Најлошо од се' е што за нашите колективни 'рбети се „грижат“ безрбетници
Видливо е дека државата повторно се соочува со заострена политичка тензија која се' повеќе добива белег на политичка криза. Начинот како комуницираат нашите главни државни институции по прашањето на изнаоѓање решение со Грците е рамно со поигрување на судбината на сите граѓани во државата. Ни најзакоравените противници на Македонија не можат да и' нанесат толку штета на државата колку што и' нанесуваат нашите водачи. Нивните ниски и провидни игри не можат да се наречат поинаку освен - голем историски срам. Со таков капацитет, достоинство, лицемерие и неодговорност штетно би било да се води и селска месна заедница. Логиката - проблемот да се реши од други, а јас да глумам загрижен водач и да не ми фали ништо - ја нема ни кај најпримитивните племиња. Таму се знае улогата на главатарот. Сосема е јасно дека некој ја посакува само голата власт и привилегиите од неа, но не и одговорноста. Премиерот, кој цело време на јавноста и' ја полнеше главата дека нема да има никакво отстапување од ставот за името на државата, широкоградо се определи да чека тоа горливо прашање да му го реши „граѓанинот“ Црвенковски во Њујорк. Ако веќе не му го признава легитимитетот како институција, не би требало од него да очекува да му го реши или олесни проблемот. Но, познато е дека кај нас логиката и реалноста многу ретко се движат во иста насока.
Државата се движи во добра насока само во силните реклами нарачани од власта, а платени од сиромашните граѓани. И последните анализи на перцепциите на граѓаните во повеќе области на живеењето покажуваат голема празнина во нивните души и тела. Но, власта продолжува ваквата празнина да ја надоместува со скапи реклами, монтажи, конструкции, афери и скандали. Апсењата и судските процеси се дел од тоа што значи пополнување на празнините. Тие се случуваат и многу повеќе ќе се случуваат. На пример, признавањето на Косово што се очекува да се случи во блиска иднина ДУИ ќе ја чини ѓавол и пол. Којзнае што не' очекува наредните денови кога, според сите параметри, нашето водство е притиснато до ѕид за да му го каже „судбинското“ ДА на Нимиц. Колку апсења, афери и монтажи ќе бидат потребни за да се покрие тој настан. Оти нашата власт не знае поинаку да функционира освен во стилот еден морков пред очи и сто стапа по грбот.
Сериозен и државнички пристап кон решавање на проблемот со Грците се' уште нема. Политичките натегања личат на здодевна детска криенка со уште поздодевни и несериозни политички прогнозерски изјави, провидни за секого што има малку интелигенција. Политичката тензија е во пораст и наскоро насобраната негативна енергија ќе бара вентил за ослободување. Животниот стандард покажува негативен тренд. Невработеноста се намалува само поради административна рестрикција на евиденцијата. Околните пазари формално ни се отворени, а фактички ни се затвораат оти немаме конкурентна способност и квалитет. Но, важно да го имаме ’рбетот. Вообичаено е неспособните и неодговорните водачи проблемите ги драматизираат до апсурд, за потоа нивното решавање да биде уште поголем апсурд, зашто проблемот го поставуваат како борба за живот и смрт. Проблемот се драматизира со многу историја и географија, што енормно го надминува балканскиот просечен талент за вакви работи. Се сака на луѓето да им се наметне став дека тоа како живееле нивните предци пред многу векови е поважно од нивниот сегашен живот. На граѓаните постојано им се сервира некаков „историски неповратен момент“, и дека ако тој сега се попушти - готово е со нив. И така, трагајќи по далечното минато ја газиме сегашноста и иднината. На пат сме да ги надминеме Грците. Историјата и минатото заслужуваат почит, но не сум убеден дека почитта треба да биде до ниво - со нашата судбина да управуваат предци од своите гробови.
Перцепциите на граѓаните (и од етничка гледна точка), пред и по Букурешт дијаметрално се разликуваат. Голем дел од населението покажува нервоза поради се' поголемата изолација и самозатворење на државата. Оттука, наскоро се очекува силно да порасне притисокот за јасно и безалтернативно залагање за евроатлантските процеси, што може да биде многу неповолно за сегашното популистичко државно водство и општата политичка ситуација.
Таквиот процес се' уште се блокира со тоа што, наводно, евентуалниот договор би го загрозил националниот идентитет на мнозинскиот народ во државата. Но, се' повеќе на луѓето им станува јасно дека тоа воопшто не е вистина. Прво, националниот идентитет е една многу сложена и мултикомплексна содржина, што ни вековни окупации, ни долгогодишни војни, ни диктатури - не можеле да го уништат. Напротив, таквите предизвици, притисоците или негирањата уште повеќе го зајакнувале таквиот идентитет. Второ, незамисливо е националниот идентитет на еден народ да се укине со администартивна или политичка одлука. Бројни народи денес во светот немаат своја држава, немаат училишта на свој јазик, ни културни институции, но имаат силен национален идентитет. За жал, ваква апсолутна нереална квалификација за наводна опасност од „загуба“ на националниот идентитет искажуваат и некои луѓе од науката, кои имаат клучна морална одговорност за иднината на државата и граѓаните. Тие јасно треба да обелоденат дека ако останеме надвор од чадорот на НАТО и ЕУ, државата тотално ќе се изолира, а граѓаните ќе се соочат со уште поголема сиромаштија. Најголема опасност за Македонија не е напуштањето на митологијата, туку економската стагнација и сиромаштија. Ако продолжи државата развојно да стагнира, а другиот дел од регионот да се развива, тогаш многу нешта ќе се променат во свеста на обичните граѓани. Повеќето од луѓето ќе помислат дека само си го губат времето во ваква неперспективна држава. Кога Бугарија и Албанија развојно ја поминуваат Македонија (а беа многу поназад), тогаш сосема е логично дека, не само овдешните Албанци, туку и мнозинскиот народ ќе почне да размислува за некоја друга попродуктивна опција. Трчањето по бугарски пасоши сам по себе многу говори.
Ние имаме само две опции. Првата е евроатлантската, која ако сега добро се ефектуира, можеме до влеземе во НАТО, да ни се укинат визите, набрзо да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, да имаме сериозни странски инвестиции, вработувања итн. Другата опција е изолацијата, сиромаштијата и се' што оди со тоа. Времето не ни е повеќе сојузник. Сосема малку време имаме за мудри и храбри одлуки. Тацит вели: „Првиот чекор кон мудроста е напуштање на страста за слава“. Но, да се вратиме кај ’рбетите, па искрено да се прашаме - како изгледаат ’рбетите на тие родители што немаат пари да го школуваат нивното талентирано дете? Каков ’рбет имаат многуте млади што не се решаваат да се оженат или омажат оти немаат ни работа ни покрив над глава? А некој сака да ги подучи колку е важно правењето деца. Каков ’рбет имаат тие што се дел од редиците пред странските амбасади за неповратен билет? А што им треба ’рбетот на тие мајки што ги продаваат нивните малолетни ќерки само за да преживеат?
Нашите водачи, продолжуваат решението на проблемот со Грците да го третираат како кршење на ’рбетот. Најлошо од се' е што најмногу за нашите колективни ’рбети се „грижат“ безрбетници.
Najdobro kazano vo kratki crti,vo sve ve podrzuvam.
Од: Ивец
Датум: 04.10.2008 02:20:00
Аферим професоре, во право сте. Само гледате како на овие дечишта од Владата и ММРО им влегла вода во ушите. Им паднала мрежа на очи. Само голи фалби. Но, има едно уште полошо.Како да се заболени од опасна болест: ФАНАТИЧНА ЖЕЛБА ДА СЕ ДОТОЛЧИ, ДО КРАЈ ОСИРОМАШИ СОПСТВЕНИОТ НАРОД
Од: kole
Датум: 04.10.2008 04:15:18
Korektno i seopfatno sogleduvanje na sostojbite... samo tesko razbirlivo za Grujica i negovata kompanija...
Од: Nikola
Датум: 04.10.2008 08:23:50
Odlicno! Licno, nemam kompleksi ni pred amerikancite, nitu pred evropjanite, zatoa sto sum strucen, obrazovan i odgovoren. No, so ovoj nazaduvacki status na drzavava, mi se nametnuva cuvstvo na otsustvo na kapacitet za resavanje na problemi na drzavata, sto mi pretstavuva i licen tovar. Ovaa vlada gi invalidizira gradjanite i firmite. Tie tegnat kon Evropa, kon svetskite pazari, sovladuvajci gi site mozni precki, a Vladata tegne kon izolacionizam.
Од: R.N-B
Датум: 04.10.2008 09:09:52
Go pozdravuvam Utrinski sto deneska ni pomogna da procitame dva prekrasni teksta, za taznata i sramna istina na Makedonija i uste posramniot populizam na "najmakedonskite " vodaci koi so nivniot stav; na vodat direkno vo Bezden, Utopija! Samo, na kogo ovoe e upateno,nam koi sme negde vo dlaboka anestezija,da ne recvam koma?! Ni trebet poveke vakvi lugje, kako ovtorite na ovie dva denesni teksta,pa da se razbudime od "zimskiot son na meckata"! ako toa ne go napravime vednas, ke se pretvorime site vo "VINICANI"( vidi vcerasen Utrinski), a toa im e i celta na POPULISTITE! Bravo profesore i vi blagodaram.
Од: eu
Датум: 04.10.2008 09:18:28
Narode,samo pogledni koj te vodi i ti kroi sudbina,dolgokosiot Vlatko,zatnatiot Ace-Ohridjanecot,isplaseniot Iljo od Veles i bugarinot Protuger.Tesko nam.
Од: ace
Датум: 04.10.2008 09:19:30
Samo covek rastereten od etnicko-nacionalni svacanja moze vakva analiza da napravi.Vprocem
pocituvaniot gospodin go pratam so godini i ne me cudi sto iznesuva vakvi stavovi. Ako makedonskiot narod ne presece togas da ne se zali na nikogo deka nekoj drug mu e kriv.Po se izgleda dojde vremeto da na sekoja godina pravime izbori za da mozeme da gi menuvame sostojbite,oti ceiri godini mi izgledaat kako vecnost i od ovaa drzava da ne ostane nitu poslednata bukva od nejzinoto ime.Razbudise makedonski narode,oti moze da Te zafati zimskiot son a vozot da si zamine.
Од: Читател
Датум: 04.10.2008 09:52:22
Во потполност се согласувам со погоре кажаното.И навистина многу е тешко кога државата ја водат незрели,несериозни и само за слава и лична корист заостанати бесрбетници кои успеваат со манипулации и богат популизам да го шашардисаат народот и со неговите пари да му продаваат реформи,развој и благосостојба.А државата тоне ли тоне во сиромаштија,безизлезност и изолираност.
Од: Citatel
Датум: 04.10.2008 10:09:15
Bravo za odlicniot tekst. Se cudam zasto nema komentari (plateni) od VMRO-ovcite koj obicno plukaat i za mnogu pomali raboti-vistini iskazani od sekoj koj misli poinaku od nivniot drag vodac.
Од: Битола
Датум: 04.10.2008 11:36:18
БРАВО ПРОФЕСОРЕ.Тоае болната вистина за Македонија,ама Груевци ни прават реклами и ни го перат мозокот колку ни било добро.
Од: Igor
Датум: 04.10.2008 12:24:14
Одлична анализа. Мерсел Биљали уште еднаш покажува дека е одличен познавач на состојбите.
Од: ljupco,bitola
Датум: 04.10.2008 12:26:05
G-ne Biljali kolku apsenja ke trebaat da se prikrie priznavanjeto na Kosovo vo ovoj moment?Nasata drzava ima prioritet-zacuvuvanjeto na ustavnoto ime. Za priznavanje na Kosovo ima vreme-neka se strpat malce,pa nie cekame 17 godini da ja doizgradime drzavata.Ne ni trebaat da gi natovarime Srbite i Rusite na vratot za neprijateli-Makedonija si ima dovolno neprijateli.
Од: odlicno
Датум: 04.10.2008 22:36:12
Mi se dopaga napisot i gi cenam razmisluvanjata na profesorot.Gruevski uporno povtoruva nekolku recenici deka nema da ja prejde crvenata linija, pa se vrati na dvojnata formula,koja da sakaa da ja prifatat Grcite problemot ke bese resen mnogu odamna,pa ceka Crvenkovski da go resi problemot vo Njujork a toj sobira gubre po ulicite.Nema hrabrost da se izjasni,ne svaka deka mora nesto da se promeni ili svaka ,no se plasi deka ke izgubi od popularnosta.Treba da mu se sluci "narod", no i toj apaticen i uspan pa na nisto ne reagira...