Корисниците можат да иницираат нови правила за „Топлификација“
Скопјани можат да добијат поквалитетно греење само со поддршка на локалната самоуправа
Снежана Калабакова
Подобар квалитет во снабдувањето со топлинската енергија, да има греење подолг период, а не од 5 до 21часот, да се помести стартот на грејната сезона, па дури и измена на старите правилници со кои се служат „Топлификација“ и Регулаторната комисија. Сево ова можат да го постигнат граѓаните со помош на локалната самоуправа, доколку таа застане зад нивните интереси, тврдат во Регулаторната комисија за енергетика.
Оттаму сметаат дека кога корисниците ќе настапат поддржани од општините, правилата ќе се креираат заеднички, па во тој случај ќе нема основа за напади врз регулаторите. Со притисок на пошироката општествена заедница може да се иницира и измена на правилниците и законските акти за кои граѓаните сметаат дека се застарени, а според кои работи Регулаторната комисија. Од Градот ги демантираат ваквите тврдења бидејќи, како што велат, тие немаат ингеренции за решавање вакви прашања. Градот не е сопственик на топлификационата мрежа. Од друга страна, пак, граѓаните со договорите што ги склучиле со „Топлификација“ за користење топлинска енергија, всушност, однапред ги прифатиле условите за испорака и за наплата. Од Градот додаваат дека одредени измени се можни единствено ако потрошувачите се организираат во Здружение на корисници на топлинска енергија, кое би дејствувало како правен субјект. Сега Регулаторната комисија има Методологија според која ја пресметува цената и затоа често пати потенцира дека правилата се такви, па да се приклучува оној на кого му одговараат.
„Како пример може да се земе Загреб, каде што граѓаните сами бараа да се вклучи греењето порано. Сметам дека и кај нас општините и граѓаните можат и треба заеднички да дејствуваат и да бараат и поквалите��но и понавремено греење. Минатата година, кога драстично порасна цената на парното за Скопје-Север, Општина Бутел застана зад потрошувачите за да ги заштити и успеа во тоа“, рече Влатко Гаврилов, член на Регулаторната комисија.
Но, Константин Димитров, заменик-градоначалник на Скопје, вели дека минатата година регулаторите не ја намалиле цената на парното за Скопје-Север затоа што зад нив застанала локалната самоуправа, туку затоа што имало елементи за намалување.
„Во други земји се формираат здруженија на корисници, кои потоа можат да дејствуваат како правен субјект и единствено така можат да ги застапуваат правата на граѓаните. Кај нас постои само Организацијата на потрошувачи, која не може многу да дејствува. Ако Градот со одлука издејствува да има греење до 24 часот, а не како што е сега само до 21 часот, ’Топлификација‘ тоа ќе им го наплати на граѓаните, како што тоа го направи и кога грееше во топлите денови“, објаснува Димитров. |