглед на големиот број жртви што ги предизвикуваат инфекциите, и дека многу од нив можат да бидат спречени и лекувани со релативно скромни трошоци. Дијагнозата и лекувањето на повеќето видови рак во земјите во развој би значело огромни и застрашувачки инвестиции во инфраструктурата. Како што истакнуваат Чен и Амано: „На повеќето им недостигаат финансиски средства, опрема и квалификуван персонал потребен да обезбеди основна грижа за пациентите болни од рак. Триесет земји - половина од нив во Африка - немаат ниту еден апарат за радиотерапија. И тие земји со сигурност немаат финансиски ресурси, објекти, опрема, технологија, инфраструктура, кадар, или обука за да се справат со долгорочните барања за заштита од рак“.
За да почне да ги решава тие недостатоци „работата на ИАЕА подразбира градење капацитет на земјите за радијациска медицина. Но, таа технологија не значи ништо без добро обучен и мотивиран кадар што ќе ја користи“. Таквиот пристап, сепак, е слабо фокусиран и веројатно не е рентабилен. Како што јасно посочуваат податоците на ОН, заразните болести, многу од нив превентивни и излечливи, и натаму се злото на посиромашните популации. Во 2008 година, околу 250 милиони случаи на маларија предизвикаа речиси милиони смртни случаи, главно, деца под петгодишна возраст. Практично во сите сиромашни, маларија - ендемични земји, има несоодветен пристап до лекови против маларија (особено комбинирана терапија што се базира на артемисинин).
Инциденцата на маларија би можела да биде драстично намалена со судска примена на хемиското средство против комарци ДДТ, но ОН и националните регулатори ја ограничија неговата достапност, што се должи на погрешната претстава за неговата токсичност. Стотици милиони луѓе страдаат од други занемарени тропски болести, како лимфна филаријаза и колера.
Иако новите инфекции со ХИВ низ светот незначително опаѓаа во текот на изминатата деценија, 2,7 милиони луѓе се заразија од вирусот во 2008 година, и имаше два милиона смртни случаи поврзани со ХИВ/сида. До крајот на таа година, повеќе од четири милиони луѓе од земјите со ниски и средни приходи добиваа антиретровирусна терапија, но повеќе од пет милиони луѓе кои беа ХИВ-позитивни останаа без лекување. Бројот на нови случаи на туберкулоза во светот се зголемува, а се' поголемата појава на видови бактерии што се резистентни на многу лекови е особено загрижувачка.
Според статистичките податоци на ОН, на околу 15 отсто од населението во светот му недостига пристап до безбедна вода за пиење, а „во 2008 година, 2,6 милијарди луѓе немале пристап до хигиенски тоалет или клозет“, додека „1,1 милијарда се празнеле на отворено“. Примитивните пристапи за управување со отпадоците и натаму шират инфекции, како што се шистозомијаза, трахома, вирусен хепатитис и колера.
Многу видови рак веројатно се предизвикани од хронични вирусни инфекции, што е друга причина дека со сигурност е поразумно заразните болести да се уништуваат со подобар пристап до чиста вода, основни санитарни услови, антибиотици и вакцини отколку да се градат објекти за радиотерапија. Во некои земји од Блискиот Исток, технолошки слаби но богати со нафта, се доставува врвна опрема за радиотерапија (и кардио-пулмонарен бајпас), но никогаш не се користи или се уништува од електрични бранови или прекини на електричната енергија. И многу сиромашни земји немаат ниту едно медицинско училиште и кога нивните граѓани студираат во странство, тие често остануваат таму, или се слабо подготвени за ниска техничка средина толку различна од таму каде што се обучувале.
Иако употребата на скапа опрема, скапи лекови за хемотерапија, и софистицирани и комплексни процедури, како што е трансплантација на коскена срж, не би била разумна, тоа не значи дека би требало целосно да се откажеме лод екување на ракот во земјите во развој. Понекогаш, превенцијата, дијагнозата и лекувањето се ефикасни. Вакцините за спречување на хепатит А и Б (и Ц, кога се достапни) ја намалуваат инциденцата не само на вирусните инфекции, туку, исто така, на последиците како што се цироза и хепатитичен карцином. Јавните здравствени напори да се заузда загадувањето на воздухот и пушењето би можеле да ј�� намалат распространетоста на ракот на белите дробови во Азија и во Африка. Друг пример е ракот на грлото на матката, при што многу случаи може да се спречат со вакцини против хуман папилома вирус. Оцетната киселина може да се користи да се визуелизира ракот на грлото на матката, а потоа може да се лекува со криотерапија (мрзнење).
Крајниот заклучок е дека во свет на ограничени ресурси за здравствена заштита треба да донесеме тешки одлуки што ќе имаат високоефективни резултати за повеќето луѓе по најмала цена.
(Авторот е соработник по научна филозофија и државна стратегија на институтот „Хувер“ приУуниверзитетот „Стенфорд“. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |