Ди Карло: Нема посебен американски план за решавање на прашањето за името
Според неа, Македонија не треба да се разочарува дури и ако земјата повторно не добие покана за членство во НАТО
Помошник-заменикот на државниот секретар на САД, Розмари ди Карло, во интервју за Радио Канал 77 изјави дека нема посебен американски предлог-план за решавање на македонско-грчкиот спор за името.
„Нашиот предлог е да се поддржува процесот во Обединетите нации и на амбасадорот Нимиц. Тој е одличен посредник и ние му ја даваме целата поддршка. Но, САД немаат сопствен предлог“, вели Ди Карло.
Според неа, Македонија не треба да се разочарува дури и ако до 9 јули не се реши прашањето со името и ако земјата повторно не добие покана за членство во НАТО.
„Ова е тешко прашање и за Македонија и за Грција. Но, со текот на времето, видовме дека двете страни разговараат, постепено ги приближуваат ставовите. Затоа, неопходен е континуиран дијалог и најголема можна флексибилност од двете страни“, истакна Ди Карло.
За можноста да се распише референдум за евентуалното решение во спорот, Ди Карло смета дека најважно е двете влади најпрво да постигнат договор за името, а потоа да се размислува како тоа решение ќе се реализира на внатрешен план.
Таа верува дека и по евентуалната победа на демократите на претстојните претседателски избори во САД, Вашингтон нема да ја промени својата политика спрема Македонија и регионот. „Во САД, вели Ди Карло, за најголемиот број од прашањата постои степен на бипартиски консензус“.
„ Нашата надворешна политика е заснована врз тоа правило веќе со години. Во последните три администрации, со последните тројца американски претседатели, политиката кон овој регион останува иста. Затоа не гледам никакви промени во тој фокус“, истакна Ди Карло. |